56
ШЕСТТОТО СЕТИЛО
24.03.2000
Дали гласилата во Македонија пренесуваат веродостојна слика на
стварноста? Дали политичките партии имаат реалистички согледувања на
состојбата, што имплицира имање соодветни решенија за подобрување на
невеселата ситуација? Дали за луѓето од типот на нашиот премиер може
да се заклучи дека сосема одлепиле од реалноста кога констатираат
некакви успеси и напредок? Дали воопшто постои „реалноста”?! Дали
воопшто постои Република Македонија?! Дали која било заедница или
држава всушност не се „консензуална халуцинација”?!
Време е за Бодријар, се разбира. „Реалноста тоне во хиперреализмот,
ситничавото прикажување на реалното, пред сè со помош на средствата
за репродукција, какво што е фотографијата. Од едно до друго
средство за прикажување, реалноста испарува, станува алегорија на
смртта. Но, во одредена смисла, таа исто така се засилува со
посредство на своето разурнување. Таа станува реалност заради самата
себе, фетишизам на изгубениот објект - веќе не е објект на
репрезентацијата туку екстаза на негацијата и на своето сопствено
ритуално уништување: хиперреалност.”
Македонија не е хиперреална земја од вчера, иако сегашниве политички
водачи сами по себе наликуваат на кошмарни халуцинации. Дамки од крв
на подрумски ѕидови, инстант цркви, благовестија, многу позитивна
енергија и исклештени вилици (што од трогателно наивна глупост што
од провизии), балови, лимузини, послушност, тапоглавост и просташтво
- зрачат озгора надолу, секогаш проклето надолу затоа што
социјалниот електрицитет и бес и немоќ и очај главно се празнат
удолу.
Како уште еден прилог кон наведените прашања од почетокот на
текстов, го наведувам концептот за „четири сукцесивни фази на
сликата” на францускиот теоретичар на културата Жан Бодријар (чие
име практично е синоним за „постмодернизмот”). Овие фази се
однесуваат на сукцесивното оддалечување на знакот или сликата од
објектот на претставувањето, така што знакот минува низ следните
етапи на значења и вредности:
-тој претставува одраз на базичната стварност
-тој ја прикрива и ја изобличува базичната стварност
-тој ја прикрива отсутноста на базичната стварност
-тој не е во никаква врска со која било стварност; тој е свој
сопствен чист симулакрум.
Концептот за „четирите сукцесивни фази на сликата” совршено се
пренесува на теренот на политиката, а можеби го објаснува и
несреќниот македонски политички случај; доаѓањето на власт на СДСМ
во 1992-та претставуваше „одраз на базичната стварност” исто како и
доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ во 1998-та; и едните и другите минаа
практично низ теориските фази на Бодријар: најпрвин ја прикриваа и
изобличуваа базичната стварност, потоа ја прикриваа отсутноста на
базичната стварност, за најпосле, и едните и другите (додуша, ВМРО
со молскавична брзина летајќи низ фазите) сосема да се одлепат од
која било стварност: сами за себе тие две партии станаа свој
сопствен чист симулакрум.
Нашата неименувана земја, пак, се претвори во бодријаровскиот
Дизниленд, упаѓајќи во вителот на хиперстварноста. Функцијата на
Дизниленд е другиот дел од Америка да ни изгледа стварен. Но за
Бодријар („пророкот на македонизмот”) сето тоа не постои: стварноста
(како она што може да се разлачи од нејзините знаци) исчезнала и
наместо неа останале само знакови и системи, симулакруми, нејзини
(дис)симулации. Т.е. на згариштето на оваа пеплосана земја останаа
нејзините политичари како мижуркави одблесоци од некогашната
реалност. („Кога стварното веќе не е она што некогаш било,
носталгијата почнува да го добива своето полно значење.”)
Дали за нас е утеха фактот што Дизниленд, според Бодријар, не е
фантастична куќа на забавата отсечена од стварната Америка; тој е
самиот корен на можноста за појавност на Америка како „стварна” во
постмодерниов свет.
Така што, како резиме: супер ни е! Стварноста на негрижата и
неодговорноста е вистинската! Карневал! Забава до бесвест! Дури
претседателот и премиерот прикриваат колку ни е добро! Само човек со
шесто сетило може да ја сфати „етеричноста” на нашата состојба и да
го согледа фактот колку сме растоварени од грижи додека од страшните
духови нè брани веселиот премиер во (подрумот на) вилата на Водно.
|