Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 56        # 58
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


57

МЕДИУМСКИТЕ ИГРАЧИ НА СДСМ

07.04.2000


Еден од ретките во земјава што успеја да види некаков ќар од неспособната власт е СДСМ. Тоа го покажуваат како ретките анкети така и речиси консензуалниот (освен бабуњосаните новинарски лакеи и изгубените дворски шутови) јавен одиум што го предизвикува троглавата коалиција.

Дури и ако се согласиме дека недоветниот режим најмногу придонесе за големото и брзо враќање на СДСМ, не треба да се занемарат добрите работи во самиот Социјалдемократски Сојуз. Изминатава година СДСМ покажа дека располага со неколкумина мошне снажни и надежни млади политичари кои едноставно немаа конкуренција на политичко-медиумскиот пазар. Се издвојуваат тројца: Радмила Шеќеринска, Никола Поповски и Владо Бучковски, а веднаш тука крај нив голема работа за партијата, низ своите јавни настапи, заврши и Илинка Митрева; можеби меѓу нив треба да се вреди и малку претенциозниот Нано Ружин кој често е изгубен помеѓу стремежот за аналитичка строгост, желбата да биде понепосреден и политичките потреби (но, тоа да, Ружин остава добар впечаток кај „пошминкерски” расположениот аудиториум).

Радмила Шеќеринска полека израснува во важен еманципаторски симбол во македонската политика. Начинот на кој ги расканта, на пример, патерналистички расположените Амди Бајрам и Столе Попов, ја промовира Шеќеринска во прва политичко-феминистичка хероина на овие простори. Се разбира дека неа допрва ќе ја валкаат во мачоистичката кал на нашата сè уште прекумерно патријархална и авторитарна средина, но Шеќеринска покажа дека знае да се брани; притоа, пред налетите на анахроните демагози (кои, реално, владеат не само со говорот на политиката туку и со оној на гласилата), бранејќи го и правото на посовремен дискурс. Уште и ако Шеќеринска реши сепак да одработи посериозна улога во еманципацијата на ова заостанато општество, а не само прагматично да ги одработува партиските налози, тоа ќе биде добро и за земјата, но и за нејзината партија која исто така страда од авторитарност и патријархалност.

Владо Бучковски, пак, испадна херој за нервно лабилниот дел од нацијата (што значи за огромното мнозинство што секојдневно шмрка нешто за смирување, веќе според генерациските афинитети), бидејќи успеја ладно, на нозе, дури и со сочувана смисла за хумор (и нормален и жив, пред сè!) да излезе од државната изборна комисија која наликуваше на лунапарковски (во земјата што наликува на морбиден Луна-парк) тунел на стравот и ужасот: кој се повозел таму излегува со ококорени очи, накострешена коса и пришвркнат. Дури и мизерниот расплет на драмата, апсурдниот лик на Борис Трајковски како деус еџ мацхина претседател, изгледаше прифатливо, само еднаш да заврши фарсата. Од целиот галиматијас Бучковски излезе како краткорочен губитник (го надгласаа теледиригираните партиски роботи), но со начинот на кој загуби тој стана главен херој на јавноста во периодот на изборите. (За Никола Поповски, клучната светулка во изминатата година, пишував во новогодишниот Форум, па овојпат ќе го прескокнам.)

И Илинка Митрева во своите јавни настапи покажа дека е многу полуцидна и порешителна како опозиционерка, а освен тоа и таа е јако феминистичко оружје на СДСМ (чинам дека само уште Лилјана Поповска од ЛДП има доволно силна харизма да ја бутка едновремено и партиската и женската кауза).

Контроверзниот водач на СДСМ, Бранко Црвенковски, по својот политички хабитус не наликува на современ социјал-демократски политичар (авторитарен демагог кого го интересира само технологијата на власта и моќта, без посериозни визионерски или реформски капацитети), но затоа е слика и прилика (како и неговиот фатален „брат” и огледалски прогонувач, Љубчо Георгиевски) на потребите на заостанатиот, сè уште силно копнежлив по авторитети со цврста рака, просечен македонски гласач. Борбата за еманципација на тој просечен гласач, борбата одново да се создаде уништената мнозинска средна класа - наспроти сè полажната дилема: СДСМ или ВМРО - е последната шанса земјава да излезе од овој веќе загрижувачки долг тунел без светла, наречен транзиција.