54
МИЖУРКАВИ СВЕТЛЕНЦА ВО КРЧМАТА
25.02.2000
Пригмечени од оваа патолошка доминација на политиката (ако воопшто е
политика тоа лактање и „пцуење во мрак”) над сиот јавен живот,
богами ќе мораме да се снаоѓаме, кој како знае, според
старовремските принципи на индивидуализмот (од типот „стаорците
бегаат додека бродот тоне”); но, и така „индивидуализирани” (дури и
под прагот на „племенското”, кон што стреми нашево речиси по сите
шевови распаднато општество), ќе мораме да пронаоѓаме нови форми и
содржини за градење некакви помали заедници кои можеби одново, врз
поздрави основи, би ги воспоставиле цивилните принципи на заедништво
на ниво на државата, но и пошироко.
Затоа, меѓу другото, е важно развивањето на тн. јавен сектор (кога е
оневозможен развојот на другите сегменти што во служба и во полза на
граѓаните го одржуваат механизмот на државата, сега тотално
пропаднат под притисокот на алчните партиски олигархии за кои целата
политика всушност се состои во полнењето стомаци и сеењето страв).
Што да кажете за типови кои се возат во лимузини од по сто илјади
марки со полициска придружба и телохранители, а мнозинството народ
живее во африканскиот стандард од илјада долари годишно по жител?!
Дури и зборот „мафија” е благ, затоа што мафијата барем има некакво
чувство за стил и дискреција - барем не го сопираат сообраќајот кога
навечер одат на концерт или во кино. Во една Хрватска (која само од
туризмот го заработува целиот наш бруто општествен производ) новата
влада го распродава возниот парк и ги тера министрите да одат на
работа со свои коли, за да не го предизвикуваат гневот на
сиромашното (пет илјади долари по жител) население. Да не зборуваме
за една Данска или Финска (триесет илјади долари по жител) каде што
премиерите одат на работа со велосипед и е чиста научна фантастика
трошењето на макар еден долар за лични потреби на државните
службеници. Овде, кај нас, како да не сме мрднале од „пустото
турско”, сета моќ, власт, пари се концентрирани кај неколкумина
токму распашани патријархалци кои на еден толку вулгарен начин ја
манифестираат својата семоќ што на речиси целото население им е
згадено и од политика и од политичари коишто повеќе наликуваат на
фрустрирани анахронизми од типот бег или паша отколку на современи и
одговорни државни чиновници.
Значи, имаме екстремна доминација на партиската политика над
државата, а во втор степен имаме екстремна доминација на државата
над цивилното општество. Сè што ни преостанува, како граѓани, е да
ја зајакнуваме важноста на јавното мислење, кога веќе се разорени
постоечките институции кои понепосредно се грижат за зачувувањето на
професионалните, моралните и сите други стандарди. Ни преостанува да
ги обновиме јавните институции, да смислуваме нови стратегии за
одбрана на јавниот простор и, воопшто, да ја редифинираме улогата на
јавноста во нашите животи.
Токму според принципите на новата европска социјалдемократија
(чијшто „идеолог”, на некој начин, е британскиот социолог Ентони
Гиденс), јавниот домен не може да се идентификува со доменот на
владата. Ако можат Европјаните радикално да ја ревидираат нивната
демократија и нивните демократски институции, зошто ние барем да не
се обидеме да ù се спротиставиме на дегенерацијата на политичката
моќ? Треба одоздола да го јакнеме цивилното општество со цел тоа да
стане сосема рамноправен партнер на владата. За да имаме пристојно
општество, според Гиденс, треба да се пронајде рамнотежа помеѓу
трите сектори: пазарот, владата и цивилното општество.
На некој начин испаѓа, ете, дека дури и високоразвиените општества
пред себе ги имаат целите што ги има нашава, на моменти се чини и од
бога и од умни луѓе напуштена, касаба, темен вилает, крчма со пар
мижуркави светленца (пред да се изгаси, така, во пресрет на следниот
балкански колеж?!).
***
И како телевизиски прилог кон сето ова: најглупавата серија на сите
времиња (и простори и галаксии), Погрешно време (погрешно сè!) само
го дотолчува ионака смачканиот Македонец. Таква количина на
вулгарност, примитивизам, невкус и дилетанство на едно место, е Али
Бабина пештера на трешот и рудник од кој ќе копаат следните
генерации македонски монтипајтоновци. Ед Вуд може бурек да им носи
на авторите на Погрешно време. Кога МТВ би ја пратила серијата на
еден од оние супербизарни фестивали што ја собираат најоткачената
(до крајните граници на невиноста дилетантска) продукција, гарант
дека Погрешно време би освоила пар награди за бесмртна глупост.
Од друга страна, таа серија, токму низ својата неукост, безмилосно
го разобличува просташтвото на оваа власт кабадахиски распослана низ
„националните институции” што сега наликуваат на фантазмогорични
биртии од некој филм на Родригез или Тарантино.
За среќа, МТВ не мирува, така што за сите следбеници на наивниот а
претенциозен аматеризам, за сите љубители на
толку-големи-глупости-што-прераснуваат-во-икони - добрите времиња
допрва доаѓаат.
|