Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 44        # 46
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


45

БИДИ ОНА ШТО СИ

22.10.1999


Гледајќи ги, деновиве, главно мошне неинвентивните (што е еуфемизам за празно, глупо, бесмислено, рутинизирано) спотови на „кандидатите”, чувствувам потреба да ги издвојам спотовите на СДСМ од минатогодишните парламентарни избори како нешто засега ненадминато во кусата историја на македонскиот политички маркетинг. Тие спотови на Александар Поповски и Дарко Митревски незаслужено - топтан со апла заслужениот политички пораз на СДСМ - беа фрлени на „ѓубриштето на историјата”, и покрај фактот што некои од тие спотови (на пример, антологискиот со „државникот” Бранко) се меѓу најинтересните адвертајзинг производи во историјата на оваа запуштена, малку дива и многу усмена (епска, патријархална) земја.

Тие спотови го имаа токму она што сегашниве го немаат: здивот на автентичното, и во смисла на веродостојноста на самиот спот (високата професионална изведба се подразбира) и во смисла на искреноста на актерите во нив. На што мислам? Еден од големите магови на политичкиот маркетинг, всушност еден од основачите на таа област, Мишел Бонгран, вели дека „наспроти мислењето на сите главучи што не се симнуваат од медиумите, на политичарот може да му се даде само еден совет: биди она што си!

Вели Бонгран: „Недостатоците на еден човек не можат да се отстранат без да им се нанесе штета на неговите квалитети; наспроти застареното мислење, човековите квалитети се потпираат врз неговите недостатоци, па затоа се опасни обидите да се отстранат. Тоа го знаат вистинските советници, кои се трудат да ја експлоатираат 'целовитата личност' на кандидатот. Во тоа и се состои разликата помеѓу комерцијалниот и политичкиот маркетинг. Пакувањето е можно кога станува збор за производ, но кога политичарот е во прашање, тука е избирачкото тело да ја санкционира лажноста.”

Затоа Андов и Тупурковски делуваат супериорно (едноставно, поприродни се, почовечки) од восочната нашминкана фигура на Трајковски и од политичкиот зихераш Петковски. Кон нарцисоидната фосилизација на нашите политички фигури значајно придонесува и српскиот адвертајзинг ракопис (безличен, применлив и за Бурунди и за Шведска и за Македонија, како да продава туристичка понуда или лубеници, а не личности и идеи; башка, ужасно е застарен, стил што Словенците го фураа пред 10-15 години). Тој маркетиншки ракопис, меѓу другото, ја покопа ЛДП, а сега, за среќа на земјава, ја обработува ВМРО-ДПМНЕ. Тајната на тој ракопис е во тоа што игра на картата на нарцизмот на нарачателот, како оние бојосани стари кич фотографии. Јасно беше дека прекуноќ збогатените и набилдани со моќ простаци од ВМРО (слично на нивните колеги од СДСМ, пред неколку години) ќе ги одберат токму огледалцата што им викаат „Најубави сте!” Спотовите на Борис Трајковски (кај живее тој човек?! Во детски сликовници? Во идилични пејсажи? Зарем стварно така ја доживува оваа речиси раскантана земја?!) се токму пример за одлепеност од реалноста и за еден загрижувачки нарцизам на власта (на ниво на психологија таквата „одлепеност” може да води во психоза, додека во политиката тоа е пеколниот пат поплочан со добри намери - директно во тоталитаризам).

Од другата спотовска понуда можеби треба да се спомнат полу-комичните, полу-дилетантските спотови на Тупурковски. И можеби треба да се спомне еден од славните скопски тезгароши, Дарко Марковиќ (човек кој подло и перфидно - штекајќи нова тезга за себе, се разбира - пиштеше во увото на тогашниот министер за култура, Унковски, дека луѓето над 50 години немаат шанси во оваа земја - што е една од најнеправедните, најмизерните и најсебичните изјави последниве години); естетските и техничките недоделканости и тривијалности на Дар Мар овојпат има чест да ги трпи Големиот Балон.

Сè на сè, реперите што во оваа област на политичкиот маркетинг ги поставија Мирко и Славко (Поповски и Митревски) остануваат олимписки недопрени пред сегашната лавина од глупави спотови. (Со мала резерва: кампањата сè уште не е завршена, можеби ќе се појави нешто навистина духовито, вешто и вистинито?)

На ова место можеби треба да се спомне примерот на Франција, каде што овој тип на политичка пропаганда (спотови и ТВ-емитувања) е забранет, најмногу поради големите пари што се трошат за тоа.

И покрај сè, длабоко и сериозно треба да сфатиме: демократијата чини (и вопшто не е евтина). Но се исплаќа, дури и ако Србите ни ги соберат парите!