Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 51        # 53
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


52

КОМПАНИЈА, МЕСО, БОРАНИЈА

28.01.2000


„Кога би морал да решам дали е подобро да имам влада без весници, или весници без влада, ни секунда не би се двоумел да го изберам второто.”

Фасцинантно е што оваа славна реченица на Томас Џеферсон повеќе од двесте години ја задржува горливата актуелност.

Но, чудно е што токму денес - во светлината на најновите големи, тектонски придвижувања на планот на глобалните медиуми - оваа реченица-симбол на слободарскиот и критички дух на јавноста, добива некои сосема нови значења.

Имено, спојувањето на двата медиумски џина, Time Worner (сопственик на сеприсутниот CNN, на неделникот Time, со огромна сопствена филмска, музичка и издавачка продукција) и America Online (најголемиот светски Интернет провајдер, со 22 милиони претплатници) - може да го направи излишно постоењето на какви било влади, посебно со оглед на фактот што тие џиновски спојувања на ионака супермоќни компании станува мегатренд.

Најголемиот „брак” во историјата на американскиот бизнис (вреден преку 300 милијарди долари) беше директно пренесуван на телевизија и ги потисна сите други политички, економски и естрадни теми, станувајќи светска тема број 1.

Најголемата хомогенизација на медиумите во историјата ги загрижи (освен, се разбира, конкурентските фирми, како Microsoft и Yahoo) и членовите на Меѓународната федерација на новинарите (IFJ) која оваа фузија ја окарактеризира како „закана за демократијата и за слободата на изразување”. „Ние сега присуствуваме на доминацијата на неколку компании што ги контролираат информациите и каналите за нивна дистрибуција”, се вели во соопштението на Федерацијата која повикува да се преземе акција за обезбедување на новинарската независност, бидејќи во спротивно ќе дојде до соочување со „опасната закана за медиумската разноликост”.

Коментаторот на Њујорк Тајмс, Верлин Клинкерборг, пишува дека оваа вертикална интеграција ќе доведе до опасна контрола на креативноста, авторските права и дистрибуцијата. Традиционалните медиумски куќи ќе бидат прегазени со ова спојување.

Аналитичарите велат дека дилот е премолчано признание дека Интернет компаниите не можат понатаму без „содржина” со која би ги исполниле своите комуникациски канали, како и дека не се способни самите да ја создадат. Од друга страна, ниту старите медиумски компании не можат без Интернет кој на масовните комуникации им дава нова димензија и „повратна врска”, со можност понудата да се прилагодува за секој поединечен корисник.

Загрижувачки е фактот што Интернет сè повеќе го преземаат комерцијалните интереси кои во Мрежата гледаат огромен потенцијал за продавање, огласување и деловни трансакции. Загрижувачки е и фактот што во 75-годишната историја на американските електронски медиуми комерцијализацијата постојано ја нагризува кревката „сфера на јавноста”: аналитичките вести и документарниот материјал отстапуваат пред забавните содржини. „Дури и вестите стануваат забава”, констатираат аналитичарите.

Затоа го евоцираме Џеферсон и двосмисленоста на неговата порака, во новите околности. Постои опасност да се врати времето од пред 200 години. Еве што вели Вилијам Кобет во 1807-та година: „Слободата на печатот е утопија. Наместо да просветува, англискиот печат ги држи луѓето во незнаење. Наместо да ја шири идејата за слобода, тој се обидува да ги претвори луѓето во робови; наместо да ги заштитува, тој е најделотворно орудие во рацете на тлачителите”. Но, и покрај тоа, тогаш ретките слободни англиски весници (слушнете ги имињата: The Destructive - Рушител; The Poor Man's Guardian - Чувар на сиромавиот; Red Republican - Црвениот републиканец) се бореа да се слушне гласот на правдата, на слободата, на загрозените. Тие весници излегуваа од печатниците сместени по валканите лондонски сокаци, сокриени во мртовечки сандаци, кутии за шешири и во кошници прекриени со јаболки, леб или валкани алишта, а потоа се дистрибуираа низ целата земја.

Се разбира дека и денес и во иднина ќе опстојат, вака или онака, независните гласила, затоа што, меѓу другото, и јанусовската технологија (симбол за „мечот со две острици”) овозможува евтини начини за јавно дејствување. Но, опасноста е што таквото дејствување, пред медиумските џинови од типот Варнер/АОЛ, ќе биде толку ситно и маргинализирано, што неговото влијание ќе биде безначајно. Затоа и треба да им се навратиме на втемелувачите на слободниот печат, но и одново да го исчитаме Орвел, чијашто 1984 (или некаква нејзина розикава варијација) можеби допрва нè чека.