60
СТУТКАНИ ВО ТЕЛЕВИЗОРОТ
19.05.2000
На македонските телевизии убедливо најгледани телевизиски програми
се разноразните игри на среќа. Подобар доказ дека земјава ја живее
една од кулминативните точки на својата повеќегодишна криза - нема.
Луѓето се толку деградирани и толку избезумени пред неможноста да
планираат каква било посоодветна иднина, што прибегнуваат кон
последните очајнички предизвици: хазардерство и „забава до бесвест”.
Всушност, тривијализацијата на јавниот живот (токму низ форсирањето
на тој вид вулгарен ескапизам - и тоа од кого друг, туку од на
најпростачки можен начин „похристијанизираната” МРТВ), е само еден
од симптомите на нашето распаѓачко општество.
Другите симптоми ги гледаме секојдневно: енормна стапка на пораст на
наркоманијата (во смисла на бегство од реалноста, и нема голема
разлика меѓу збудалените зависници од супер-супер-супер-супер бинго
и тврдокорните џанкоси); енормна стапка на пораст на проституцијата
(на педесет километри од престолнината на „лидерот на југоисточниот
Балкан” имате бело робје и стотици заробени жени во канџите на
албанската мафија која своите долги политички прсти ги пушта и малку
пошироко од гангренозниот регион на Косово); енормна сиромаштија
(Скопје речиси почнува да наликува на Бомбај или Калкута: море
питачи, цели градски квартови без вода, без канализација, без
светло, без пат); лошо здравство, лошо образование, мали пензии,
потпропадната градска инфраструктура, младите и попаметните бегаат
од безперспективната (освен за политичко-криминалниот полусвет)
земја...
Можат да се редат симптомите за пропаѓањето на општеството. Наспроти
фразерските и сосема изгубени во космосот апологии за старата
македонска култура и здравиот патријархален дух на Македонецот -
живееме во хот лајн (до гуша во лајна, баш) култура на обезмоќени и
заглупавени луѓе кои секоја вечер хипнотизирано седнуваат да го
гледаат „прекрасниот шоумен” Игор Џамбазов, за после да си се смират
со најновата поука од христијанството на МТВ, ТВ куќа која почнува
да наликува на најморбиден спој меѓу опскурна проповедалница,
коцкарница и јавна куќа (аха, јавна куќа, баш според законот).
Некој го спомнува Берлин во 1915-та?! Барем ги имаа дадаистите!
Барем имаа кабаре! (Идеја за тие кутри а талентирани несреќници:
Џамбазов, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски - барем кабаре да направите!
Не да има атмосфера - НАТО војска, нарко дилери од калибар,
белосветски гангстери, инфлација од евтино женско и машко месо од
сите раси и класи, на хедонизам - коли и лапање - навлечени
политичари и бизнисмени... Рај! За кабаре.)
Кој преживее - ќе раскажува.
За крај, со една нова песна на младиот поет од Струмица, Никола
Маџиров, ги поздравуваме сите надежни македонски шоумени заедно со
архитектите на нашиот јавен простор:
ДАЛЕКУ
Тука светот се отвора / пред раширените нозе / на проститутките /
Тука просјакот ја продава честа / поскапо од милостината / и
келнерот кажува / - Масите се резервирани! - / Тука наркоманите се /
почисти од дрогата / (мудростите се ставаат во загради) / и џинсот
скинат над колено / се пренесува од колено на колено / Тука не се
остваруваат пророштвата / на собните пајаци / стапките се граничат
со граници / вратите се отвораат / во должина на синџирот / и правот
не ја напаѓа глупоста / Тука сенките на водачите / се постари од
сонцето / бомбите се полни / со месечеви пејсажи / последните
мостови се виножита / и цвеќарите сè уште / крадат од гробовите
Тука е она таму / каде историјата / никогаш не станува историја
(таму сме ние / послушно стуткани во телевизорот)
|