34
ЗА „ПАТРИОТСКОТО” НОВИНАРСТВО
23.04.1999
Македонските новинари, со својот таканаречен „патриотски” пристап
кон новинарството, дадоа свој не безначаен прилог кон „општата
историја на бесчестието”, деновиве. Лажната дилема: дали прво
професијата или „патриотизмот” (сфатена најслободно можно, т.е.
произволно), уште еднаш им ги поткрши „главите” (т.е. мислечките
делови, не мекотелните) токму и на патриотизмот и на професијата.
Највпечатлив пример за професионалната дезориентираност и за
квази-патриотизмот на дел од македонските новинари беа морничавите
слики од Блаце. Ретко кое од изгубените репортерчиња (изгубени,
впрочем, исто како и властите на оваа земја) ја искористи шансата да
направи животно снажен, автентично човечки прилог за затркаланата
трагедија пред нивните очи.
Став на политикант - да, тоа го имаат репортерчињата. Став на
полицаец - секако, „каде сте тргнале, кој ве пуштил, имате ли
дозвола?”, тоа знаат да прашаат. Став на шпион-аматер (дилетант)
исто така поседуваат. Но, рефлекс на новинар кој бара впечатливост и
релевантност имаат колку што има мртва жаба: незначително.
За новинарот (како и за кој било друг професионалец) недозволиво е
своите (оправдани) стравови пред напливот бегалци, својата
сомничавост кон политиките, својот самосожалив патриотизам (што не е
способен да се реализира и да се насочи) да ги манифестира пред
изгладнети и избезумени луѓе на коишто целиот имот им се наоѓа во
неколку кеси!
Некои од бедните репортери на Блаце со својата вулгарна
несоодветност кон приликите токму наликуваа на наконтената сопруга
на премиерот при пречекот на достоинствената и воздржана јорданска
кралица. Големата шанса за значајни професионални подвизи ја
прокоцкаа низ тој жбирски, готовански новинарски стил, за жал толку
карактеристичен за голем дел од македонското новинарство.
Проблемот, се разбира, не е во репортерите туку во уредниците што го
одобруваат дилетантскиот материјал (извештај од надежниот
шпион-волонтер од месната заедница). Дури би рекол дека нашата
целокупна култура и наука имаат многу мали аналитички капацитети за
воопшто да сфатат што ни се случува.
Тоа, нормално, се гледа и кај уредниците: наместо да ја прикажуваат
драмата на бегалците, неспособноста на власта и одвратното лицемерие
на западните влади и медиуми, нашите уредници се решија за
рестрикции и бајки: земаа да ги бранат македонската полиција и
војска, и да ги напаѓаат НАТО и CNN. Каде бе, другари!? Кон
концептот на новинарство што го промовираат, Милошевиќевите медиуми
веќе во историски рамки прочуени по искривоколчувањата и
крвожедноста? Такво „патриотско новинарство” ни треба и нам?! Ви се
молам! Бомбите над (во) Србија најдобро покажуваат каде води таквото
параноично и военоподбуцнувачко обработување на јавноста.
Се разбира, не ги поистоветувам нашата општа дезориентираност
(изразита и во гласилата) и кабинетското диригирање на Милошевиќ со
омразата и војните низ медиумите; само набележувам дека е тенка
цртата помеѓу дилетантизмот (дезориентираноста) и манипулативното
инструментализирање за оваа или онаа цел. Новинарот, сепак, не може
да биде замена за војникот, чиновникот или политичарот. Најмногу ќе
ù помогне на својата земја ако најпрофесионално си ја извршува
својата работа.
Што, пак, не значи дека постои чиста идеалистичка дефиниција на
професијата. Има тука и политиканство и патриотизам и информација и
манипулација и денунцијанство и пожртвуваност и шпионажа и контрола
и хуманизам... - но токму деликатната мешавина на сите тие нешта го
прави новинарството посебно. Се разбира дека и CNN и BBC се
манипулативни и главно во функција на одредена политика. Но не се
дезориентирани! Имаат став. И тој став сериозно ù го наметнуваат на
јавноста, меѓу другото и низ спротивставувања.
Ќе бидам конкретен: најразочарувачки приод кон бегалската драма, во
смисла не конфузна уредувачка политика, имаа(т) ионака несериозната
Сител, но и, изненадувачки, Телма, која својот во еден кус период
најдобар ТВ-Дневник го претвори во иронична (но не претерано
интелигентна) пресметка со странските медиуми, со НАТО, со
хуманитарните организации, со еден збор: со сите, освен со слабо
способната македонска власт. ТВ-А1 уште еднаш се покажа како
најсериозен чинител во електронскиот дел на медиумите, но бидејќи
општото ниво на покривање на косовската криза беше (е) мошне ниско
(без вистински известувачи, репортери, стручњаци, аналитичари,
уредници), тоа и не е некој комплимент за А1.
|