51
ЛЕПЕН ИЛИ МОНТЕСКЈЕ
14.01.2000
Кампањата „Купувајте македонски производи” започна со веќе сега
антологискиот спот на Милчо Манчевски, за старецот и за неговиот
брош-пеперутка. Иако малку претенциозен - чинам дека баш и не ја
погаѓа целната публика, иако во голем дел е направен од странци и во
странство - а рекламира домашни производи, спотот на Манчевски, пред
сè поради восхитувачкиот звук и монтажа, спаѓа во самиот врв на
досегашната македонска адвертајзинг продукција. Колку тој спот
отскокнува од вообичаено мизерните реклами кај нас, најдобро покажаа
токму спотовите што ја продолжија кампањата на Министерството за
трговија. Тие не само што не се ни приближија до поставениот висок
стандард, туку со одредени непромислености ризикуваат да станат
контрапродуктивни во однос на зацртаната намера - да се купуваат
домашни производи.
Најлошиот спот во досегашната кампања е новогодишниот спот-монолог
на девојчето чиишто родители се „чевлари-богаташи”.Таквата
злоупотреба на „детското”, таквото „упикување” и манипулација со
стереотипите на „јавното мислење”, кичерството, невкусот и
патетиката таму присутни отскокнуваат дури и среде македонската,
мошне заглупувачка, рекламна продукција. (Слична злоупотреба на
децата има и во депресивната и морбидна обработка на песната на
Лајбах, што ја користи Авиоимпекс.)
Посочената адвертајзинг стратегија се обидува да ви ги земе парите
на начин што настојува во вас да разбуди тревожни или сентиментални
реакции - што не е фер и што се коси со јавниот и со деловниот
морал. Затоа фирмите кои во недостиг од маркетиншка стратегија ги
потставаат децата како рекламна стока, заслужуваат да бидат
поистоветени со бездушните улични макроа (често родители!) коишто
децата ги користат за питање.
За работите да не му бидат прспуштени исклучиво на деликатното
чувство за вкус и за пристојност, можеби би можело да се размисли и
за одредени законски решенија во оваа сфера, по примерот на некои
западни земји. Не само што треба да се ограничи употребата на децата
во рекламите туку мора да постојат и ограничувања за реклами коишто
им се наменети на децата - како потрошувачи.
***
И уште една работа во врска со кампањата за домашни производи:
наместо на луѓето инструктивно да им се советува што да купат,
поумно ќе беше да се поднаучат како да купуваат. како да ја развијат
потрошувачката култура. Среде кампањата, на пример, ни се случи
аферата со неквалитетни домашни млечни производи. Работата се
„заташка” на најглупав можен начин: министрите сркнаа од млекото на
единствениот горе-долу коректен произведувач на млеко во земјава.
Зошто би купувал македонски производ, ако е неквалитетен или скап?
Во тој аспект кампањата тотално потфрли и уште еднаш им прати на
луѓето контрадикторни и неразбирливи сигнали, какви што веќе
десетина години им се испраќаат од највисоки места: сакаме пазар и
конкуренција, ама можеби и не ги сакаме.
Работата може да се постави и вака: на една страна го имате
францускиот екстремен десничар Лепен, кој вели: „Повеќе ги сакам
моите ќерки од моите братучетки, повеќе моите роднини од моите
соседи, соседите повеќе од непознатите луѓе, а нив повеќе од
непријателот”. На друга страна го имате славниот хуманист Монтескје:
„Кога би знаел дека нешто е корисно за моето семејство, но не и за
мојата татковина, би се обидел тоа да го заборавам; кога би знаел
дека нешто е корисно за мојата татковина, но е штетно за Европа, или
дека нешто е корисно за Европа, но не и за човечкиот род, би го
отфрлил тоа како злосторство”.
На нашава сегашна власт, но за жал и на нашата сегашна доминирачка
патријархална и провинцијална свест, многу поблизок им е Лепен
отколку Монтескје. Министерството за трговија со својата кампања
само даде свој скромен прилог кон таквата состојба.
|