35
БАЛВАНОТ ВО МОЕТО ОКО
07.05.1999
Најсериозниот тест за својата иднина, од осамостојувањето до денес,
Македонија го преживува деновиве. Доколку политичкиот, културниот,
новинарскиот врв на оваа земја успее да ги отфрли идентитетските
матрици на митскиот „културно-историски” автизам, од една страна
(чиешто олицетворение е Србија под Милошевиќ последниве десетина
години), и, од друга, самобендисаниот „егзистенцијалистички” автизам
(олицетворение: Џафери) - тогаш имаме шанси.
Доколку, пак, потонеме во лелекавото пребројување на нанесените
неправди што овој и оној ни ги направиле, доколку националната кауза
се скамени во митско-романтични шеми еднаш засекогаш дадени, доколку
конечно рационалниот и прагматичен пристап што се базира врз
согледувањето на сопствените грешки не стане основно
општествено-политичко начело - во тој случај никаква милостина,
никакви пари, никакви лаги, никаква добро нафатирана олигархија нема
да можат да нè спасат.
Адекватната самоперцепција можеби е првиот чекор кон едно такво
рационализирање на нашето место на Балканот и во Европа. Ќе наведам
примери за лоша самоперцепција: „нашиот” Борис Стојменов (контра
бездушниот Запад) и „не-баш-толку-нашиот” Арбен Џафери (контра
бездушниот Македонец) - се токму симболи на таа несоодветност. Ситни
измами, лаги, лицемерие, самосожалување, отсуство на визија,
национален ресентиман, но и многу слаби оперативни и организациски
способности - зарем тоа не ги прави исти, во смисла на стратегија и
политика, Стојменов и Џафери?!
Во тој поглед, обајцата всушност се мошне неповолна варијанта за
иднината на земјава, бидејќи само до лоша бесконечност репродуцираат
еден „државотворен” модел кој под бомби ги испушта своите последни
здивови во Косово и Србија. Митско-феудалниот модел повеќе игра на
картата на самосожалувањето, приказните и ситните игри отколку што
се базира врз реални проценки, издржливи пресметки и планирања.
Од друга страна, дури и кога, едноставно, нашата објективна
историска брзина би нè принудила (како што и во моментов нè
принудува) на стратегиски варијанти од типот Стојменов/Џафери
(коишто, повторувам, ги издвојувам не затоа што се најлоши, туку
како прототипови на надминат политички став и говор), повторно
примерот со Србија ни кажува дека „објективната историска
заостанатост” не значи поштеда; или ќе се прилагодиш на глобалните
правила или ќе бидеш изолиран, и тоа на најдрастичен начин.
Не е утешен ни фактот што негативните симболи на сегашната наша
дезориентираност всушност и не ги повлекуваат клучните потези; тоа
го прават големите архитекти, се разбира. Но, говорот, обликувачот
на свеста, на мотивите, на идеологијата, на самочувството на
државава, непоправливо е затруен со неуката ситно-шиќарџиска свест
на малите играчи од власта.
Стојменов кобајаги „ги работи” западњаците (има тој пресметки и за
внатре и за надвор), а Џафери шири племенска демагогија, од
жештината на албанската кауза фанатично ограничен во проценките. И
тој квази-прагматичен и квази-национално загрижен говор потоа
станува општо место во гласилата и, речиси, „глас на народот” (како
што монструозниот говор на Милошевиќ навистина стана глас на
народот). Дури и простото контрирање во рамките на тој регистар и
тој вокабулар е контрапродуктивно; ни треба суптилна но и длабока
промена на ракурсот и на дискурсот, а државните елити и гласилата се
најодговорни за тоа.
Ќе наведам уште еден пример за лоша самоперцепција, од богатата
„српска ризница” последниве години. Имено, православниот теолог
Павле Рак, кој живее во Париз, 1991-та напиша една статија со која
реагираше на повиците за покајание што тогаш на сите страни ги
разгласуваше водството на Српската православна црква. Тогаш буквално
секојдновно, како што пишува Иво Жаниќ, се наоѓаше по некој
лицемерен епископ, со смерно и тажно лице, убеден, се разбира, во од
бога дадената безгрешност своја и на своите сонародници, да
проповеда и набројува колку многу Србите настрадале во историјата, и
немаше ниеден соседен народ којшто не беше прозван за некое злодело
на своите припадници од минатото. Павле Рак на таквите им понуди
едноставна хипотетична ситуација за размислување:
„Да замислиме само што би се случило доколку тие наши непријатели ги
услишат српските повици и се покајат, сите, темелно. Милостивиот
Бог, кој го прима и покајанието на најголемиот грешник, би ги
помилувал српските непријатели, а нас, кои сме убедени дека само
другите треба да се покајат, би нè оставил тука каде што сме, во
пеколот на омразата, бидејќи во него самите се затвораме.”
|