37
МОЧУРИШЕН УНИВЕРЗ(ИТЕТ)УМ
04.06.1999
Лошата слика за Македонија во светот делумно се должи и на многу
ниската маркетиншка култура кај нас. Во случајов, проблемот
дефинитивно не е во парите. Доказ се, на пример, вџашувачки
невкусните медиумски кампањи по повод конгресот на владеачката
партија и по повод 50-годишнината на скопскиот универзитет. Кој,
пак, ги видел званичните државни сајтови, или дизајнот на нашата
држава воопшто (брошури, меморандуми, визитки итн.) јасно му е зошто
во медиумите на поразвиените држави сме претставени како примитивно
балканско племе. А се разбира дека таа поразителна слика влијае врз
тоа како нè третираат (како недоветни) и е еден од клучните фактори
зошто Западњаците дури и во сегашнава ситуација не ги купуваат
нашите производи. Како сè уште да не сме разбрале: имиџот не е
проста паковка туку дух-придвижувач кој манипулира со подлабоките
емотивни и психолошки слоеви на „гледачот” и на „потрошувачот”.
Каков однос, на пример, можете да имате кон универзитет чиешто
одбележување на 50-годишнината од постоењето, според свежината и
духот на изразот, наликува на некаква патриотско-затапувачка
ЈНА-кампања за упис во виша офицерска школа од 1960 година?! Станува
збор за дух опериран и ослободен не само од креативност туку,
воопшто, од вкус и ум. Плакатот и кичерските златни покани (па,
такви „златни” работи веќе ни за свадба не се прават!) со
најужасниот „старословенски” фонт (отфрлен дури и од дизајнерите на
ВМРО-ДПМНЕ!) најдобро сведочат за тој заостанат и малограѓански
светоглед.
Некој рече Мала Речица?! Ете ја, една малку поголемка Речица, во што
се претвори, за жал, некогаш солидниот и скромен скопски универзитет
чијашто најважна доблест беше токму напорот да се достигнат одредени
поразвиени универзитети. Сегашниов, пак, наместо пловидба кон
некакви поуниверзални хоризонти, потона во локалните вирови,
затрупан од самобендисани, самодоволни, арогантни и провинцијални.
Се разбира дека меѓу двете илјади професори и наставници има стотици
кои не се такви, кои се обидуваат да одржат чекор со актуелните
знаења, кои се пожртвувани и насочени токму кон создавањето подобри
генерации. Но, она што преовладува е духот на паланката. Ако некој
за момент и помислил дека универзитетот куртули од фигурите од типот
Климовски/Кипријанова/Филип Петровски, сега гледаме дека се излажал:
духот на тој универзитет (кој всушност е слика и прилика на елитата
на државава) длабоко е затруен со политикантство, калкулантство,
кусогледост и анахроност. И ако некому во оваа земја му требаат
„најрадикални можни реформи” (во склад со „драматичниот
дисконтинуитет” што го најави Тупурковски) тогаш тоа не е
стопанството туку универзитетот и институциите од културата, кои
треба да бидат први во менувањето на духот и сликата за нас самите,
и кон внатре и кон надвор.
Но, кому да му се кажат овие тривијални мудрости? На министерот за
култура кој не знае ни за Венецијанското биенале, а камоли за
потребата од некаков посовремен дизајн?! Или на министерот за
образование, кој наликува на оние шашардисани механичари од
карикатурите кои механизмот ќе го расшрафат до последната жичка, без
никаква идеја како повторно да го склопат? На такви комесарски
кадровици да им се предложи комбинација од радикалност, визионерство
и суптилност?! Сечење на шака, десет по задникот, СДСМ-овците во
магарешка клупа, веронаука - тоа да, за таквите министерски профили.
Но - суптилност, визионерство!? Во некој друг скеч.
Така што, горди „педесетгодишни” Македонци, не им се потсмевајте на
кутрите од Мала Речица; јазот и не е толку голем, особено ако сме
избрале погрешна насока, и едните и другите. Ако Голема Речица
својата смисла ја наоѓа во триумфот над Мала Речица - стварно далеку
ќе стигнеме, патки чиишто универз(итет)ум е нивната смрдлива бара.
Или можеби сепак мислите дека проблемот е само во нашата медиумска
несмасност? Дека за презирот што го добиваме од Запад, за чувството
на безнадежност, или пак за грозните услови за студирање, празните и
тапоглави студенти („со таа универзитетска фабрикација хемиски
исчистени дури и од својата природна интелигенција”, според
Гомбрович), дека за сето тоа можеби пак се виновни парите што ги
нема и непредвидливите историски виори? Ако така ви е полесно -
тогаш добро. Моето мислење е пред вас.
|