53
ПРИВАТНОСТ ИЛИ ЈАВНОСТ
11.02.2000
Старото добро медиумско правило вели: состојбата со здравјето на
една личност е исклучиво приватна работа, освен ако таа личност не е
претседател на република.
Согласно со тоа, населението сочувствува (некогаш дури и се
идентифицира!) со здравствените состојби на своите водачи, а цели
чети новинари ги демнат знаците на физичка (или ментална) слабост на
оние што, вака или онака, ја симболизираат државата. Телевизијата
тука е безмилосна: дури и тони пудер и шминка не можат да ја
прикријат лошата физичка состојба на диктаторите кои сметаат на
вечно владеење, а повеќенеделното непојавување во јавноста веќе е
знак за тревога.
Туџман беше еден од најновите примери на водач кој се поистоветува
со митската слика за себе што самиот ја произведува. Како и самиот
да не веруваше во својата болест, така и населението го остави
потполно неинформирано. Затоа, пак, по неговата смрт, конкурентите
за претседателското место, уредно, сите до еден, ги поднесоа на увид
на јавноста своите здравствени картони, сметајќи дека прават еден
демократски исчекор напред во однос на Туџмановото ригидно
однесување спрема јавноста.
Во тоталитарните режими состојбата со здравјето на врвните
раководители е тајна од највисок ранг.
Некогаш се ангажираат и шпионските служби. Француската тајна служба,
на пример, се обидела да ја реши мистеријата на „подмладувањата” на
Леонид Брежњев. Кога имал 75 години, Брежњев ќе исчезнел од
политичката сцена, видно истоштен и болен, за да се појави по
одредено време, освежен и упорен како расен бик. За време на
официјалната посета на Париз, претседателот Брежњев во една пригода
заборавил зад себе да повлече вода во тоалетот. Французите изметот
го подвргнале на хемиски испитувања за да ја „снимат” здравствената
состојба на советскиот претседател. Резултатите, се разбира, никогаш
не ги објавиле.
Друг проблем со водачите и владетелите е нивното ментално или
психичко здравје. Нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, на пример,
набројувајќи некои случаи со латиноамериканските диктатори, докажува
дека животот е побизарен од фантазиите на неговиот роман Есента на
патријархот. Диктаторот Дивал, на пример, на Хаити наредил да се
убијат сите кучиња со црна боја бидејќи верувал дека еден од
неговите непријатели, обидувајќи се да избега од земјата, ја
преземал формата на црн пес. Антонио Лопез де Санта Ана ја погребал
сопствената нога во една величествена погребна церемонија. Анастазио
Сомоза во Никарагва во дворот на сопствената резиденција имал
необична зоолошка градина со два типа кафези; во едните имало диви
животни, а во другите, раздвоени само со челични шипки, биле
сместени политичките противници на Сомоза. Диктаторот од Салвадор,
Мартинез, наредил сите јавни светла во земјата да се прекријат со
црвена хартија затоа што верувал дека тоа е спас пред епидемијата на
сипаници.
Го споменувам сево ова од две причини. Првата е загриженоста пред
налудничавите (со реални психопатолошки индикации) изјави (фараони,
толкувачи на сништа, библиски советници) на актуелниот ни
претседател Борис Трајковски. Втората причина е залагањето да се
дигне превезот на тајна над приватноста на здравствената состојба на
врвните водачи на земјава. Со години веќе во дел од македонската
јавност се шпекулира во врска со психичкото здравје на актуелниот ни
премиер, Љубчо Георгиевски, според политичкиот систем на земјава,
најмоќниот човек, со најголеми овластувања. Со оглед на некои негови
фацијални тикови (грч на усните), со оглед на одредени семантички
анализи на неговите јавни искази (снажна репетитивност од типот
„нели”, „видете”, „можам да ви кажам”, и слично), со оглед и на
неговата склоност кон гатачки и пророци, постои реална подлога за
ширење на шпекулациите за психичкото здравје на нашиот премиер.
Од друга страна, залагањето за откривањето на здравствените тајни на
неколкумината најмоќни луѓе во земјата никако не значи
дискриминација на било каков тип на заболување, вклучувајќи ги тука
и психичките потешкотии. Сведоци сме дека инвалидизирани луѓе, слепи
луѓе, па и луѓе под долгогодишна психотерапија (трауматичен развод,
алкохол, нервен слом...) стануваат не само министри туку и премиери
и претседатели. Никој не би требало да биде дискриминиран или
хендикепиран поради своите здравствени проблеми. Прашање е само дали
моментната здравствена состојба на најодговорните соодветствува со
безбедносните и сите други интереси на земјата. А дали таа
соодветствува проценуваат лекарите и јавноста.
|