Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 61        # 63
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


62

ПРОКРУСТОВИОТ ТЕЛЕВИЗОР

16.06.2000


Бидејќи сите наши телевизии се сведени исклучиво на информативна програма (вести) и на некакви главно трагикомични обиди за забавна програма (што забавува ментален развој) - доволно е да ги гледате вестите од 17 до 20 часот, за да добиете горе-долу комплексна слика за состојбата на овој медиум кај нас.

Значи, со концепциските промени на вестите, А1 ТВ повторно го презема приматот, иако веднаш тука зад нив - а честопати и пред нив, според динамиката и квалитетот на вестите - се Канал 5 и Телма.

Најзначајната доблест на А1 е духот на заедништво, чувството на гледачот дека вестите ги прави група од сродни луѓе, блиски и во политички и во естетски и во морален поглед. Тимскиот дух на А1 е значаен фактор за доверба, која често повеќе значи од гледаноста. Новиот концепт на вестите го засилува тој тимски дух, зајакнат со „пребегнатата ѕвезда” Чомовски, но големо прашање сепак останува дали баш сите новинари на А1 ги бива за презентери (Кабранов, на пример).

Канал 5 и Телма се добри таму каде што А1 е слаба: Канал 5 има (имаа, додуша, бидејќи и тие почнаа да се забораваат во должината) најистенчено чувство за динамика и ефикасност. Прилогот што на А1 трае три минути, ваму трае две минути. Една од клучните телевизиски „тајни” е брзината, и на тој план потфрлаат речиси сите наши телевизии, а Канал 5 во нешто помала мера.

Најголема доблест на Телма, пак, е најизразеното чувство за социјални, животни теми, а некои од тие прилози се меѓу најдобрите ТВ парчиња во скудната македонска телевизиска историја. Од професионалната храброст да се излезе од теророт на површно сфатената политика, произлегува и најмалку шаблонизираниот дневник на Телма, со инвентивни и различни од конкуренцијата (што станува сè поважно прашање, во инфлацијата од исти вести!) ударни прилози. Освен тоа, Телма го намали циничниот тон на водителите, но не на сметка, фала му на бога, на критичноста спрема власта. Клучната слабост, пак, на Телма е присуството на оној „платенички”, „ликвидаторски” дух толку карактеристичен за некогашното РТС или сегашните МРТВ или Сител. Во вестите на Телма (да не зборуваме за МТВ!) просто се чувствуваат долгите идеолошки прсти на уредничките декрети, а најжално во така разбраното медиумско работење е што предрасудите (етнички, верски, па и просто естетски) на некои недоволно професионални или искусни новинари, се користат во тие политички игри. Телма знае да спроведува политички декрети, како и „Нова Македонија”, како МРТВ, и тоа плаши и тоа нè враќа во не толку далечните времиња кога Македонија беше темен медиумски вилает.

МРТВ, значи. Жално е 2000 луѓе, целата таа потенцијално огромна креативна енергија и повеќето десетици милиони милиони марки годишно - да ги сведете на проследување на двајца, згора на сè, прилично неинтересни типа: Борис Трајковски и Љубчо Георгиевски. Упс, го заборавив Игор Џамбазов.

***

Љубомир НБА Николовски, пак (од МТВ, аха), не е толку лош. Но, ја имаше најлошата сезона: доста поени, вистина, но со слаб процент, со доста изгубени топки и мизерен скок. Клучна слабост: не ја следи играта; дроби дроби дроби, дур генијалниот американски режисер се обидува чисто телевизиски (читај: дословно) да му објасни кои се клучните фактори во мечот, зумирајќи ги пресудните играчи и исфрлајќи важни статистики. На пример, импресивната статистика на Коби Брајант во необичниот седми натпревар меѓу Лејкерс и Портланд (за којшто имам впечаток дека Љубомир го преспа, додуша не затварајќи ја устата), Николовски ја согледа после три дена, во следниот натпревар на Лејкерс. Во историски рамки лошиот шут (1 од 16!) на Реџи Милер на првиот натпревар од финалето Николовски речиси го превиде како најзначаен момент во мечот, фалејќи го на тој натпревар бледиот Брајант. Или: на минута пред крајот на супер возбудлив натпревар, во тајмаутот, Николовски ви го одвлекува вниманието нашироко зборувајќи за некои на стото место драфтувани играчи за следната сезона.

Но, дури и таков, Николовски е неприкосновениот број еден во македонското коментаторство, репер и за минатите и за идните. А, може човекот само лошо се чувствува во МТВ, како што впрочем и нацијава лошо се чувствува набутана во прокрустовиот телевизор на бедната ни државна телевизија?!