Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 49        # 51
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


50

ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ

31.12.1999


Во сферата на гласилата, годинава ја одбележа феноменот што трае веќе неколку години: расте влијанието на печатените наспроти електронските гласила. Се појавија нови дневници и нови неделници кои брзо ја пронајдоа својата публика, но и значајно ги поместија стандардите за квалитет, и во графичка и во текстуална смисла.

За жал, за телевизиите тоа не може да се каже; повеќето ја сведоа својата работа исклучиво на политичко информирање (а и тоа го прават, главно, на површен начин) и на третокласна забава.

За МРТВ веќе не вреди ни да се зборува: падот на таа куќа трае со години, и господ знае кај е дното. Во програмска смисла, МРТВ навистина ги достигна најниските гранки. Речиси ниеден сегмент вон информативната програма (која е тажна приказна за себе) не функционира; нема квалитетна драмска, детска, забавна, научна, културна... каква било програма! Дури и преработената странска програма има очаен квалитет: сериски ТВ-сапуници, неактуелни и анахрони документарци, многу многу лоши играни филмови... Спортската програма на МРТВ исто така заслужува лоши оценки. Освен хронично некомпетентните коментатори (сепак, со чест на исклучоците) се случуваше при скапо платените спортски преноси (Светското првенство во атлетика, на пример) воопшто да не може да се добие тонска врска со известувачите! За нивото на преносите или воопшто за техничката заостанатост на МРТВ, уште еднаш, не треба ни да се зборува, најмалку 30 години сме зад поразвиените земји.

И кога е така кај мастадонтот (финансиски и кадровски веројатно барем дупло посилен од сите 66 македонски телевизии заедно!), што останува за другите?!

А1-ТВ некако успева да го задржи приматот на своите Вести, но на сметка на сето друго. Телма имаше проблесоци, но и неверојатни гафови, особено за време на косовската криза. Сител исто, горе долу, го задржа својот комерцијален потенцијал, но тој потенцијал главно почива врз тривијалности (Вучиќ, Сител бамбини и слични будалаштини). Се појавија и новите, амбициозниот Канал 5, потоа Sky net, чепкајќи по некое зрно од малите маркетиншки пари во Македонија, но и задржувајќи ја проклето истата програмска шема како и сите други.

Политички мракови

Бидејќи политиката апсолутно ни ги засени животите годинава (војна на пар километри од нас, тревожни и нецивилизирани избори итн.), редно е најголемиот медиумски мрак да им го доделиме генерално на македонските политичари, пред сè на оние од власта, за теророт, за вознемирувањето на граѓаните, за просташтвото и бескрупулозноста. Ним мракот им следува и поради страшното снижување на стандардите на јавниот говор. Како што вели Душан Ковачевиќ, говорот на тие моќници е говор за денес. „Не се потпира ни на вчера ни на она што ќе биде утре. Најмногу личи на говорот на наркоман кој има само една идеја: да создаде пари за дента да се уфикса. И ќе ви раскаже најневеројатна приказна за да исцеди нешто од вас. А утре? Утре е нов ден. Ќе украде, веќе ќе смисли нешто друго. Целата наша политика се сведува токму на таа грчовита борба од утрото до вечерта.”

Пример токму за тоа дневно политикантство и за драстично намалени стандарди на јавно обраќање е Љубен Пауновски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, кому му ја доделуваме титулата најголем мрак во поединечна конкуренција за 1999 година. Душата и нервите ни ги извади со своите бескрајни конференции за печат (кучешки верно следени од МТВ), користејќи говор формално „завиткан”, кобајаги „комплексен” и условен, а суштински неверојатно инфантилен, токму детски кавгаџиски (стратегија: „е не го направив јас, ти го направи!”), несериозен и деструктивен, во смисла дека наполно ги игнорира сите понатамошни импликации од кажаното. Според Пауновски, СДСМ сами си демолираа простории, сами се тепаа, сами спроведуваа сценарија на изборите во кои загубија... Но, да беше само СДСМ!? Пауновски годинава прописно ги делкаше сите: од коалициониот партнер Тупурковски, преку лошите новинари, до Врховниот суд. И дури, не е проблем во „делкањето”, туку во катастрофалниот стил со кој се прави тоа: грубо, арбитрарно, од позиција на сила, без хумор, без каква било способност за дистанца и релаксација, фрустрантно, нервозно, панично, навредувачки... Чинам дека дури и воопшто, еден од главните виновници за подигнатите политички тензии во земјава токму е портпаролот на владеачката партија. Веројатно дека Пауновски само лично „ја зрачел” и пренесувал атмосферата и енергијата што владеат во врвот на ВМРО-ДПМНЕ (фрустрации, паранои, грубијанство, губитничка „опозициона” реторика, како сè уште да не сфаќаат дека се власт), но тоа дефинитивно не го оправдува неговото долевање масло во огнот во кој земјава ионака се крчка(ше) годинава.

Еден клинички психолог ваквата психопатолошка атмосфера ја нарекува политичка оргија. „Политичкото битие е сведено на збеснато животно. И без оглед под кое знаме се бори, мотивите му се провидни: моќта, власта и главно себичните интереси. Пред невоспитанието, злобата, необразованоста, другите аспекти на нашите битија закржлавуваат или просто не доаѓаат до израз. Политичарите и нивните слуги бескрупулозно ги наметнуваат своите мотиви.”

Политички медиумски светулки

И, парадоксално, она што власта по дефиниција мора да го поседува (мудрост, одмереност, трезвеност, релативизации, смирувачки тонови...) ни го понуди човек од опозицијата, според мене светлиот контрапункт на Пауновски: Никола Поповски, од СДСМ. Дури и фактите за брутална полициска репресија, дури и фалсификуваните избори и навистина навредливиот однос на ВМРО-ДПМНЕ спрема опозицијата, не го натераа Поповски да се спушта во мочуришните зони на Пауновски (на пример, Поповски, а не Пауновски - од кого тоа логично се очекува, како експонент на власта - зборуваше дека е важна стабилноста на земјата, во оној до мачнина блуткав период по првиот круг од изборите).

Поповски го покажа она што е многу важен тест за секој политичар: да се задржи достоинството на опозициониот говор (кому инаку му се толерира малку „понагласената” реторика; всушност, затоа и ја трпевме ВМРО-овската „запаленост” додека беа опозиција; но, во демократиите власта дефинитивно нема право да биде нервозна).

Никола Поповски демонстрираше издржливост кога се работи под притисок и под пресија на политичката моќ, како и мудро задржување на самоконтролата и тактот дури и кога се губи. На тој план (самоконтрола, респект кон одредени јавни норми, одмереност, нетревожност) Поповски „го тепа” Пауновски со 10:0, што всушност покажаа и изборите: СДСМ во моментов е најмалку 10-15 процентни поени пред ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу другото, таквите играчи на власта, од типот на нервозниот Пауновски, но и стабилните и стварно загрижени луѓе за судбината на земјава, како Поповски, придонесоа за коперниканскиот пресврт во расположението на избирачите, за само една година.

Новинарски мракови

Ќе издвојам само еден, џиновски: мизерното известување за кризата што ни се случуваше во дворот, на пар километри. За Блаце дознававме од странските телевизии, се однесувавме, политички и медиумски, токму според балканската формула: село гори, баба се чешла. Проработе погрешниот тоталитаристички рефлекс на Македонецот: цензура и притаена паника; затаи точното и навремено информирање, пожртвуваноста, реалното соочување со опасностите. Но, кога политичарите изгубија глава, што им останува на новинарите? Или, сепак, токму тогаш новинарите остануваат?

Во секој случај, сериозна дамка за историјата на македонското новинарство, која ионака поприлично наликува на флека.

Новинарски светулки

Под теророт на политичарите (и нивната културно-естрадна-новинарска свита), годинава во електронските медиуми светулки требаше да бараме со лупа. Сепак, вреди да се издвои новинарскиот труд на Јадранка Костова која навремено и информирано во десетина свои емисии ги имаше најжешките политички фаци во моментот, притоа, се разбира, воопшто не штедејќи ги.

Голема светулка заслужува и континуираниот развој (барем нешто да не пропаѓа) на базичниот ТВ-жанр: репортерството. Освен неприкосновениот Зоран Стевановски од А1-ТВ, извонредни репортерски способности годинава покажаа и Снежана Лупевска, Младен Чадиковски и Герман Филков.

Една фосилизирана (ќилибарска) светулка заслужува дури и враќањето на Латас, кој и понатаму продолжува со своето манипулативно и инструментализирано новинарство, но со доза на бомбастично шоуменство кое, сакале или не сакале да признаеме, е инхерентен дел на самиот ТВ-медиум.

Сè на сè, годината на опасно живеење е зад нас и ни останува само да се надеваме дека стравовите и тензиите што ни ги приредија арогантните и цинични простаци на моќта и власта - нема да се повторат. Но, искрено, слаба е таа надеж. Можеби се тешам со претходниците и наследниците:

    Не барам збор за ова што ни се случува.

    Речи го: предавство, лудост, гадост, нискост.

    Секој ќе плати за својот бес.

    Пустошот што те чека

    јас веќе го доживеав.

    Не бој се. Не е страшно.

    На крајот сеќаваш дури жал и блискост.

                       (Блаже Конески, Претходница, 1992)