46
ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
05.11.1999
Времето меѓу двата изборни круга е добра шанса да се резимираат
настапите на шесттемината претседателски кандидати, за на тој начин
евентуално поблиску да можат да се доловат процесите, стремежите,
вредностите, промените, тенденциите на нашево општество во
актуелниов миг.
Се разбира дека секој од шесттемината симболизира и олицетворува
цели крупни сегменти од општеството, така што профилот, слабостите и
доблестите на поединечните кандидати видливо укажуваат на
вредносните системи и профилот на разни делови од општеството.
Затоа ќе направиме мала психолошко-социјална анализа на
шесттемината, пред сè врз основа на впечатокот што го оставија во
медиумите, или попрецизно, врз основа на нивните директни меѓусебни
соочувања на А1 ТВ и на МТВ.
Тито Петковски
Доблести: флексибилност; искуство; ненаметливост, пристојност; вешто
балансирање; самопочитување (непосипање себеси со пепел, што беше
еден од важните моменти во кампањата: неговиот релаксиран и
позитивен однос спрема бившата СФРЈ и сопственото минато).
Слабости: слаби лидерски способности; нерешителност, инертност;
фразерство; трема; одредена укоченост, неопуштеност.
Борис Трајковски
Доблести: послушност; вера во Бога (прв пат на нашата политичка
сцена верата повидливо станува дел од политичката игра);
простодушност, искреност.
Слабости: послушност; здодевност; катастрофални говорнички
способности; немање харизма; анти-индивидуализам; ниски удари; лоши
реакции под тензија - избива ароганција, цинизам и дури
злонамерност, инаку вообичаено потопени под мирољубивата глазура;
немање искуство.
Васил Тупурковски
Доблести: најистенчено чувство за современите политички тенденции во
светот; современа политичка реторика; енергичност; прагматичност;
неконфликтност; духовитост; најдобри говорнички способности од
шесттемината; искуство.
Слабости: калкулантство, немање јасен став; фразерство;
манипулативност; популизам, лесни ветувања; несигурност што го тера
во хазардерство (Тајван); голема дамка во минатото со неговото
краткотрајно застанување зад најдеструктивниот балкански политичар,
Милошевиќ.
Стојан Андов
Доблести: искуство и длабоко познавање на македонските прилики, и во
„хоризонтала” и во „вертикала”; тактичка принципиелност;
„природност”, неформалност, добра комуникација со луѓето; хумор.
Слабости: немање визии; делумна „анахроност”; волунтаристичко бирање
на сојузници; стратешка непринципиелност; нагласена национална
реторика која не му прилега, со оглед на комунистичкото минато.
Мухарем Неџипи
Доблести: сè за каузата; испеглан изглед на интелектуалец; добра
адаптибилност во различни културни средини: Битола, Загреб.
Слабости: сè за каузата, заслепеност, ирационалност, намалена
способност за реално проценување; застрашувачка омраза спрема
Србите; ароганција и многу слаби способности да се прифати туѓото
мислење; „навиеност”, „верглање”, фразерство.
Мухамед Халили
Доблести: цврст морален склоп; искреност; самокритичност.
Слабости: многу слаба самоконтрола, лесно преоѓа „во оган”; не баш
импресивни интелектуални способности; црта на ирационалност.
Се разбира, секој избор - а особено еден ваков, „претенциозен” -
најмногу зборува за оној што избира, за неговите вредносни системи и
критериуми. Чинам дека секој новинар, истражувач, политичар, треба
да има вграден „баг за релативност” во своите проценки и свест дека
аголот од кој се посматраат нештата влијае врз нив. (На пример, и
доблеста и слабоста ја имаат волшебната моќ да се трансформираат, во
зависност од контекстот; а медиумските слабости и доблести не баш
секогаш се вистинити.) Токму како во приказната за двата попа што се
премислуваат како ќе реагира бискупот ако го прашаат дали смеат да
запалат цигара за време на молитвата. „Ако го прашаш 'дали смеам да
пушам додека се молам', сигурно ќе добиеш негативен одговор. Но
доколку прашаш обратно, 'дали смеам да се молам додека пушам, ќе
добиеш позитивен одговор'.”.
|