Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 54        # 56
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


55

ДОСИЕ: ТАЈНА

10.03.2000


Дали Слободан Милошевиќ всушност е човек на Пентагон? Дали Борис Трајковски ја одработува каузата на опскурна религиозна група? Дали Љубчо Георгиевски во подрумот на неговата вила добива политички совети од духови? Дали македонското признавање на Тајван беше само шаховски потег, и тоа со пион, во големата игра на тајните играчи? Дали Македонија веќе е купена земја и за што ќе послужи - за складирање отпад, за етно-регионални експерименти? Дали распадот на СФРЈ и СССР беше дел од едно поголемо разместување во стратешката пленетарна борба? Или можеби станува збор дури и за интер-планетарна борба?!

Конспиративните теории го премрежуваат светот како кртичник. Можеби теориите за завери се само вентил за човечката хронична параноичност (постојаната желба на несвесното, на нашите „темни аспекти”, да се пробијат надвор), а можеби се и последната брана пред еден навистина супер-уреден и предвидлив свет кој со својата цементирана, беспрекорно проектирана и испрограмирана архитектоника, ќе биде суптилно (позитивистичко) надминување на најцрните тоталитаристички утопии, какви што се оние на Орвел, Хаксли или Замјатин.

Крајот на векот дополнително ја разбуди нашата страст кон теориите на заверите. Како сосема непредвидливата иднина да ќе ни биде полесна доколку си умислиме дека зад целиов хаос (о, особено кај нас фури и завива неодгатливиот црн ветер дури и од утрешниот ден!) сепак стојат нечии прсти, нечија игра, ум што координира и разместува, играјќи исклучиво на крупно и занемарувајќи ги попатните („колатерални”) штети и ситнурии?!

Нејсе. Што сè треба за една успешна конспиративна теорија? Еден од стручњаците за тоа подрачје, Џон Свини, новинарот на англискиот Guardian, смета дека за тоа се потребни четири битни елементи:

1. Конспирацијата мора да биде компликувана и најдобро е да биде невозможно да се сфати „од прва”.

2. Мора да содржи цел куп упатства невозможни за следење.

3. Приказната мора да открие некоја поширока вистина за општеството, низ цела серија од наизглед неповрзани настани од поблиското или подалечното минато.

4. Не треба да биде едноставно да се проверат фактите поврзани со заверата.

Заверите можат да се поделат и на космички, псевдоисториски и историски. Космичките најмалку зависат од светот и од волјата на луѓето. Според Ѓурчиев, славниот руски мистик, на пример, Белзебуб, космичкиот демон, ги успива луѓето и прави од нив негови робови. Затоа основниот императив на Ѓурчиев е будењето, како на човекот така и на човештвото.

Втората категорија е најзабавна за проучување, бидејќи заверите од овој тип често поседуваат таков степен на фантазерство и таква доза на отшрафеност што предизвикуваат восхит. Крис Картер (творецот на култните Досијеа Х), Џенезис Ориџ, Пол Мавридес, Вилијам Бароуз, Џемс Селби Даунард - сите тие се врвни претставници на „псевдоисториските” конспиративци. Музичарот Џенезис Ориџ (од бендот „Phisic TV”), на пример, има теорија дека вонземската интелигенција го населува исклучиво електромагнетниот свет и дека телевизијата всушност е нивниот главен медиум со кој вонземјаните управуваат со луѓето (кој ја гледа македонската телевизија сигурен сум дека нема ни трошка сомневање во теоријата на Ориџ). Вилијам Бароуз, славниот писател, тврдел дека сето зло на светов потекнува од мали богаташки кланови кои ја кројат судбината на светот, а всушност се психоделични демони од Интерзоната, паралелниот фантастичен свет опишан во прочуениот роман Голиот ручек. Селби, пак, од друга страна, има интересни информации за нашиот бивш претседател Јосип Броз Тито. Селби тврди дека Тито, Големиот мајстор на 33 степен, е еден од најголемите масонски планери на сите времиња, згора на тоа суштински поврзан со атентатот на Кенеди.

Во третата група спаѓаат вистинските историски завереници - од Каталина, преку масоните и Ватикан до Билдерберг групата.

Еден од поинтересните „конспиративци” кај нас е сликарот и во поново време филмскиот режисер Ацо Станковски. Се разбира, токму заради тајноста, теориите на Станковски, доколку воопшто ја стекнете неговата доверба, можете да ги слушнете само усмено (додуша, сега му излезе една мошне „конспиративна” книга, сатиричко-политичката фантазмогорија под име Фајл: Дрогераш). Тој ќе ви ги објасни и поврзе тајванската зделка, диловите со Грците, албанското прашање, хероинскиот проблем. Друг креативен и луциден познавач на заткулисните игри во Македонија и пошироко е музичарот Ристо Вртев, првиот човек на „Архангел”.

Конспирациите се, дефинитивно, во мода. Но, како што заклучува еден добар познавач на оваа област, Владимир Ѓуриќ, кога тајните ќе станат јавни, особено на ТВ, како што е случајот со Досијеата Х, се губи нивната смисла. Или сето тоа е само лукава игра да се прикријат некои многу посериозни и попрозаични тајни?!