30 години Суперхикс – акустичен концерт и изложба со визуелен музички родослов

Прв акустичен концерт на бендот | Прв визуелен музички родослов во македонската музика

Во духот на нивната автентичност и бескомпромисна енергија, легендарниот македонски ска-панк бенд Суперхикс го прославува својот триесетгодишен јубилеј со уникатна комбинација од акустичен концерт и ретроспективна изложба. Овој несекојдневен настан ќе се одржи на 8 и 10 декември во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Ние на Арно, за прв пат во македонската музичка историја, ви прикажуваме и еден визуелен родослов (времеплов) на бендот Суперхикс.

За поголема резолуција преземете тука.

Што беше пред Суперхикс?

Семејното стебло на Суперхикс почнува да расте уште во раните 90-ти, кога идните членови на бендот беа дел од разни средношколски групи.

Зоран Жежов – Кечо, тапанар и еден од основачите на Суперхикс, ги постави своите музички темели во Social Imbecility, средношколски скејткор-панк бенд. Бендот го започна со другар од основно училиште, Бранко Прља (денес писател и графички дизајнер), а подоцна се приклучи и скејтерот Филип Матески – Мате.

Паралелно, Петар Младеновски – Пеце, идниот басист на Суперхикс, свиреше во Парламент, мелодичен хардкор бенд. Интересно, токму преку средбите на нивните свирки започна блиската соработка меѓу Пеце и Кечо, која ќе прерасне во основањето на Суперхикс.

Во моментот кога Пеце се вклучува во бендот, Бранко мора да ја врати позајмената електрична гитара, а Мате се посветува на скејтањето и графитите. Тој подоцна ќе стане пионер на македонската графити сцена (основач на првата графити екипа Biosquad, со цртачите Жарир и Сашо), како и еден од пионерите на скејт-сцената.

Извадок од нашиот времеплов низ СК/МК графити екипите (во подготовка)

Раните години и формирањето на Суперхикс

Во 1993 година, Кечо и Пеце, заедно со Борис Минов – Борче (поранешен член на хеви метал бендот Егзекутори), ја формираа првата постава на Суперхикс. Овој состав постави темели на музиката што денес ја препознаваме како нивни уникатен стил.

Иако Кечо ја напушти групата во 1998 година за да формира други значајни бендови како Two Sides и Denny Te Chuva, неговото влијание остана длабоко врежано во музиката на Суперхикс. Од 1999 година, на тапани е Дарко Попов – Даро, кој останува дел од бендот до ден-денес.

Препознатливиот ска-панк звук

Со воведувањето на дувачка секција во 1998/99 година, Суперхикс го дефинираа својот препознатлив ска-панк звук, кој со децении ги освојуваше фановите низ Македонија и пошироко. Многубројните промени во составот на дувачката секција само дополнително го збогатија нивниот звучен пејзаж.

30 години музика: акустика и спомени

Овој декември, публиката ќе има уникатна можност за првпат да ужива во акустичен концерт на Суперхикс. Настанот ќе биде придружен со изложба на артефакти, фотографии и плакати, кои го документираат нивниот пат од скромните почетоци до статусот на икони на македонската музичка сцена.

Изложбата ќе биде поставена во салата за изложби на Домот на култура „Билјана Беличанец“, каде што фановите ќе можат да нурнат во времепловот што ја следи трансформацијата на бендот. Дел од изложбата е и специјално изработениот времеплов/родослов на Суперхикс, кој ја оживува нивната историја од 1991 година до денес.

Ваквите изложби и артефакти од историјата на еден бенд се многу значајни секаде во светот, а отсега го добиваат заслуженото внимание и во Македонија.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *