Графити врз напуштени градби: урбаната меморија и распаѓањето како платно

Слој избледена боја врз ронлива фасада. Под нозете крцка искршено стакло од прозорец кој одамна престанал да одвојува внатре од надвор. Некој, некогаш, токму тука оставил трага со спреј. Графит врз руина. Тоа не е најобичен вандализам врз туѓ имот, туку нечиј крик во празнината на еден заборавен простор.

Графит: „Don’t Be Another Brick In The Wall“. Локација: Прилеп, објект под Министерството за култура. „Изграден од познат прилепски доктор, одземен од Бугарите, национализиран во СФРЈ. Беше градска библиотека, па подрачно Министерство за образование. Пред неколку години бил опожарен.“ (Извор: Abandoned Macedonia)

Во држава каде селата се празнат, а фабриките скапуваат како метални скелети, овие простори се нашите несакани архиви. Токму таа магија на „напуштеното“ ја лови Мариана Цветкоска преку нејзиниот инстаграм профил Abandoned Macedonia. Она што започна во 2020 година, денес е вистинска дигитална временска капсула со над 830 постови и 12.600 следачи. Како детектив на историјата, сокриена зад објективот, таа ги истражува напуштените домови низ Македонија, наоѓајќи стари фотографии и газиени ламби кои сведочат за една тивка, но болна миграција од село кон град, но и за една реалност на транзиција која што никогаш не завршила.

Мурал во поранешна детска болница на самото крајбрежје во Охрид, во близина на Свети Стефан. Изградена непосредно по Втората Светска војна, со доградба на постоечкиот капацитет кон крајот на седумдесетите години од минатото столетие. Некогаш место каде се лекувале деца од сите краеви на поранешната федерација. (Извор: Abandoned Macedonia, фото: @stefanie.semerel)

Едно од најпознатите и најдобро документирани вакви места е стечајната фабрика за обоени метали „Купрум“, која што е галерија на отворено за најпознатите членови на македонската графити сцена како Хром, Драш, Pack, Miks и многу други.

Поранешна фабрика „Купрум“ (Извор: Графит.мк, Фото: Трајан Трајановски)

Ние во арно.мк, како пасионирани архивари на урбаната меморија, со особен интерес го следиме нејзиниот труд. Преку нашиот проект „Графити приказни“ и групата „Графит.мк“, нашата цел е да ја документираме графити сцената која пулсира низ државата. Напуштените објекти се природно платно за оваа субкултура. Затоа ги вкрстивме нашите патеки – прелистувајќи го профилот на Мариана и нашата ФБ архива, тргнавме во потрага по уличната уметност скриена далеку од очите на јавноста.

Графит: „The Devil Was Here“; Локација: позади кино „Мис Стон“ во близина на Комерцијална банка во центарот на Прилеп. Во зградата за време на Втората светска војна била сместена бугарската полициска управа. На 8 јули 1944 година биле убиени членови на КПЈ од бугарскиот фашистички окупатор. (Извор: Abandoned Macedonia, фото: @hristijan.stojcheski)

Овие градби се лузната на еден систем кој дозволи просторот околу нас да биде препуштен на забот на времето. Од одморалиштето во Радожда до веќе срушените стари куќи во Црниче, секој напуштен објект е сведок за длабока општествена негрижа и социо-економски егзодус. Додека центрите на моќта градат нови, безлични зданија за брз профит, нашата реална, автентична и некогаш жива историја тивко се распаѓа – како жив мртовец!

Староградска куќа во Тетово. (Извор: Abandoned Macedonia, фото: @_d_jovanovski)

Но, графитите врз нивните ѕидови пружаат отпор, создавајќи свој етички микрокосмос на улицата. Тој урбан респект кон јавниот простор одамна е документиран; како што е забележано во дипломската работа „Урбан фолклор: графити сцената во Скопје“ (Тина Митева, 2009), цртачите честопати свесно ги бираат маргините. Во едно од сведоштвата во трудот, авторката под псевдоним Руки објаснува:

„Не цртам баш на ново нешто, на нова фасада… сакам градов да ми биде убав. […] Има секогаш места за цртање, мислам има и напуштени куќи во градов и разрушени згради и фасади, кај што може да се црта и графитите да траат многу…“

Графити: Ангела / Зорк. Локација: Мотел „Езеро“, кој се наоѓа над браната на вештачкото езеро и некогаш имал сместувачки капацитет од 12 двокреветни соби и апартмани, две сали – една со 200 седишта и друга со 150 гости, како и летна тераса, опремен со кујна, бар итн. (Извор: Abandoned Macedonia, фото: @embersstudiomk)

Во земја во која толку многу нешта се оставаат на забот на времето, можеби токму графитите се најискрениот доказ дека празнината никогаш не останува сосема празна. Токму овде лежи парадоксот – мртвите фасади добиваат најдолг живот. Ова е доказ дека дури и кога сè друго ќе замине, постои човечка потреба да се остави свој потпис во времето и да се разубави распаѓањето.

Поранешната текстилна фабрика „Хераклеа” во Битола (Извор: Abandoned Macedonia, фото: @photoeditmk)
Разни графити на напуштена градба до Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Скопје (Извор: Графит.мк, фото: Небојша Гелевски – Бане)

Ова не е само галерија на заборавена естетика, туку повик за паметење. Во продолжение го претставуваме нашиот избор на графити пронајдени на напуштени објекти пренесени на повеќе од 150 фотографии! Пред овие ѕидови целосно да станат прав, погледнете што имаат да ни кажат.

Галерија на графити на напуштени објекти од Инста профилот „Abandoned Macedonia“
Галерија на графити на напуштени објекти од ФБ групата „Графит.мк“ (собрани за оваа прилика и во голем дел фотографирани од Гоце Тунт)

Автори на фотографиите: Бранко Прља, Гоце Тунт, Valdamarr Sveinaldsson, Небојша Гелевски – Бане, Трајан Трајановски, Иван Калчев, Александра Тодоровиќ, Јован Карамач

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *