48
ПИЈАНИТЕ КОКОШКИ НА МИЛЕНИУМОТ
03.12.1999
Одбележувањето на новиот век и милениум (проследено со сериозни
осврти на изминатото и со полетни планови за иднината) во целиот
свет кај луѓето предизвикува, главно, позитивна возбуда и
ентузијазам. За жал, нам оваа рекапитулациска и суперсимболична
година ни помина во стравови, стресови, беди и јадови, предизвикани
и однадвор,но во голема мера и однатре. Тешко дека во моментов во
светот има место (освен воените зони) каде што иднината изгледа
толку мизерно, од оваа жабја перспектива што Македонија се нарекува.
Првата половина од годината ја поминавме шашардисани и поприлично
пореметени (и во „колективното несвесно” но и како индивидуи - на
повеќето од нас нервите им беа затегнати како бродски сајли) од
стравотиите што се случуваа во Косово.
Таман помисливме дека големиот делител на картите, Ајнштајновиот
коцкар. малку се смилува над просторот (на којшто стоел токму
Господ, фрлајќи благослови по земниот шир, така што овде, на
земјата, под неговите петици, не паднало ништо) - дојдоа
претседателските избори. И онака измалтретираната земја (глина,
според балканските картографи, погодна за вечни преобликувања)
повторно почнаа да ја гмечат, да ја месат и да ја малтретираат,
овојпат однатре.
Кулминацијата на свинштините од последниве месеци ја доживуваме
деновиве - среде балканскиов ветромет, каде што и онака страшно фучи
од сите страни - кога морничаво се фаќаме, за да не бидеме оддувани,
за последните остатоци од институциите што би требало да
симболизираат сигурност, рсд и поредок, а коишто веќе одамна, барем
повеќето од нив (не сите, сè уште не сите), личат на кулиси од евтин
вестерн.
Начинот на кој функционира земјава, и под СДСМ, а особено сега, под
чизмата на ВМРО-ДПМНЕ, ги сведува опциите на луѓето и нивната иднина
на само две можности: „позитивната”: тотална рамнодушност и апатија;
„негативната” - тотална себичност, борба на живот и на смрт,
анимализација на заедницата по теркот на бескрупулозната „првобитна
акумулација на капиталот”.
Да бидеме мрачни (годинава имаше малку светулки) и докрај апсурдни:
може ли да биде нормална една земја во која владеачката партија се
вика Внатрешна Македонска Револуционерна Организација - Демократска
Партија за Македонско Национално Единство?!! Налудничавото име на
владеачката партија не само што е за Гинисовата книга на рекорди,
според должината - на радост на младиот ни премиер чие омилено
четиво токму е Гинис - туку е и симбол за сиот длабок апсурд во кој
живее безименава и обезјазичена (од сопствениот министер за
култура!, на пример) земја. „И затоа, да ви се мочам на лажната
земја, заминувам за Бугарија”, рече еден од (хор)ороводците
(придружуван од хорот, во оваа хорор-драма на апсурдот) и си остана
во место (да пафта, да лета), „ушлајфуван”, „ушлајкиран” (во шлајка
погребан, шлогиран), ко драмски знак, разбираш, патоказ за нигде.
Со еден збор: лажни дијагностичари, лажни пророци, лажни и патетични
заминувачи, најпосле, лажни комунисти и националисти, а врв на сè,
можеби, ќе ни биде лажниот претседател.
Македонија почнува во реалното опасно да ги надминува
бодријаровските кошмари за виртуелното. Дали навистина може да нè
спаси само големиот коцкар или промената на насоката на толку
непредвидливиот балкански циклон што во небото носи крави, бродови,
пророци, оази, нации, држави...? Или сево ова го бладаме веќе
опфатени од циклонот, веќе одлетани и одлепени од стресовите што ни
го сотреа рационалниот аспект?
Можеби нешто сепак можеме да направиме и самите, можеби жироскопот
во средното уво на нацијата сè уште функционира, можеби и не сме
толку несигурни, тетерави и теледиригирани?
За тие работи нешто повеќе ќе дознаеме многу брзо, тука зад аголот,
пијаните кокошки во новиот милениум.
|