47
ГРДАТА СЛИКА ВО ОГЛЕДАЛО
19.11.1999
По повод заминувањето од политичката сцена на Киро Глигоров, еден од
најзначајните македонски политичари во поновата историја, уште еднаш
ќе обрнам внимание на исклучително лошиот „документарен аспект” во
работата на нашите медиуми, и печатени и електронски.
Како и многу пати претходно (на пример: воопшто немаме квалитетни
телевизиски материјали - а камоли да се структурирани во
документарни филмови! - дури ни од периодот на осамостојувањето), и
овојпат никој не смогна сили да направи сериозно, аналитично и, се
разбира, продукциски комплексно, одбележување на „епохата на Киро”.
Еден мошне сомнителен, технички и уреднички прилично недоделкан обид
да се третира историската фигура на Глигоров, во форма на интервју
направи Ацо Кабранов од А1 ТВ - и толку. Обидот на Кабранов, и
покрај катастрофолната монтажа, лошиот звук, новинарската
конвенционалност и неподготвеност за посериозни проникнувања, сепак
заслужува респект, барем поради навремено пројавениот
документаристички новинарски рефлекс. Можеби А1 ТВ едноставно, во
продукциска смисла (МРТВ, на пример, располага со 50 пати поголеми
пари од А1!), не е зрела за поделикатни ТВ-проекти, но што прави
проклетата МТВ?! Има човек впечаток дека таму никој ништо не работи,
освен што се влечкаат по Борис Трајковски низ македонските пустелии.
Најпосле, зборуваме за елементарна професионална одговорност и
обврска, а богами и за нашите пари што одат во „јавниот сервис”;
освен често пати просто идиотското сведување на новинарството на
трансмисија и на кобајаги „објективно информирање на јавноста” (со
сатарче и штоперица), незаменливи одредници на новинарскиот труд се:
документаризмот (историскиот „нерв”), аналитичноста, истражувањето,
критичноста...
Начинот на којшто новинарството во моментов се сфаќа кај нас
(новинарите како секунданти при двобој - ако сме романтични - или
како нас'скани пит-бул териери - ако сме натуралистични) е
поразителен не само за новинарите туку и за општеството.
Сериозното новинарство (како и речиси која било друга професија во
банкротиранава земја) едноставно не поминува; владее жолтото,
петпарачкото новинарство потпрено врз кабинетите и соопштенијата и
„кујните” и задните влезови за послуга.
Дури и оние неколку ретки сè уште не толку искомпромитирани личности
во земјава - меѓу нив, да речеме, и Киро Глигоров - повеќе им служат
на разно-разни уреднички тимови и политики отколку што се
неприкосновен глас на зрелоста, авторитетот или „јавноста”.
Гледајте, на пример, како се инструментализира повишената национална
реторика: фигури од типот на Радован Павловски, Јордан Плевнеш,
Владо Георгиевски, Гане Тодоровски, Љубиша Георгиевски, Блаже
Ристовски, Анте Поповски, но и многу други, речиси целиот културен
естаблишмент, како подгреаниот „патриотизам” да им е уметничка
легитимација - загрижувачки често запаѓаат во една налудничава,
ирационална, наци-патетична реторика (Македонецот како естетски чин,
астрална проекција, немерлив, неспоредлив народ, над-народ /в. под
Александар Македонски/ и слични 19-вековни будалаштини кои ја
уназадија и опустошија, како злокобен пример и показ, во почетокот
на деведесеттите, Србија).
А сето тоа националистичко, стереотипно и демагошко тропање глупости
(за рубриката greatest shits), за иронијата да биде поголема, често
има политикантски намери со многу куса употребна вредност (но со
трајни негативни последици).
Земјава ќе мора помалку самобендисано и ирационално да се соочи со
својата заостанатост, на сите полиња, од економијата до културата.
Претседателските избори само уште еднаш нè соочија со сопствената
грда слика, и тука нема бегање. Една од особините на демократијата е
што го расекува општественото ткиво по длабочина и ја делегира
политичката моќ онаму каде што математички припаѓа, па макар тоа
значело глупост и пропаст за општеството.
Но, освен ризиците, демократијата носи и одговорност. А патриотизмот
не е во налудничавата возгордеаност и националистичката бабуњосаност
туку во скромното и вредно истрајување во почитувањето на
стандардите на сопствената работа, каква и да е таа. Реализмот при
соочувањата со себе - клучната психоаналитичарска метода за
закрепнување - ќе мора да стане важно општествено прашање.
Можеби тогаш МРТВ или МНТ или ННРВ (или која било од речиси
опустошените од компетенција и трудољубивост институции) ќе почнат
да си ја вршат својата работа: да прават документарци, да снимаат
драми, да градат критичка јавност, да бидат претседатели.
|