Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 43        # 45
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


44

ЛОГО(ДИЈА)РЕА

07.10.1999


Избори. Време на лого(дија)реа. Или, едноставно, на реа. И збори, и збори, и збори секој од кандидатите, (и)зборани, просто, нафалтани ко булдози од (и)зборните напори (па некои мораат да се шминкаат), но и допингувани од зашеметувачката близина на моќта, има човек впечаток дека земјата ја ораат со глаголи како руските револуционерни футуристи.

Од друга страна, ја знае човекот, гласач, дел од безгласниот хор, руската мудрост: „За правдата слушавме, неправдата ја видовме!”

Изборите се добар мерач не само на формалната демократија во земјата, туку и онаа посуштествената, на реално спротиставените идеолошки, културни, класни интереси.

Индикатор за демократичноста е и разноликоста на политичките дискурси. Политиколозите и јазичарите знаат: колку политичката сфера е помалку плуралистичка, толку дискурсите (јавниот говор) во неа се повоедначени; во тоталитарните општества владее потполна униформност на политичките искази. „Тоа значи”, вели хрватскиот лингвист Дубравко Шкиљан, „дека од разновидноста на политичките дискурси може да се исчита еден аспект на демократичноста на одредено општество”.

Судејќи по слоганите и почетокот на изборната претседателска кампања, во однос на разновидноста на политичката понуда, ние, во најмала рака, имаме поделени чувства. Од една страна, забележливи се значајни формални придвижувања кон западниот концепт за демократија (конвенции, штабови, идилично насмеани семејства итн.), а од друга, сведоци сме на загрижувачки ригиден и стереотипен политички дискурс, сосема налик на фразерските бирократски говори од времето на социјализмот.

Симбол за таа дускурзивна перфидност е кампањата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски. Дури и слоганот ја разоткрива апсурдноста (всушност, недоделканата демагогија) на неговите противречни пораки, кои всушност ја разоткриваат тажната вистина: „Верувам во Македонија” не значи ништо друго туку анти-индивидуалистички, впрочем анти-кенедиевски став: „Не е важно што можам јас да направам за земјата (а не можам ништо), туку е важно што Македонија може да направи за мене (да ме направи претседател)”.

Тоа е суштината на лажниот, формален американизам на кутриот Борис Трајковски, „војникот на партијата” и „слугата на народот” (колективистички дискурс од 19-иот век, каде што ДПМНЕ, со кадрите од типот Д. Димитров, Н. Новковски и Б. Трајковски всушност и припаѓа. Но, проблем е што и еден не мал дел од луѓето во нашата земја всушност живеат - економски и културно, па и во однос на неизживеаните национални фрустрации - токму во 19-иот век; што делумно го објаснува успехот на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт).

Од другите кандидати, Васил Тупурковски делува прагматично и јасно: „Тупурковски за претседател”. Тито Петковски ја започна кампањата неочекувано тремарошки и разводнето, без поснажни ударни пораки. Двата албански кандидати само покажуваат дека и од Македонецот има бетер кога станува збор за (не)културата на политичкиот (и секаков друг) маркетинг. Највнимателно избран, во смисла на актуелност и психолошка продорност, е слоганот на Стојан Андов: „За ред во земјата”. Со фини алузии на „цврстата рака” и редот од минатото, Андов вешто ја дијагностицира клучната потреба на општествово во моментов: ред и иднина.

Дали добро избраниот слоган ќе му помогне на Андов, всушност и не зависи толку од него, туку од прашањето дали на избориве ќе се гласа за личност или партија. Доколку се гласа за личност, Андов и Тупурковски супериорно одат во вториот круг. Но, доколку продолжи двопартизацијата на државата, во неа нема да имаат шанси надмоќните харизми од типот Андов или Тупурковски. Во тој случај, за жал, голема е веројатноста дека не само во сферата на политиката нема да има простор (всушност, речиси веќе нема) за било каков порадикален индивидуалистички исчекор.

А ние, како земја со кревка демократска култура, на изборите треба да гледаме делумно и низ диоптријата на Монтескје: „Добро е да се создаде демократија за народот, но многу поважно е народот да се воспита за демократија”.