Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 62        # 64
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


63

СПОРТОТ ГО ГЛЕДАМ КАКО ПОЛЕ...

30.06.2000


Ретко кој не знае дека македонскиот спорт подолго време е клинички мртов; и во меѓународни рамки - што особено нè фрустрира како нација; и на локално ниво - мизерни лиги со мизерна посета; но и во „базата”, што е можеби најзагрижувачко - слаба работа со младите, лоша инфраструктура и голема спортска некултура.

Причините за таквата состојба на македонскиот спорт се комплексни, се разбира, но во оваа пригода ќе обрнам внимание на еден од главните генератори за пропаста на спортскиот дух: спортските новинари и коментатори.

Кога велам „спортски дух” не мислам исклучиво на рамките на спортот како таков, туку пошироко: како јавно негување на витешки и благородни принципи кои го јакнат општеството и во „физичка” и во морална смисла.

Нивото на спортска култура и чувството за витешкиот аспект на спортот (кој кулминира во способноста фер да се прими поразот) кај повеќето наши коментатори е на толку ниско ниво што предизвикува загриженост во многу пошироки рамки од спортските; станува збор за моралното здравје на нацијата.

Пример: Атанас Костовски. Неговото коментирање на натпреварот СР Југославија-Шпанија, освен што, вообичаено, беше просто будалесто во информативна смисла, беше недозволиво пристрасно кон нему драгата српска репрезентација. Дури и навивањето може да се разбере; но, двата обиди за напад врз судијата (кој, патем, не досуди чист пенал за Шпанија во првото полувреме и му прогледа на прсти за вториот жолт картон на еден од српските фудбалери) од Атанас Костовски беа прокоментирани со констатацијата дека судијата судел против Србите!? Па и да судел (а не судел) недозволиви се таквите коментари на Костовски! Тие директно го генерираат примитивизмот кој ни е толку добро познат од нашите терени и кој директно нè оддалечува од какво било цивилизациско натпреварување.

Ќе отидам толку далеку да констатирам дека дури и фамозниот инцидент во ракометното женско финале (за којшто добивме ригорозни но заслужени казни) во одредена смисла беше „напакуван” од одредени спортски новинари кои цели седум дена, по првиот натпревар, ја труеја македонската јавност дека сопственикот на австрискиот клуб бил арогантен а неговата екипа привилегирана. Таквата „подготовка на јавноста” логично резултираше со инцидент. (Не ни се далечни времињата кога токму јавноста во некои нам блиски држави со сеење омраза кон другите народи во федерацијата, психолошки беше подготвена за војна.)

Башка што во најпроста новинарска смисла - давање на соодветна информација за причината на казната кон нашиот ракометен сојуз - нашите спортски новинари потфрлија; не бевме казнети само за нокаутирањето на Австријанецот туку за цела низа инциденти, меѓу кои највпечатлив е претепувањето, на локален натпревар, на нашите најдобри ракометни судии.

Наместо еден единствен инцидент да ги разбуди сите аларми спрема насоката во која се развива (т.е. назадува) овдешниот спорт, ние се обидуваме да заташкаме најтешки можни инциденти, само затоа да не ја нарушиме гнилата мочуришна „хармонија” на спортскиот полусвет, чии важен дел се и петокласните спортски новинари, кои, за жал, во голема мера го дефинираат степенот на спортската (не)култура кај нас.

Шампиони на тоа простачко спортско новинарство се озлогласените новинари на Сител, предводени од Бошко Трпевски. Една од најиритантните работи во Сител е политичкиот аналфабетизам: СФРЈ не е еднаква со СРЈ! СРЈ не е единствениот легитимен наследник на заедничката историја! Сите народи од некогашната СФРЈ се наследници, во културна, спортска, политичка, историска смисла! На крајот на краиштата: најмалку седум од десетте најдобри фудбалери или кошаркари на СФРЈ не беа Срби (пример, трите можеби најзначајни европски кошаркари: Дражен Петровиќ, Крешимир Ќосиќ, Тони Кукоч). Но, еве десет години веќе, во Сител не постои човек (а тоа се случува дури и во МРТВ!) кој ќе им објасни на припростите коментаторчиња од типот на Игор Трпески дека односот спрема наследството и историјата е начин на артикулирање на сопственото достоинство.

За среќа, во нашето спортско новинарство постојат и неколку светулки: Љубомир Николовски, Зоран Цветановски, Зоран Видевски, Табаковски (тука, за среќа, списокот не завршува) се пример дека спортот може да се следи компетентно, непристрасно и со респект кон интелигенцијата на гледачот.