Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 41        # 43
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


42

ПАТКОВГРАД

10.09.1999


Почетокот на изборната трка за претседател главно изминува предвидливо и на прв поглед мирно. Но, под (емајлираната медиумска) површина работите, се разбира, не само што не се мирни туку се бурни. Впрочем, токму како што треба во државата Патковград: политичката патка (аристотеловото животно), според старите лукави политички вештини, горе, на површината, треба да делува стамено мирно и сталожено, но долу, вон погледите, треба да весла со нозете како да ја гони ѓаволот лично! Кој го знае ова врвно политичко умеење, тој има шанси да опстои малку подолго среде тажнава ветрометина, среде исто толку опустошеното од реалност царство Дизниленд.

Но, политиката не би била најстариот занает на светот (заедно со еден друг), кога не би знаела токму бесмисленоста и виртуелноста да ги претвора во свое оружје. Дури и кога е химера и помпа (архаичниот „метафорички” дискурс на Љубиша Георгиевски, на пример), дури и кога „апстрактна” и демагошка (како онаа на Тупурковски), или пак лигаво сервилна (како на „војникот на партијата” и „слугата на народот” Борис Трајковски) политиката од петни жили се труди да биде синоним за стварноста. Како друга стварност и да не постои освен виртуелната реалност на политиката.

Така доаѓаме и до медиумите кои ги „прокрвуваат” химерите и ги полнат со воздух (со голема празнина) балоните на политиката кои понекогаш наликуваат на метеоролошки балони (да се испита „климата” меѓу луѓето), понекогаш на гео-стационарни сателити (во својата желба да доминираат и контролираат), но најчесто - особено во време на избори - станува збор за панаѓур на маски, изборен карневал на чијшто крај се опуштаат уморните од кезење и ветувања фаци и сè (целата на час напната „реалност”) се враќа во млохавоста на нераспната циркуска шатра - што, горе-долу, со пар неславни обиди да се подигне „зданието”, е наша општествена состојба од осамостојувањето наваму - млохавост и испумпаност.

Башка, некои од медиумските опслужувачи не знаат ни да пумпаат, или пумпаат на погрешни пунктови. МРТВ и „Нова Македонија” се веќе историски примери во континуитет, како се подрива власта со понижувачко улизување спрема неа.

Постојат и обратни примери, како неумерено пристрасната опозиција всушност работи за власта. Тајванците, на пример, ми станаа мошне симпатични (всушност, само се потенцира големиот цивилизациски јаз меѓу нас и нив, во нивна корист, се разбира) дури откако „Телма” нецивилизирано почна да се подбива со нив.

Дневниците на таа телевизија, пак, за време на НАТО-нападите врз СРЈ беа школски пример за тоа како не треба да се прават вести: пристрасно до граница на невкус, со мошне недуховита иронија во коментарите и со емотивност на ниво на Касандра.

Но, сето тоа ќе се простеше да постоеше било каков промислен и принципиелен политички став зад тоа. Таков став „Телма” немаше туку едноставно потпадна под воената хистерија и речиси почна да шири паника и несигурност меѓу луѓето, играјќи на картата на стереотипите и предрасудите, токму она што е најголемиот непријател на секое професионално новинарство. Во конфузијата предничеа Емилија Лазаревска и Искра Новаковска (Немтур број 1, најнегативната фаца во целиот мрачен македонски дел од пеколот/етерот, заедно со спикерчињата на МТВ бутнати во кичерајската сина сценографија на дневниците кои со новата власт ја добија и најлошата шпица во историјата - дречава, шарена и претрупана, без минимум графичка култура, токму по стандардите на малограѓансково совремие).

Всушност, текстов може да се чита и како реакција на А1-Трибината на Оливера Трајковска со некои од највлијателните македонски новинари. Ако интелектуалните и аналитичките капацитети (па и изгледот и кафеанската лежерност) на најмоќните создавачи на јавното мислење се навистина такви какви што изгледаа (Никола Младенов, на пример, никако да сфати дека телевизијата поразорно го уништува неговиот углед од сите скопски сплетки заедно; таквиот спој меѓу сомнителен цинизам, ароганција и слаба самоконтрола е поразителен за која било јавна личност), тогаш пак констатираме: политичариве дури и ни се добри.

За разлика од (и)реалноста што ја живееме, на територијата Патковград во царството Дизниленд.