61
ПОЛИТИКАТА НЕ Е КУРВА
02.06.2000
Во одредена мера свесно, но многу повеќе несвесно во нашата земја,
како впрочем и во повеќето „транзициони” земји, политиката добива
аура на нешто валкано и недостојно, нешто од што конечно треба да се
дигнат рацете за политиката да стане ексклузивна дејност на оние со
тврди стомаци и бескрупулозен морал. Гадењето од политиката - што,
главно имплицитно, го сугерираат и медиумите - се поентира и во
тривијалната и сексистичката парола: „Политиката е курва”.
Но, политиката дефинитивно не е курва и не смееме да дозволиме
нејзино одвојување од најприземните интереси на граѓаните. Затоа што
политиката нема само национални или етнички содржини, туку се
однесува и на класните, родовите, генерациските, образовните и сите
други аспекти на нашите животи. А сета комплексност на живеењето во
една заедница не можеме туку така да ја „одделегираме” од себе и да
ја ставиме во рацете на „отуѓените” политичари. Наместо да ја
демонизираме политиката ќе мораме да ја учиме, да ги учиме
процедуралните вештини и начините како да се реализираат граѓанските
интереси.
Неодамна, на еден интересен собир во Дубровник (под наслов „За
поделените општества”), Власта Јалушиќ, политиколог од Љубљана,
зборуваше за начините на коишто социјалистичките земји од Централна
и Југоисточна Европа во текот на осумдесеттите ја промовираа
аполитичноста или антиполитичноста, односно ставот дека политиката е
нешто „валкано”, „неразбирливо”, „корумпирано”, „техницистичко”. На
тој начин политичката елита успешно ја задуши можноста за цивилни
иницијативи, кои само делумно беа промовирани со тн. дискурс на
почитување на другоста низ активизмот на разни невладини
организации. По воспоставувањето на независните држави одново сме
сведоци на еден аполитичен фатализам според кој промените во
постсоцијалистичките земји ги донесоа исклучиво интернационалната и
националната политичка елита, а дисиденството е прогонето „однатре”
во пределите на предполитичкото дејствување. И пак ни се случува
мистификација и „огадување” на улогата на политичарите, со што се
промовира новиот елитизам.
Но, според Јалушиќ, политичноста (што значи, политичката едукација и
политичкиот ангажман) е приоритет на демократичноста која не значи
ништо друго туку политика на постојано вклучување во државниот
апарат на нови актери, нови струки, нови теми; со еден збор,
демократијата бара политика на инклузија. А клучниот услов за рушење
на репресивните режими е вештината на саморефлексија: кој е способен
да ги прифати, а потоа и да ги трансформира сопствените грешки, тој
е способен да ги победи и неправдите на државната политика. Оној,
пак, кој се прогласува за „жртва” има совршено алиби за
воспоставување, најпрвин, на дефетизам и немоќ, а потоа и насилство
(на пример, одмазда), како на лично или струковно, или дури и на
национално ниво.
Од тие причини (трагичната слика на Србија е само ужасна жива
илустрација за тоа како еден репресивен и патријархален режим
создава умртвен и аполитичен народ), многу е важно во Македонија
барем да се зацврстат тенденциите кон една поелементарна,
„инклузивна” и цивилна демократија.
Медиумите, особено оние што треба да бидат „јавен сервис”, имаат
голема одговорност во промовирањето на таа поелементарна демократска
култура. За жал, веројатно делумно и поради политичките и
економските притисоци, но во голема мера и поради инерцијата,
неукоста и општата дезориентираност, медиумите кај нас сè уште,
глорификувајќи ги или давајќи им несоодветно големо внимание на
политичарите, всушност ја демонизираат и ја оддалечуваат политиката
од луѓето. Гледајте ги само владините медиуми: половина од нивните
содржини се протоколарни вести - медиумски концепт што опстојува
само во тоталитарни режими. Уредниците на МРТВ (кои работат под
мотото „ЖИВОТОТ Е НЕГДЕ ДРУГДЕ”), наместо да собираат вести,
изгледаат налудничаво опседнати со доаѓањата и заминувањата на
политичари, со собраниски процедури, соопштенија, прес конференции.
Но, животот е овде, долу, а начин да го подобриме, без да го чекаме
Бранко или будењето на МРТВ од орвелијанскиот кошмар, е да ја учиме
политиката како граѓанска вештина и како општествена одговорност.
|