59
ЈАПИЕВСКИ ЕТАТИЗАМ
05.05.2000
Младиот и амбициозен министер за финансии, Никола Груевски,
изминатите месеци беше во фокусот на вниманието. Се добива впечаток
дека глазурата врз харизмата на еден од последните не толку
искомпромитирани ВМРО-овски кадри - почнува да напукнува. Во
однесувањето со старите девизни штедачи, како и со арогантниот начин
на кој го буткаше законот за денационализација, Груевски, и покрај
привидниот успех, покажа дека сè уште е млад и незрел политичар и
дека политиката ја сфаќа исклучиво како лихварска вештина на
спогодување и арбитрирање. Од позиција на моќ, без да покаже барем
вештина на сочувствување со оштетените граѓани, јапиевски безмилосно
и грубо Груевски го демонстрираше она што веројатно самиот го трпи
по белосветските канцеларии: принципот „земи или остави, моќта е кај
мене”.
На истиот консензуален начин на којшто некогаш им се грабаа имотите
на луѓето, во името на правдата, се разбира, денес речиси едногласно
се врши нова неправда, само што некогашниот партизан со чизми и
кожен шинел, денес е претворен во прагматично јапи типче што
државата т.е. партијата си ја сфатил како сопствена корпорација чии
интереси ги заштитува до ниво на лешинарство.
И „партизанот” и „јапито” не се ништо друго туку вечни симболи на,
добива човек впечаток, вечниот јарем на власта на Балканот. Прво
државата, т.е. власта, моќта, т.е. ЈАС, па сè друго. А тоа „сè
друго” се сите тие токму од државата испокрадени луѓе, и од „лева” и
од „десна” провиниенција, олеснети за милијарди долари, пари и имот.
Така што, ситниот бирократ и балкански арогантниот (кон горе:
сервилност и вовлекување; кон долу: грубост и газење) јапи Груевски,
како претставник на една до сулуди граници здебелена и моќна држава,
баш и не е симбол на еманципирање од комунистичкото самоволие. Токму
обратно: тој го потврдува, заедно со идеолошкиот консензус околу
дневното утврдување на правдата.
Со задоцнетиот и тешко остварлив Закон за денационализација уште
еднаш се потврди старата историска мудрост: некогашната трагедија
обично се повторува како фарса.
А суштинскиот проблем - колку и да се трудат лево-десните демагози
да го прикажат како идеолошки - во суштина е структурен и клучен за
иднината на нашето општество. Државата не ни чини, и тоа подолго
време. Нема државата проблем со своите граѓани, туку таа држава нам
ни е проблем, затоа што како Молох цица сè и се дуе како оној
дебелиот монтипајтоновец што ќе се распрсне од преждраност.
Потребна е голема наивност за да верувате дека државата која не
смогна сили најелементарно да се конституира (со поделба меѓу
извршната, законодавната и судската власт), со државата која има
најголем број на министри во Европа и најлош и најметастазиран
чиновнички апарат - дека таквата држава ќе ги брани вашата
сопственост, вашите пари, вашите човечки права.
Затоа се фарсични сегашниве бледи идеолошки восклици на власта. Да
не беа омразените странци кои ни ги диктираат реформите, за пар
десетлетија, со таквото чувство за држава и организација, ќе
регресиравме на ниво на племенска заедница.
Круна на тој балкански ли ориентален ли, деспотски модел на владеење
(централизиран, авторитарен, патријархален) токму е миксот на нашата
сегашна власт: старите демагози-волунтаристи од типот
Климовски/Тупурковски помешени со примитивната алчност (токму налик
на онаа од 1946 година) на наци-револуционерите од типот на
Георгиевски/Џафери. Претходниот, пак, режим, на СДСМ, беше само
мачна атрофија и бавно изумирање на системот од кој кобајаги се
ослободивме 1991 година.
Можеби треба да имаме трпение за историските процеси? Можеби човек
кој еве веќе 20 години ги чека своите девизи, или човек кој 50
години го чека својот имот, или човек кој по 50 години жрмбање за
Молохот на државата утре ќе биде истеран од својот стан во името на
правдата - од сите нив да очекуваме трпение? Добро. Но во што е
разликата со 1946-та? Ќе бидеме ли толку наивни за и идеолошки (кога
веќе материјално нè пљачкосаа до гола коска) да ја проголтаме новата
приказна за правдата?! Па нели и она беше приказна за правдата?!
Намалувањето на моќта на државата, јакнењето на локалната
самоуправа, цивилното општество, човечките права - е единствениот
начин да ја вратиме назад правдата изгубена по историските
ветрометини. Оваа држава и оваа власт не покажуваат стремеж за
подобрување на состојбата на граѓаните и таквата држава треба да се
рашрафи и одново да се конституира врз фундаментално демократски
принципи.
|