Цела печатница на едно биро: скопска техно-романтика од 1989 година

Август 1989 година. Време на огромна инфлација и крајот на еден систем. Додека неизвесноста чука на врата и сите гледаат кон неонските натписи и брзата заработка, во една канцеларија во градот тивко се крши монополот на државниот информативен апарат. Тројца скопјани решаваат да вложат 30.000 западногермански марки – сума која тогаш звучела како научна фантастика – не во кафеана, туку во ласерски печатар, скенер и три вмрежени компјутери.

Ова не е само обичен исечок од рубриката за мало стопанство; ова е најава за тектонско поместување во технологијата и начинот на работењето. Почеток на крајот за тешките ротациони машини, мирисот на машинско масло и центрите на моќ кои одлучуваа што треба да се печати и чита.

Архивата зборува (Вечер, 3 август 1989)

Еве како тогашниот печат ја забележа оваа пукнатина во системот:

Вечер (03.08.1989)

ЦЕЛА ПЕЧАТНИЦА НА ЕДНО БИРО

  • Тројца скопјани, пред тоа да им падне на ум на големите организации, што трошат огромни средства за печатење најразновиден графички материјал (од меморандуми до проспекти), регистрираа фирма што ќе се занимава со печатење, но со примена на – сметачи.

ПРИМЕНАТА НА СМЕТАЧИТЕ ВО ПЕЧАТАРСТВОТО ЗА МНОГУМИНА – ВИСТИНА РЕВОЛУЦИЈА

Наспроти многуте скептици, кои тврдат дека кај нас ослободената приватна иницијатива се исцрпува со отворањето бутици, кафулиња и бакалници, вестите од скопското мало стопанство, сè почесто како да ја демантираат оваа теза. Така, деновиве дојде и информацијата дека тројца наши сограѓани, многу порано, пред да им падне на ум на организациите што трошат огромни средства за печатење најразновиден графички материјал – од меморандуми до рекламни проспекти – регистрирале приватна фирма, што ќе се занимава со печатење, поточно со таканаречената графичка подготовка за печатење со примена на компјутер.

Поинаку кажано, овие тројца скопјани, први во градот почнаа да се занимаваат со она што во развиените земји се смета за една од најреволуционерните измени во печатарството и се нарекува Десктоп Паблишинг или (во слободен превод) —- „печатење на маса“.

МАЛА РЕВОЛУЦИЈА ВО ПЕЧАТАРСТВОТО

– Целата опрема, – ни објаснува Пецо ИНДОВСКИ, кој, заедно со Миодраг Пејоски и Стефан Костаров е еден од сопствениците на фирмата „ПЦ Графикс“ – нè чинеше околу 30 илјади западногермански марки (плус царината), а се состои од ласерски печатар, потоа од таканаречен скенер, односно уред за дигитализација на разновидни графички прилози, почнувајќи од цртежи, па сè до фотографии, како и специјален екран со многу поквалитетна слика од онаа на обичните телевизиски апарати (со поголема графичка резолуција) на кој се следи процесот на обликување на графичкиот лист пред да биде отпечатен. „Мозок“ на целиот систем се трите персонални сметачи, кои работат поврзано во мрежа и управуваат со целата работа.

Инаку, ваквиот модерен технички пристап кон печатарството, како технологија во светот не е постар од десетина години и претставува една од главните гранки во примената на сметачите, дотолку повеќе што според некои проценки, дури 80 отсто од малите персонални сметачи се користат токму за обработка на текстови и друг вид поединечни прилози, што треба да бидат отпечатени во некоја од постојните графички техники.

Освен ова, по пат на принципот на запад се печатат дури и весници и списанија — оние со помал тираж „печатење на маса“ при што со својот изглед ни малку не заостануваат зад оние од „големите“ печатници.

МОЖНОСТИТЕ – БЕЗ ОГРАНИЧЕНОСТ

– Можностите на системов, – вели Индовски – се огромни. Иако може да се смести на едно пошироко биро, не само што дава висок квалитет на печатот, туку многу ја олеснува и работата при обликувањето на графичкиот лист. Операторот, притоа, треба само да одбере една од опциите што ги нуди аплицираната софтверска (програмска) поддршка и потребниот текст веднаш се прикажува на екранот во бараната форма – разделен во колони (како што велат графичарите) или пак табелиран. А, вакви опции има со десетици…

– Освен ова, вели тој – на располагање ви се поголем број типови букви, а нивната големина (како, впрочем, и големината и местото на цртежите и фотографиите што сакате да ги вметнете на страницата), ја избирате сами. Дури, постои можност и самите да креирате типови букви, ако не сте задоволни од изгледот на оние што веќе ви се понудени со програмата на сметачот.

Според зборовите на Индовски, „ПЦ Графикс“, засега, ќе се занимава најмногу со таканаречената графичка подготовка за печатење во офсет техника, пред сè, поради тоа што репроматеријалот е од увоз и со својата цена нè овозможува поекономично печатење со ласерскиот печатар на тиражи поголеми од 500 примероци. Но, и така, тие, за неколку пати, побрзо и поевтино ќе изработуваат графички форми што по тоа во некоја класична техника би се печателе во друга печатница, за што, инаку, се применува макотрпна постапка на монтажа на графички филмови, а во многу од нашите печатници тоа е своевидно „тесно грло“ во процесот на печатење.

Во секој случај, границите во употребата на оваа опрема — што би рекле Американците — е самото небо, а како што вели Индовски, ќе зависи единствено од „фантазијата“ на муштериите што ќе побараат услуга од „ПЦ Графикс“.


Демонтажа на големите машини

Важноста на овој напис лежи во она што се чита меѓу редовите. Кон крајот на осумдесетите, зборот отпечатен на хартија сè уште беше ексклузивна привилегија на големите државни мастодонти. Ти требаа хали полни со работници, сложени системи на дистрибуција и невидливи, но цврсти идеолошки филтри. Печатењето значеше моќ.

Појавата на терминот „печатење на маса“ (десктоп-паблишинг) не е само технолошка иновација за полесно правење меморандуми. Тоа е чин на дигитална еманципација. Моментот кога архитектурата на информирањето во Скопје престанува да биде строго вертикална и почнува да паѓа во рацете на поединецот. Компјутерот станува алатка за независност.

Илузијата на неограничената слобода

Оптимизмот на Индовски дека „можностите се огромни“ и дека граница е „самото небо“, денес одекнува со чудна иронија. Триесетина години подоцна, сите во џеб имаме процесорска моќ за која тие три персонални сметачи не можеле ни да сонуваат. Но, што направивме со таа децентрализирана слобода? Алатките навистина се ослободија, но мислата се зароби во алгоритми.

Го срушивме монополот на локалните државни печатници, само за доброволно да им го предадеме просторот на неколку глобални корпорации кои го кројат она што го гледаме. „Мозокот на системот“ веќе не е во нечија локална канцеларија, туку во сервери на другиот крај од светот, кои фаворизираат кликбејт наместо суштина.

Што остана од малата револуција?

Овој исечок не е само фосил од хардверот на минатиот век. Тој е предупредување. Да се сетиме на оваа скопска микро-револуција значи да се потсетиме дека машините и софтверот вредат само онолку колку што вреди свеста и намерата на човекот што седи пред екранот. Технологијата требаше да биде алатка за креативност, а не механизам за пасивно конзумирање.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *