41
МАМКИ ЗА МИСЛЕЊЕТО
30.07.1999
Пред 400 години, големиот мислител Френсис Бејкон (1561-1626)
докажуваше дека постојат четири најопасни мамки (илузии, заблуди) за
мислењето: idola specus (идоли на пештерите); idola tribus (идоли на
племето-родот); idola fori (идоли на пазарот или плоштадот);
idola thetri (идоли на театарот).
Кога денес би го погледнал светот Бејкон би сфатил дека токму
заканувачките идоли станаа оски околу кои се врти глобалната мисла,
златни телиња пред кои постојано се поклонуваме и принесуваме жртви.
Сведени на нивната инструментална и функционалистичка димензија,
мислите што денес преовладуваат во „глобалниот етер” главно се
креираат во медиумските лаборатории. А основата за тој планетарен
психо-инженеринг токму се фамозниот родовски егоизам што раѓа
тесноградост и племенската себичност што произведува кусогледост.
Потоа се додаваат огромни дози евтина „пазарџиско-театарска” забава
или манихејски поедноставена идеологија во која виновник секогаш е
Другиот. На тој начин „однегуваните” мисли („култури” во епрувети)
добро го илустрираат денес доминантниот пештерски светоглед:
племињата главно се распоредени во своите држави-пештери, а доколку
некој, од разноразни причини, се најде надвор, изложен (Курди,
Палестинци, Албанци, Срби, некогаш Евреи, Ерменци, Грци протерани од
Турција, Турци протерани од Бугарија, Македонци протерани од Грција...
бескраен е списокот на избрканите од пештерите - доколку имале среќа
да не бидат отепани), тогаш стражарите на пештерите земаат долги
стапови и ги буткаат бездомните - како некогаш хордите со чума пред
забарикадираните ѕидишта на градовите, што подалеку.
Зарем не е систем од пештери глобалната заедница во која 20% од
луѓето на планетава („златната милијарда”) трошат 85% од светското
богатство, додека најсиромашните 20% од населението (црната
милијарда) трошат само 1% од светските приходи?! Какво е тоа
уредување, ако не токму родовско-феудално, во кое нето богатството
на десетмината (10) најбогати луѓе изнесува околу 150 милијарди
американски долари, повеќе од вкупниот приход на педесетината (50)
најнеразвиени држави заедно?! (податоци: УНЕСКО)
Притоа, тенденциите водат во уште поголем јаз меѓу богатите и
сиромашните; богатите и понатаму ги штитат своите пазари со помош на
квоти, субвенции и тарифи, а сиромашните се принудени да ги отвораат
своите пазари за да бидат поплавени од евтин увоз.
На политичко-економскиот концепт на светот му е потребен генерален
ремонт - тоа го согледуваат дури и луѓето од врвот на планетарниот
естаблишмент, кои токму енормно се збогатија во таквите околности;
Џорџ Сорос, на пример, е еден од оние моќници кои додуша мошне
задоцнето сфаќаат дека на беспоштедната либерална демократија ù
треба малку повеќе чувство за солидарност, т.е. вградување на
одредени социјалистички принципи.
Медиумите, пак, како да се кристализација токму на баналните идоли,
речиси олицетворение на сето она од што се плашеше и на што
предупредуваше Френсис Бејкон; тие се најголемите вознесувачи на
тривијалноста, и тоа од сите четири типа: пештерски светоглед,
племенска контрола, Мамон - универзален бог и шоубизнис наместо
уметност.
Но - се разбира, се разбира - духот на Френсис Бејкон не може
туку-така да исчезне. И понатаму постојат бројни умни луѓе на кои (само)критичноста
им е императив, сепак постојат и гласила што комплексно и длабоко ги
премеруваат нештата без да му слугуваат на овој или оној центар на
моќ, постојат дури и државни системи (во Скандинавија, на пример),
кои се обидуваат клучни општествени премиси да бидат солидарноста,
грижата и хуманоста, и тоа не од маркетиншки туку од структурни
државни потреби.
Дали тивкото постоење на слабо експонираниот „позитивен филм” е
доволно за некаква поцврста надеж за човечкиот милениум пред нас -
веројатно повеќе е прашање на срцето отколку на умот кој го гледа
целово бесчестие околу нас. Меѓу другото, начинот на кој ќе се
одвива најавената „обнова” на Балканот („југоисточна Европа”)
веројатно ќе биде важен знак за тоа која иднина досега мошне
неодговорните планетарни планери му ја подготвуваат на човештвото.
|