Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 35        # 37
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


36

ВЕЧНИОТ ОРВЕЛ

21.05.1999


Секогаш актуелниот Џорџ Орвел врз ѕидот на своето Министерство за вистината ја напиша славната формула:

ВОЈНАТА Е МИР

СЛОБОДАТА Е РОПСТВО

НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ


Тој роман, 1984 (објавен 1948-та), инаку една од најцитираните и најпознати книги во овој парадоксален век, деновиве го покажува и своето наличје: тоталитаризмот, униформноста, медиумската тортура не се баш исклучиво придобивки на Истокот; крајот на веков како да ги пресврте работите: реалната опасност од тоталитаризам и едноумие во мигов доаѓа исклучиво од Запад, и на тој чуден пресврт секојдневни сме сведоци. Во името на „стабилноста” (ВОЈНАТА Е МИР), „демократијата” (НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ), спречувањето на хуманитарната катастрофа (СЛОБОДАТА Е РОПСТВО) на најрадикален можен начин всушност се уништуваат и стабилноста и демократијата. А за сето тоа време, токму како кај Орвел, трае медиумското перење на мозоците (џојстик војна, џојстици за бомби, телевизори и мозоци) и злоќудното патетично (Клинтон, Блер, како фигури од некој Барби-свет) естетизирање на политиката, што не е ништо друго туку, според Бенјамин, фашизација (кичот како фашизам, зарем и тоа не е орвеловски мотив?).

Така што, среде таа морничавост и навистина мошне блиску до вителот на целиов виртуелизиран, а толку стварен ужас, веќе и не е важно прашањето што некој го постави: дали CNN ги нарачува од НАТО, како од свое воено крило, малите валкани војни што ја зголемуваат гледаноста, или пак НАТО е главниот уредник на западните електронски медиуми; важно е што начисто ни ја демистифицираа - велам, особено нам што сме тука, потчепнати од ураганот - секоја идеја за слобода и демократија, всушност како што направи и Орвел, но со малку поразлични средства од бомби и медиумска тортура.

А кога велам „фашизам” не мислам толку на примитивната српска пропаганда од типот „Адолф Клинтон” (такви турбо-фолк просташтва барем ние се нагледавме), туку можеби повеќе си приспомнувам на Данило Киш, кој вели:

„Фашизмот започнува со реченицата:

Да, ние сме примитивни, но

тие се дивјаци;

Да, ние сме пијаници, но тие

се алкохоличари;

Да, ние убиваме, но тие колат...”


Од тие причини - да ги гледаме ронките во своите очи - сите мои досегашни текстови од почетокот на војната на НАТО против СРЈ, беа насочени кон нашите неспретности и глупости, кон конфузијата во Македонија, и на морален и на политички и на секој друг план. Сметам дека тоа и понатаму ќе биде најконструктивниот ракурс во премрежињава. Но, степенот на манипулативност, перфидност и себичност што изминативе месеци ни го демонстрира Западот, едноставно мора да се регистрира, за памет и за скепса. „Бесплатно сирење има само во стапицата за глувци” - отприлика е поуката што можеме да ја извлечеме, така понизно клекнати пред големиот Западњак, страшниот сопственик на шарени стакленца (што, о да, калеидоскопски и магиски ги одразуваат животот и смртта, минатото и иднината на сите нас).

И да се вратиме на Орвел: „Нападите на НАТО врз СРЈ покажуваат дека некогашниот Варшавски и денешниот Атлантски сојуз всушност и понатаму се близнаци, не само на зборови туку и на дела. Хавиер Солана во мај 1999-та го изјави истото она што го изјави Леонид Брежњев во август 1968-та кога ја командуваше 'сојузничката' инвазија врз Чехословачка:'Атлантскиот сојуз мошне јасно рече дека не е подготвен само да држи говори за заедничките вредности, туку и дека е спремен да ги брани, секогаш кога се загрозени'. За да се оправда тенковската инвазија врз Чехословачка, доволно е само зборот Атлантски да се замени со зборот Варшавски” - вели аналитичарот од Хрватска, Дејан Јовиќ, кој резимира: „Западот можеби сè уште не гледа (како што ни Истокот не гледаше 1968-та) дека бомбите врз СРЈ се почеток на неговиот крај во ваква форма. Во СРЈ, имено, не се бори само Милошевиќ за својот живот и за опстанокот на својата земја. За сопствениот опстанок се бори и НАТО и затоа тој - како што денес секојдневно говорат западните политичари - едноставно не може да допушти да ја загуби војната што толку брзоплето и без ум ја започна. Кутриот Запад, меѓутоа, не гледа дека оној Исток што него го одржуваше во живот веќе десет години е мртов. Сега нему му е редот”.