Дали во Македонија се живее подобро отколку во Америка!?

Како граѓани на Македонија навикнати сме постојано да се жалиме на нешто. Цените се високи, а платите мали, пензиите никакви, а загадувањето секакво. Не сме признаени од никој, сите не’ потценуваат, оваа или онаа партија неправедно вработува или експлоатира. Нашите деца немаат иднина, а нашите работници заминуваат јабана. Се’ ова е вистина.

Вистина е и дека сме на дното на повеќето добри статистики (просечна плата, стандард, образование, здравство), а на врвот на лошите (пушачи, загадување итн.)

Но, дали животот во Македонија е навистина толку лош?

Би било невозможно во една статија да се навлезе во сите аспекти на ова прашање, но можеби сликата вреди илјада зборови, па ви препорачуваме (колку за споредба) да го погледнете ова видео кое зборува за животот во еден голем град во најбогатата и најсилна држава во светот – САД.

Ова се глетки од улиците на Филаделфија, но лесно би можеле да се измешаат со сцени од кој било пост-апокалиптичен филм или некоја СФ хорор дистопија со зомбија. Вакви глетки има во многу други градови од САД, пр. Лос Анџелес (65.000 бездомници), Њујорк (61.000 бездомници) итн.

Причините за ова се разни, како пандемијата, високата инфлација, скапите станови, студентските долгови и заемот на кој живеат повеќето американци, но пред се’ зависноста од дроги.

Армија зависници и бездомници во САД

Од 1990-тите во САД препишувањето аналгетици направи цела армија зависници. Според пресметките во последните 30 години од опијати (легални и нелегални) се починати околу половина милион луѓе, а само во 2021 година 100.000. И покрај сите напори и контроли, работите не се подобруваат, туку се влошуваат.

Бројките во Македонија се драстично помали, како што кажуваат статистиките.

За тоа како рецептите за опијати од доктори ги уништија дури и најмирните американски заедници направивме визуелна сторија, погледнете ја.

Се разбира, САД е голема земја и во многу градови се живее добрo, но по искажаните факти и сцени можеби ќе бидете посреќни што сте жители на Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *