43
„ТУТУНОБЕРАЧИТЕ”
24.09.1999
Еден од повидливите докази дека живееме во банана-држава во која
законите се растеглива вештина на импровизирање и во која
населението всушност е суровина за богатење на тенкиот слој
властодршци - е политиката на рекламирање на светскиот убиец број 1,
тутунот. Иако рекламирањето на цигари и алкохол би требало да биде
ограничено, буквално на секој чекор (билборди, паноа, весници,
телевизија...), без никакви знаци на предупредување нè заплиснуваат
рекламите на моќните тутуно-производители, претворајќи ја земјава во
канцерозен Елдорадо.
Бизнисот со цигари кој наидува на сè посериозни пречки во Западниот
свет (поради докажаното огромно влијание на тутунот врз прераната
смртност), полека се сели во Третиот свет, кон кој еден дел од
Источна Европа, наспроти декларативните залагања, сè повеќе тоне.
Работата сликовито ја опишува еден американски тутунски директор:
„Во Унгарија, на пример, постои многу слаба свест за здравјето и за
проблемите на човековата средина. Пред себе гледам најмалку десетина
години за отворена игра на профит”.
Додека Истокот се труе, Западот веќе триесетина години ги прогонува
цигарите. Британија, на пример, во 1970-та имала најголем број
смртни случаи во светот поврзани со тутунот. Оттогаш бројот на
пушачите е намален за половина, а бројот на смртните случаи во
средните години се преполови, од 80 илјади на 40 илјади годишно.
Авторот на една студија за пушењето на Светската банка, Ричард Пето,
тврди дека за позитивните промени во Британија клучна улога одиграле
медиумите, потоа следени од граѓаните и политичарите.
Смртните случаи поврзани со тутунот претставуваат 20% од, според
проценките, осумте милиони умрени од рак секоја година, при што
процентот се зголемува.
Кај нас нема дури ни соодветни и авторитетни податоци, или се пак
далеку од медиумите коишто, судејќи по бројот на рекламите за тутун
во нив, очевидно и немаат интерес да ја отвораат темата од врвен
интерес за здравјето на граѓаните.
Башка, и кога одредени бескрајно анахрони институции од епохата на
соц-реализмот, кобајаги симулираат некакви диспанзерски акции против
„болестите на зависност”, тоа го прават на таков депласиран начин
што не само што оставаат трагикомичен впечаток и легендарни
маркетиншки бисери на глупоста, туку создаваат и контра-ефект,
зголемување на „болестите на зависност”.
Најилустративни се последниве неколку кампањи против дрогата; од
глупавите плакати на Сорос-фондацијата, „Ако сакаш споменик - земи
дрога”, преку „Да ве земе виорот на дрогата” (она „не дозволувајте”
е нечитливо на плакатот), до најновиве апсурдни „црковни” спотови
на, веројатно, подмладокот на ДПМНЕ (материјал за Монти Пајтон) трае
тажната приказна за нашата неспособност реално (што значи комплексно
и стручно) да им се пријде на најгорливите општествени проблеми.
Од друга страна, факт е, стручњаци (за дрога или за маркетинг) баш и
немаме, или пак немаат никакво влијание малубројните што стварно
можат да помогнат. Додека селото гори, по обичај, ороводците се
лицкаат и чешлаат.
А ороводци ни се фразерите, демагозите и чуварите на предрасудите
набутани по партиите во форма на “чесни и угледни” младинци; крут
костум, мобилка и огромен потенцијал за вовлекување - тоа е
идеал-сликата на „чесниот младинец”. Впрочем, видете го и слушнете
го „првиот младинец” на државава, Филип Петровски, и целата работа
околу трагично дезориентираните вредносни системи на младите (на
целото општество, всушност) ќе ви стане појасна.
Наместо да ги промовира шапшалите што тресат традиционалистички
глупости и бирократски фолираат ангажираност, земјава ќе мора
длабоко да го реконструира политичкиот и општествениот простор,
базирајќи се врз начелата на самокритичност (реални анализи),
компетенција и натпревар во фер околности. Од верскиот или кој било
друг идеолошки фундаментализам, како и од сите други популистички
демагогии, треба да се бега како ѓавол од крст! Тоа треба да биде
главна претпоставка за партиски консензус, и за свети ВМРО и за
свети СДСМ.
Гласилата можат да дадат (всушност, веќе даваат) значаен прилог во
еманципацијата на општеството, но во одредени аспекти во
комуникацијата со граѓанството („тутунскиот проблем”, на пример) тие
сосема потфрлаат. За почеток, печатените гласила би можеле, по
трагата на западните весници, крај секоја тутунска реклама да
ставаат јасно видлива маркица на предупредување за штетноста на
цигарите. Така би ја зајакнале довербата на читателите и би ја
отфрлиле од себе хипотеката на нем слуга на големите тутунски
играчи.
|