38
ЛАГАТА КАКО ПОЛИТИКА
18.06.1999
Меѓу политичарите раширено е убедувањето дека политиката половина се
состои од создавање привиди, а половина од вештината луѓето да бидат
наведени да поверуваат во тие привиди, без оглед на „фактите”. Така
што луѓето и понатаму треба да ја знаат старата изрека дека
политичарите можеме да ги разбереме само ако ги гледаме во нозете, а
не во устата.
Директната лага и пресметаното прикривање, како што Хуго Гроциус
истакна во De jure beli ac pacis(1625) отсекогаш биле сметани како
легитимни средства за остварување на политички цели. Но, последниве
децении, како што вели значајниот критичар на западната демократија
Џон Кин, склоноста кон „методите на дефактуализација” (Хана Арент)
доби нови форми. „Вештината на политичкото лажење ги усвои
непоколебливиот шарм, лигавата добра волја и слаткоречивите тактики
на агентите за односи со јавност од авенијата Медисон. Таа вештина
ја применуваат многубројните владини прес-советници: ги заведуваат
новинарите на погрешен пат, ги смируваат духовите, ги усреќуваат
новинарите, монтираат приказни за јавна потрошувачка будно
внимавајќи да бидат веродостојни.”
Овој политичко-медиумски концепт своето Јанусово лице ни го покажа и
нам, и тоа во една радикална форма: искезен и под шлем, апсолутно
бескрупулозен во остварувањето на своите сомнителни цели. Со намера
да се „стабилизира” регионот и да се спречи „хуманитарната
катастрофа” лигавите јапиевци мајка им расплакаа на Албанците, пред
сè, но и на Србите, па и на Македонците, па и на целиот регион. Дека
злогласниот и во третокласен наци-романтизам потонатиот регион
(Балкан) тоа (расплакувањето мајка) и го заслужил - речиси нема
сомневање. Но, дека западњаците одиграа уште една од своите
многубројни, последниве векови, валкани хегемонистички игри - и во
тоа нема сомневање. Притоа, главни адути во играта беа лагата и
лицемерието.
Идеологијата на лажна одговорност стана владеачка идеологија на
западниот воен и политички сојуз, вели хрватскиот новинар Виктор
Иванчиќ. Без таквата индустрија на свеста, потпомогната со модерната
воена технологија и со софистицираната медиумска пропаганда -
резултатот на Атлантскиот сојуз во „спречувањето на хуманитарната
катастрофа” ќе беше морално неодржлив.
„Подготовките на јавноста за прифаќање на логиката одговорно
преземање на неодговорност беше постигната со идеолошко брифирање и
со испланирана пропаганда. Технолошката симбиоза помеѓу борбените и
информативните средства ја ослободува јавноста од моралните кочници
и од психолошките инхибиции. На редовните прес-конференции на НАТО
„објектите” на нападите беа претставени со сателитски снимки, при
што разорните експлозии изгледаат како грчења на едноќелиски
организам под микроскоп.”
Идеологиите во експанзија имаат склоност апсолутно да го занемарат
изворниот мотив (некогаш, во комунизмот: „праведноста, еднаквоста”;
денес, во либералната демократија: „човечките права” и
„хуманитарните принципи”), притоа безмилосно тргувајќи со туѓите
животи во име на „конечното решение”. Фактот дека животите на
другите се жртвуваат со огромна леснотија, вели Иванчиќ, само
покажува дека зад трогателната фраза за „одговорноста” се крие еден
империјален цинизам кој примената на „универзалните вредности” ја
испорачува во „локални” апоени од човечки животи.
Но, можеби најновите балкански тумбања ќе ги подотворат очите и во
поширока смисла?! Ја знаеме славната изрека на Хераклит, дека
војната е татко на сите нешта. Искуството на Втората светска војна
беше татко на денешната Европска унија. Можеби оваа војна, како што
вели Тимоти Гартон Еш, на крајот од оваа деценија ќе нè научи да го
направиме она што требаше да се направи на почетокот: да се гради
либерален поредок за цела Европа. Но, коментира Еш, знаејќи ја
Европа, не би сметал на тоа.
|