Оваа година е една од полошите за македонските ски центри. Имаше малку врнежи од снег, а поради високите температури и тоа малку снег брзо се стопи. Практично немаше ни десет добри дена за скијање во целата сезона.

Најголемите домашни скијачки центри (Попова Шапка и Маврово) правеа сѐ што можат да ја спасат сезоната, но сѐ е залудно кога нема снег. Сепак, практиката да ги остават скијачите да „скијаат“ по земја и камења сериозно го нарушува угледот на овие ски центри. Дополнително иритира фактот на бришење на негативните коментари на социјалните мрежи, нешто што активно го прават овие два ски центри.
Споредбата на нашите ски центри со Копаоник или Банско е невозможна бидејќи се понапред „светлосни години“. Освен новиот шестосед на Шапка, целата друга инфраструктура (пред сѐ жичарите) е наследена од времето на Тито. Но, иако инфраструктурата е стара, тоа не е пречка да се скија – доколку има снег!
Неопходност од системи за вештачки снег
Освен Маврово кој има минимален број на топови за вештачки снег, другите домашни ски центри немаат „ни за лек“.
Без снег нема скијање – без скијање нема зимски туризам!
Новата инфраструктура и топовите за вештачки снег мора да бидат државна инвестиција. Под услов ако сакаме домашните скијачи да ги оставаат парите во државата, а не во странските ски центри. Од самиот зимски туризам државата индиректно ќе си ги врати парите за било која направена инвестиција за подобрување на условите за скијање.

Туризмот дава значаен придонес за државната економија, преку директни приходи, вработувања, даноци, развој на инфраструктури, културна размена, промоција, брендирање и сезонски економски поттик.
Јасно е дека нашите ски центри немаат финансиски средства за нова инфраструктура. Но, останува фактот дека ски центрите секаде се потпомогнати од државата.
Немаме море – но, имаме високи планини! Срамота е да не ги искористиме за зимски туризам.
Има ли нешто позитивно во нашите ски центри?
Секако дека има. Иако тие работат со мал и ограничен буџет, кај некој од нив постои креативно и „домаќинско“ работење.
Пример ски центрите Нижополе и Копанки, иако имаат само по две ски стази, но работат крајно „домаќински“ и со многу фер цени.
Исто така, како позитивен пример би го истакнале менаџерот на ски центарот Попова Шапка – Адем Авзиу за неговиот личен ангажман и посветеност околу менаџирањето на ски центарот. Сепак, центарот нема доволно сместувачки капацитет.
Во врска со ски центарот Маврово, позитивно е дека има најголем број на скијачки школи и инструктори. Како плус се истакнуваат и огромниот број на нови сместувачки капацитети кои допрва ќе растат.
Заклучок: Без помош од државата зимскиот спорт е осуден на споро, но сигурно тонење, а глобалното затоплување не поштедува никого!