Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 39        # 41
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


40

МЕДИУМСКО ОБРАЗОВАНИЕ

16.07.1999


Во шеесеттите години, под влијание на брзиот развој на масовните комуникации (пред сè, телевизијата), во круговите околу УНЕСКО се појави изразот медиумско образование. Темите од кои произлезе овој израз беа: моќта на новото магично средство за описменување на широките народни маси, неопфатеноста на медиумите во постоечките воспитни структури и недостигот од квалификувани стручњаци за медиуми, двоумењето на наставниците да ја прифатат телевизијата како легитимен пристап до знаењето, неопходноста од критичкото разгледување на опасностите од медиумската манипулација...

Телевизијата тогаш беше прифатена во образованието, но повеќе како прислужна алатка и техничко средство, а не како моќен политички и општествен чинител.

Во меѓувреме, со зголеменото значење на медиумите, нарасна и потребата за „медиумско образование”, но не во смисла на воведување на едукативни медиуми кои ќе го помагаат традиционалниот процес на учење, туку „медиумското образование” пред сè почна да се занимава со стекнувањето на способноста за критичко читање на медиумите, и печатени и електронски. Целта е да се намали дистанцираноста од медиумите, преку разбирање на нивното функционирање, но и нивно поставување во различни перспективи во однос на системите во коишто тие се развиваат.

Во едно значајно дело (Teaching the Media, 1985), Лин Мастерман набројува седум суштински причини за неопходноста од воведување на медиумско образование:

-високата потрошувачка на медиумите и презасистеноста од нив;

-идеолошкото значење на медиумите, посебно рекламите;

-појавата на информационо раководење во претпријатијата и владините служби;

-растечкиот продор на медиумите во демократските процеси (изборите пред сè се медиумски настани);

-зголеменото значење на визуелната и информационата комуникација на сите полиња (само училиштето сè уште предност им дава на печатените материјали);

-очекувањата на младите да бидат образовани така за да можат да го разберат своето време (каква е смислата на образованието и изградбата на индивидуалната култура, ако грижливо се избегнуваат технолошките средства и преиспитувањето на вредностите на своето време?);

-националниот и меѓународниот растеж на приватизацијата на сите информациони технологии (кога информацијата ќе стане производ, нејзината улога и особините се менуваат).

Џон Кондри вели: „Училиштето треба да ги научи децата како да ја користат телевизијата. Кога децата ќе разберат дека стекнувањето на материјални добра не е највисока цел во животот, и дека вредностите што се препорачуваат во емисиите и рекламите се во противречност со вредностите што ги учат во училиште, тоа веќе ќе биде нешто. Наместо што се однесува како телевизијата воопшто да не постои, училиштето ќе мора на децата да им предложи дискусии за емисиите и идеите што им се нудат. Треба да организира педагошки програми, чијашто задача е децата да ги направи гледачи способни за критичко промислување. Децата треба да добијат видео опрема и да прават мали претстави и рекламни спотови, за и самите да можат да станат свесни дека со помош на една камера сосема лесно може да се преобрази и деформира стварноста”.

Се разбира, темата „медиумско образование” (некои го претпочитаат изразот „медиумите во образованието”) е премногу комплексна за една новинска статија. Освен тоа, нашиот мрачен општествен контекст (посебно во деликатните сфери на образованието и културата кои ги водат министри крути, анахрони и патријархални, налик на оној монструозен очув, симбол на ригидноста, од Бергмановото ремек-дело Фани и Александар) баш и не дозволува размавтување на некои нови демократски принципи.

Сеедно, чувствуваме дека иднината на ова општество, меѓу другото, зависи и од нашата способност да ги совладаме информациите и комуникациите и да научиме критички да ги читаме медиумите. Како што вели Жак Гоне: „Денес, утре, на кој начин ќе ги воведеме образовните програми поврзани со медиумите? И какви медиуми ние навистина сакаме? Тоа е поинаков начин да се разоткрие мачното прашање што всушност е клучно: кои вредности во нашето општество сакаме да ги поттикнеме? И дали е потребно секоја епоха одново да ја учи и пресоздава демократијата?”