Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 57        # 59
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


58

УМНОЖЕНИ МРАКОВИ

21.04.2000


И покрај евидентниот, пред сè во смисла на квантитет, напредок на медиумите во Македонија, сепак некои клучни работи во медиумската сфера остануваат отворени, па дури и заканувачки за судбината на земјава.

Најнапред, новинарската култура (која е суптилна мешавина од професионална, морална, законска, политичка, естетска, социјална... сензибилност) е на мошне ниско ниво диктирано од политичките ментори, алчните сопственици и неуките уредници. Доминираат, и тоа на еден речиси хистеричен начин, исклучиво политичките и политикантските теми кои ги мобилизираат најниските страсти и стереотипи на ионака културно и образовно запуштениот народ.

Примери за такво острастено новинарство има колку што сакате, но како мошне негативен пример треба да се издвојат вестите на ТВ Телма. Очекувањата од таа ТВ куќа беа големи; уредници со искуство, релативно професионални услови за работа, релативна неоптовареност со финансиски проблеми. Но, од таму, наместо значаен придонес во градењето на медиумската култура, под превезот на некакво бескрупулозно опозиционерство добиваме големи и жестоки количини на омраза и на еден недоквакан и крајно несоодветен (особено за мас-медиуми) цинизам (дежурни мети: Албанците, НАТО, па и странците воопшто).

Пред една година, кога Телма ја играше истата популистичка и хистерична игра по повод кризата со бегалците и НАТО нападите врз СРЈ, добив впечаток дека станува збор за лични новинарски неснаоѓања и дека, пред сè „ударните игли” на Телма, Емилија Лазаревска и Искра Новаковска, едноставно се недоволно зрели и промислени новинари водени повеќе од сопствените импулсивни афектации отколку од аналитички, критички и одговорни проценки. Но, сега гледаме дека и другите уредници во Телма го прифатиле истиот стил на напален цинизам.

Најзагрижувачко (и потенцијално со тешки последици) е сатанизирањето на албанските политичари, во клима кога ионака постојат значајни меѓуетнички напнатости во земјава. Албанските политичари се избрани од гласачите во Македонија и тие се народни претставници. Башка, и вон тој елементарен стандард на пристојност (кој не постои во Телма), македонските гласила, чинам, во една волку шаренолика земја, особено треба да го негуваат чувството за толеранција и разлики.

Истото она што до степен на гнев нè разочарува кај нашите соседи, пред сè во Бугарија и Грција, во поглед на непочитувањето на какви било малцински права, во поглед на медиумската шовинистичка едностраност - си го дозволуваме себеси, и тоа во рамките на ист ТВ Дневник! Прво ги обвинувате Албанците дека ви ја парчосуваат земјата, потоа НАТО ви фрла мистериозно ковчеже во езеро и ви ги закачка питомите младинци, за потоа да уследи трогателен (за жал, реален) извештај за бугарската несензибилност, на пример, да се слушне какво било различно мислење вон својот фанатизиран националистички котел, на што заличува речиси секоја балканска држава одделно.

За волја на вистината, дури и од фанатизираната Телма има полошо: МТВ. Историјата на македонското новинарство во значајна мера е историја на слугување, на лакејштина и полтронштина од најнизок тип. Ама, дури и во таа неугледна историја тешко ќе најдете примери за таков степен на новинарска сервилност спрема разноразни политички миноритети од она што секојдневно, во патолошки количини, го демонстрира МТВ.

Во Европа дефинитивно нема да нè однесат Љубчо, Борис или Бранко, туку воспоставувањето на одредени цивилизациски стандарди, на сите нивоа, почитувањето на разликите и воспоставувањето јавна сфера и цивилно општество. Со начинот на опозиционерско дејствување од типот Телма или Латас или со страшната политичка злоупотреба на нешто што би требало да биде јавен сервис (МРТВ или „Нова Македонија”) многу поблиску сме до албанскиот рудиментарен модел на тотална политичка поларизација (или до српскиот модел на државен терор) отколку до некакво посуптилно и подолгорочно ткаење на политичката, етничката и секаква друга плурализација, која, во новите глобални околности, е друго име за стабилноста.