по повод смртта на можеби најинвентивниот македонски
ТВ-творец, Драган Абјаниќ
32
ПОСРЕДНИК НА МИРОТ
26.03.1999
Згасна една од највпечатливите светулки на македонското телевизиско
небо - Драган Абјаниќ. Всушност, не ни згасна, светкаат тие ѕвезди,
па и во исклучените телевизори, па и во снегот на крајот од
програмата, како една фрактална, космички голема емисија од
најразновидни честици, па и фотони, па и стакленца од
андерсеновското големо скршено огледало што се забиваат в очи.
Всушност, треперат тие светулки ако не на друго место (затоа што кај
нас ретко кој се грижи да се сочува вредното ТВ-наследство) тогаш
барем во оние што остануваат да го грицкаат чудниот леб со седум
кори, што вирее во Македонија.
Абјаниќ не беше човек на зборовите туку повеќе им припаѓаше на
сликите и музиката, вешто развивајќи ја својата дарба во компонирање
на визуелни етиди, никогаш не претерано илустративни, ниту премногу
апстрактни, секогаш тука некаде на границите што всушност се
уметност. Но, и покрај неговите огромни заслуги за придвижувањето на
самиот ТВ-медиум кон себе (постојано инсистирајќи на кинематската
димензија на телевизијата), и покрај низата сјајни проекти, Сабвеј,
Бордошжбањ, НЕП, Маргини (од кои некои овенчани и со меѓународни
награди), се добива впечаток дека таквите, кон медиумот (не кон
неговата редукција на политичко или на „информативно”, туку токму
кон самиот медиум) посветени луѓе, каков што беше Абјаниќ (со ноќи
работејќи на неколку секунди од филм, на неколку фрејма), како да се
одвишни во една вербална (кафеанска) култура која баш и нема осет за
визуелните или ликовни аспекти на нештата. Како што и, пошироко,
нема чувство за оние нејзини припадници кои ги продлабочуваат
работите, кои излегуваат од тесните рамки, од еднаш засекогаш
дадените стереотипи, и кои се обидуваат - барем во еден голем период
од својот работен век Абјаниќ се обидуваше - најсосредоточено и
најбескомпромисно да го работат она што ги исполнува и во што
веруваат.
Наместо тоа, се одгледуваат купишта приучени дилетанти, купишта
конфекциски ТВ-работници, колку „системот” да функционира во име на
каузата на оваа или онаа политика, и во име на големата космичка
ентропија. Абјаниќ излегуваше од тоа грубо сфаќање на медиумот, но
излегуваше на својот, тивок и вовлечен во себе, начин.
Се чини дека Драган Абјаниќ, и низ својата телевизиска работа а и
низ својот приватен живот, како нечујно (а всушност многу снажно,
што, за жал и по обичај, го сфаќаме предоцна) да го потврдуваше
фактот дека медиумите не ја одразуваат стварноста, туку дека ја
втемелуваат. Медиумските пораки не се неутрални, како што вели еден
теоретичар на медиумите: „информирајќи нè за светот, медиумите
всушност ги претставуваат различните начини на негово согледување и
негово сфаќање. Оваа улога на медиумите секогаш одново нè принудува
да го преиспитаме вообичаеното мислење, според кое информирањето и
забавата се единствените функции на медиумот”.
На разни начини, Абјаниќ живееше во своите светови и креираше онаква
медиумска стварност каква што му одговараше на неговиот кревок и
суптилен дух. Со тоа својата кревкост ја претвори во креативна
снага. Тоа можеби е и највисоката точка до која може да се допре во
„посредувањето” меѓу себе и стварноста. Како што вели Вергилиј: paci
medium se offert (се нуди да биде посредник на мирот).
Можеби тоа беше улогата и на таа ретка светулка сред нашиот фон од
мрак: да биде посредник на мирот меѓу разнишаните халуцинантни
стварности, од оваа и онаа страна на медиумите, низ кои Абјаниќ
долги години длабеше излез кон некои други светови. Сега конечно е
таму.
|