47б
ВКРСТЕНИ ЈАЗИЦИ ВРЗ ШТИТ
19.11.1999
Една година по нивниот последен ТВ-дуел, Љубчо Георгиевски и Бранко
Црвенковски пак ги вкрстија јазиците. (А тоа да ни биде новиот грб -
вкрстени јазици аплицирани врз штит кој всушност е стилизиран
задник?! И да пишува, кружно, на грбот: „ЛОГО(ДИЈА)РЕА - во неа
веруваме!” Тоа би била интересна хералдичка симболика: ем љубов, ем
отров - налик на фармацевтската змија, ем сигнал за „двојазичност”,
ем бизарност - таман ко што ни е необична земјата, без име, без
јазик - т.е. со „вкрстени јазици”, без граници, без принципи...)
Иако се очекуваше г. Црвенковски да биде нокаутерот, пред сè поради
стаклената брада на г. Георгиевски, тоа сепак не се случи.
Господинот Георгиевски се држеше прилично цврсто, иако повремено
маваше под појас (вештина што ја усовршил од еден од највалканите
удирачи што ги видела нашата политичка сцена - а видела навистина
груби и прости типови - смерниот христијанин Борис Трајковски).
Во таа точка, воздржувањето од ниски удари, и релативно
џентлменскиот тон, треба да се лоцираат најголемите доблести и
најголемиот напредок на г. Црвенковски. За време на ТВ-дуелот речиси
исчезнаа неговите главни негативни карактеристики: ароганцијата и
нааканоста. Видовме дека г. Црвенковски може да биде емотивен, дури
и слаб, а притоа сепак да не влетува во валканици. За разлика од г.
Георгиевски, кој сè уште не ја научил вештината на воздржано
подголтнување, зен-вежба за секој амбициозен политичар. Само
второкласните политичари имаат хистеричен гард на неранливост и
маваат без контрола и рефлексно на каков било удар.
Така што, во тој аспект - достоинство, воздржаност, џентлменство -
чинам дека г. Црвенковски беше супериорен, можеби и поради
карикатуралното „позирање” на г. Георгиевски, како смирен,
конструктивен и „салонски” тип. Во таа, пак, точка - одредена
скороевштина, господство на турбо моќник и новокомпониран богаташ -
чинам дека е лоцирана најголемата слабост на г. Георгиевски. Уште
позагрижувачки од таа евтина скороевштина, е впечатокот дека г.
Георгиевски навистина верува дека тој и неговата политика се посебно
респектибилни во моќните западни кругови. Такво отсуство на реална
себе-проценка не само што може да биде контрапродуктивно туку
буквално катастрафолно, и тоа не само за вакви трогателни земји од
типот на Македонија, туку дури и за навистина силни држави
отсуството на реализам и на соодветна проценка за сопствената сила
може да биде поразително.
Толку за „психологијата”. На ниво, пак, на аргументи, неочекувано,
г. Георгиевски во најмала рака извлече нерешено. Смирено и релативно
коректно возврати на напалените и фразерски напади за изборна
измама, а многу често успеваше да ја наметне својата „шампионска”
тема: анализа на владеењето на СДСМ. Господинот Црвенковски мораше
многу порешително, но и многу поподготвено, подуховито и дури со
спремни изненадувања (затоа што сè што слушнавме таа вечер, од
обајцата, илјада пати пред тоа имавме можност да го прочитаме) да ги
наметнува своите теми. Башка, на смешната нарцисоидна ароганција на
г. Георгиевски (врв на неговиот безобразлук беше изјавата за
„удирањето четка” на несериозните и во косовската криза
непредвидливите попишанковци вон власта), кој се држеше како небаре
консензуален крал на земјава, г. Црвенковски не одговори соодветно:
дека ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката на само околу двесте илјади луѓе,
речиси исто толку колку што има партијата-човек, Васил Тупурковски.
И дека СДСМ, како партија во моментов е неспоредливо посилна. За
надуваниот (од самобендисаност) г. Георгиевски тоа ќе беше добро
потсетување за реалниот однос на силите, вон коалиционите
комбинаторики. Господинот Црвенковски имаше два сјајни моменти, кога
ги цитираше зборовите на премиерот (од експозето и по повод
бегалската криза), но пропушти да го казни тоталното неснаоѓање на
г. Георгиевски со бројки („не ме фаќајте за збор, 200 или 300
милиони долари или марки”).
Сè на сè, и обајцата малку 'рѓосале во меѓувреме, едниот ушушкан во
балдахинот на моќта, а другиот сè уште премногу предвидлив и под
инерција на старата реторика. Нивната неприкосновеност во партиските
редови полека ќе слабее затоа што и двајцата покажуваат знаци на
потрошеност и неинвентивност.
Но, бидејќи Македонија навистина е чудна земја, бидејќи јаки
индивидуалци овде навистина тешко виреат, можно е лидерските харизми
на господата Црвенковски и Георгиевски уште долги години да бидат ем
игра ем храна за потпропаднатиот народ.
|