Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 32        # 34
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


33

МОРАЛНИ ПОУКИ ПРЕД ХАОСОТ

09.04.1999


Делумната парализа на институциите и општата хипокризија и себичност на сите страни, при што товарот жестоко паѓа врз најслабиот, создаваат голема дезоирентираност на луѓето, пред сè во морална смисла (Запад, на пример, им го препушта товарот на ионака кутрите Македонија и Албанија; Македонија, пак, го проследува товарот исклучиво кај ионака најсиромашните албански семејства; НАТО ја опустошува Србија со пацифистичка реторика; Србија го опустошува Косово, а нивните медиуми шират етничка толеранција...). Затоа во текстов ќе се обидам да дадам еден скромен прилог кон, барем, моралната консолидација, која веројатно е услов и за малку поголема живост воопшто.

Најопштиот морален проблем кој се јавува при водењето на вооружени судири (чии детонации во нашето најнепосредно соседство длабоко го потресуваат и нашиот простор) е проблемот на средства и цели. Тој проблем создава остри и сериозни морални недоумици. Дали смее да се мачи затвореник за да се спречи голема несреќа, дали смее да се бомбардира цивилно население поради потенцијален тероризам итн. - се прашања што воспоставуваат две сосема спротивни категории на морални причини. Тие категории Томас Нејџел ги нарекува утилитаристичка и апсолутистичка.

Утилитаризмот му дава предимство на она што ќе се случи. Апсолутизмот му дава предимство на она што се прави сега. Утилитаризмот налага дека човекот треба да го зголемува доброто, а да го намалува злото и дека би требало, доколку е во позиција да спречи големо зло со предизвикување на помало, да го избере помалото. Апсолутизмот, според Нејџел, се разбира, не бара да се занемарат последиците од нечии постапки. Тој дејствува како ограничување на утилитарното мислење, а не како замена за него. Од еден апсолутист може да се очекува да го зголемува доброто, а да го намалува злото, сè додека тоа од него не бара да пречекори некоја апсолутна забрана, каква што е забраната за убиство. „Апсолутизмот е поврзан со сфаќањето на себе самиот како мало суштество кое содејствува со другите во пространиот свет. Оправдувањата што ги бара пред сè се лични. Утилитаризмот е поврзан со сфаќањето на себе како милосрден чиновник што управува и ги распределува добрата. Оправдувањата што ги бара во прв ред се чиновнички.”

Понатаму Нејџел вели: „Можно е да постојат начела, што сè уште не се систематизирани, што би нè оспособиле да решаваме вакви недоумици. Но, можно е и дека не постојат. Мораме да се соочиме со песимистичката можност дека овие две форми на морална интуиција, апсолутистичката и утилитаристичката, не можат да се поврзат во еден, непротивречен морален систем и дека светот може да нè соочува со околности во коишто не постои чесно, или морално исправно постапување што можеме да го преземеме, постапување ослободено од вина и одговорност за злото”.

Во крајна линија, по рабовите на овие две начела, можат да се воспостават разликите помеѓу валкана и чиста борба. Да се бориш валкано значи да не го насочиш непријателството, или насилството кон соодветниот предмет, туку кон споредната цел која може да биде поранлива, а низ која посредно може да се нападне вистинскиот објект. Тоа значи, на пример, да се измачуваат жени и деца, затвореници, болни, за, да речеме, да се скрши отпорот на нивните блиски. Во таа светлина, јасно е, низ овој морален клуч што го сугерира Томас Нејџел, дека српските зулуми врз огромни делови невино население, се екстремно валкани. Но, бидејќи станува збор за огромна воена надмоќ на НАТО, тогаш пак се поставуваат некои отворени прашања и пак се засилуваат недоумиците.

Нејџел резимира: „Иако секој судир помеѓу апсолутизмот и утилитаризмот не создава нерешиви недоумици и иако ми се чини наполно исправно да се прифатат апсолутистичките ограничувања, постојат случаи кога е неможно да се брани позицијата на апсолутистот. Затоа се залагам за една ограничена одбрана на апсолутизмот. Верувам дека тој поткрепува еден правилен и основен вид на морален суд - кој не може да биде надминат или сведен на други начела. И додека може да има и други, исто така основни начела, исклучително е важно да не се изгуби довербата во нашата апсолутистичка интуиција, бидејќи таа често е единствената препрека пред бездната на утилитаристичката апологетика на масовни убиства”.