39
СПОРТСКИ ЖУРНАЛИЗАМ
02.07.1999
Веќе десетина години НБА-финалето за мене е настан кој заслужува
земање годишен одмор - еден од ретките настани со навистина
планетарно значење, без притоа да биде естетски мизерен и
популистички додворувачки (како, на пример, поголемиот дел од
холивудската продукција), и без да биде онака лигаво и патетично
идеологизиран, нашминкан и исклештен како еден просечен американски
претседател. За разлика од преовладувачките мега-медиумски матрици
(естрадни трачеви а ла Моника Левински), НБА кошарката многу
поавтентично допира некакви митски (архетипски?!) слоеви на нашата
потреба од масовна забава. Борба, вештина, херои, губитници,
витештво и, можеби пред сè, совршена организација, процедура и
правила. Токму „Запад” во своето најдобро издание, кое што ние, под
пресијата на нивните бомби, лажни ветувања и лекови со изминат рок,
речиси и го заборавивме.
И одново, во светлината на НБА финалето смешното европско првенство
во кошарка делува речиси трогателно, како некаква регионална лига.
Разликата меѓу тие два света, две лиги, најдобро ја оцртуваат токму
коментаторите што ни ги пренесуваа двата настани: крајно
супериорниот Љубомир Николовски (веќе сега, најдобриот македонски
коментатор на сите времиња, си дозволувам да кажам, како еден
скромен прилог кон текстот на Миленко Неделковски од минатиот Форум)
и, од друга страна, крајно инфериорниот - речиси карикатурален во
својата немуштост и неукост - Игор Паневски, коментаторот на Сител
(кој, на пример, според фацата проценува дали некој може да биде
тренер, стимулира груби фаули, безмилосно меле тривијалности, сто
пати повторува иста работа итн.).
Љубомир Николовски, пак, од година на година ги подобрува своите
ионака прилично високи стандарди за тоа што значи спортски пренос;
најпрвин, тој поседува восхитувачка компетенција која не завршува во
некакво тренди-познавање на актуелностите (но и тоа, се разбира!),
туку оди многу подлабоко, во историјата на играта. Освен тоа,
Николовски не ја познава добро само историјата на американската
кошарка, туку со истата страст ја познава и европската; притоа, не
станува збор за студено, архивско знаење на подготвен штребер, туку
за знаење пренесено со многу љубов. Понатаму, тој не само што
фановски ја знае и чувствува кошарката, туку е и еден од ретките
коментатори што подлабоко ја разбира структурата на самата игра, и
во тактичка и во стратешка смисла; освен тоа, има истенчено чувство
за непристрасност и фер-плеј; освен тоа, пристоен е, не тропа
глупости, а сепак има едно фино чувство за хумор и спонтаност (на
коешто топлина му даваат скопските баскет-жаргонизми од типот: „имаш
ли летачка дозвола!”; но и жаргонизмите Николовски ги држи под
контрола, умерено, за да не стане фриволен, секогаш враќајќи се кон
суштинските нешта: коментирањето и анализите на самиот натпревар);
освен тоа, има остро око (посебно за фаули; за тројки баш и не);
освен тоа, знае и да ве релаксира, да замолчи, да биде самокритичен.
Со еден збор: Николовски е просто неверојатна појава за македонските
телевизиски стандарди, особено спортски, каде што навикнавме да
гледаме радио коментатори од 1950 г. (Зоран Михајлов), патетични
киксери со лексички фонд од 300 зборови (Атанас Костовски) или пак
луѓе што елементарно не го познаваат сопствениот јазик (Зоран
Поповски). За младиве, пак, спортски новинари, посебно од Сител,
воопшто и да не зборуваме: чиста провинцијална катастрофа, со
маалска спортска култура на ниво на десетгодишни деца
(импресионираност со фрази, пристрасност, неумерен
/локал/патриотизам итн.).
Сево ова го зборувам не толку за да го фалам Николовски или за да ги
поплукам повеќето други коментатори, туку за да ја оцртам врската
помеѓу квалитетот на македонскиот спорт и неговите „популаризатори”;
дефинитивно сум убеден дека за ужасните односи што владеат во нашиот
спорт и што реперкуираат со мизерни спортски резултати, свој не мал
удел имаат токму лошите спортски новинари кои до бескрај и до мачење
развиваат еден ист фразерски и неискрен однос кон спортските
настани. А над сè, на сите тие матни
политичко-директорско-медиумско-спортски кругови им фали основната
спортска култура, базата на сè: фер-плејот, цврстите правила и
процедури. Без тоа нашиот спорт наликува на селска рашомонијада и
локален безизлез. Меѓу другото, тоа е една од причините зошто нашите
спортисти, дури и кога можат да победат на меѓународно ниво, паѓаат
„на психолошки план”. Немале каде да видат џентлменство и херојство,
освен на телевизија, за време на НБА-финалето.
|