Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 48        # 50
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


49

„УБАВИЦАТА” И „ЅВЕРОТ”

17.12.1999


Дека овогодишната телевизиска продукција беше мошне сиромашна, доказ е и Вториот телевизиски национален фестивал. Од вкупно прикажаните триесетина часови програма (десетина часови во официјалната конкуренција и дваесетина вон конкуренцијата за награди), малку над просекот можеа да се издвојат само неколку емисии, и тоа речиси сите од редакцијата за документарна програма на МТВ.

Освен МТВ и делумно продукцијата К-15 (на фестивалот не учествуваа А1-ТВ и Сител), речиси сите други телевизии во државава (а ги има над 60, на број!) работат во субстандардни услови и, согласно со тоа, произведуваат програма што не ги исполнува основните технички норми за јавно прикажување. И не само тоа: „новинарскиот” приод (тешко дека таквиот трогателен аматеризам може да се нарече „новинарство”), темите, односот спрема медиумот и публиката, некомпетентноста - отсликуваат тажна слика за професионалните домети на повеќето телевизии во земјава.

И некој, богами, конечно треба да положи сметка за таквата очајна состојба во медиумот кој надвор од нашите сè потешко пречекорливи граници (зад кои тешко и погледот допира, толку јадно останавме сами со своите провинцијални критериуми) просто гази сè пред себе, лансиран во космосот како некакво осмо чудовиште („седма сила”) коешто планетата (комплет со построените политичари и држави) буквално, со помош на сателитетите, ја држи во своите канџи.

Значи, наспроти планетарната експанзија на телевизијата (дури и преку нивоата на пожелното и посакуваното), ја имаме оваа наша мизерија која е на нивото на домашна видео продукција, еве фати ја невестата со црвено-зелени образи, мрсулко што дува во свеќи издолжени како во експресионистички филм, рибари аматери држат уловен сом, извидници на еко пикник, тајно снимен концерт на 15-годишен фан, полициски снимки (о, какви видео аматери знаат да бидат тие!), тапоглава скриена камера на локални манијаци и слично - тоа е сликата на просечната ТВ-продукција во македонски услови.

Значи, велам, некој треба да ги положи сметките. Советот за радиодифузија? Владата? Таа комбинација ми се чини најдобитна, ако веќе треба да се заокружува виновникот. Тука некаде е и мастадонтот МРТВ кој не успева и не успева, под дузина директори, да донесе каква било програма за рационализација и малку подостоинствено опстојување.

Се разбира, нема брзи формули и лесни решенија. Војната што ја започнаа А1-ТВ и Советот за радиодифузија е можеби првиот порадикален позитивен знак дека некому во земјава, до границите на неговата принципиелност, му е важна во моментов апсурдната позиција на ТВ-медиумот кај нас (меѓу другото - структурната хаотичност и непочитувањето на правните норми - состојбата прецизно ја отсликува и теророт на политиката, хулковската набилданост на информативната наспроти сите други програми).

Советот за радиодифузија ризикува да стане жртва на истиот меклуановски принцип што (додуша, малку извртен) ја дотолчува МРТВ: „Најпрвин ние ги обликуваме своите орудија, за потоа нашите орудија да нè обликуваат нас”. Советот ризикува да концентрира во себе огромна моќ (финансиско-арбитрарна) на сметка на оние што ја произведуваат програмата. Факт е дека на тој начин таквиот Молох добро ќе се вклопи во целата централистичко-патријархална шема на функционирање на земјава, но факт е и дека земјава со уште едно бирократско чудовиште на својот грб е чекор поблиску до пропаста.

Ова, се разбира, не значи дека Советот не ни е потребен или, дури, дека е штетен. Напротив! На Советот му треба посуптилно позиционирање и појасни и попроверливи критериуми за оценување на неговата работа (како, всушност, и на многуте фантомски институции во земјава, кои чекаат да бидат наполнети, како черупки, со некаков млаз од смисла, со некаква реконституција). Најпосле, и Вториот национален ТВ-фестивал е обид работите да се потсредат, преку соочувања и проценувања, и во тој контекст, фестивалот, и покрај низата слабости, заслужува респект и иднина.

Проблемот е што, со ваквата поставеност на работите, наскоро нема да постои пристојна ТВ-програма за натпревар, а Советот ќе се трансформира (како филтерна станица за „Западен Балкан”) во филијала на американскиот натпревар за домашни и аматерски видео трудови.