Ако сте дел од „постарите генерации“, веројатно знаете кој е Никола Галевски. Ако сте помлади – голема е шансата да не знаете. И тука не е проблемот во вас. Проблемот е во нашата колективна дигитална амнезија.
Никола Галевски – првиот човек на првиот македонски народен оркестар – во македонскиот дигитален простор како да не постои. Нема страница на Википедија, нема лесно достапна биографија, нема библиографија, нема систематизирана архива.
Во вакви празнини често единствено спасување се ентузијастичките архиви и малите упорни проекти. Еден од нив е ВБУ Музички регистар – проект што порано функционирал како веб-страница, а денес како Фејсбук страница. Според нив:
Никола Галевски – во сферата на фолклорната уметност е една исклучитена авторско-репродуктивна личност. Роден во 1920 година во Берово, во најраното детство почнал да го губи видот, а со текот на годините и целосно го загубил. Иако слеп, со музичка наобразба се стекнал во Земун и Софија, а по војната бил раководител на првиот Мал радио оркестар.
Галевски го воспоставува Малиот радио оркестар по современ терк и во него, за првпат, ги внесува таканаречените „европски инструменти“: виолина, виола, хармоника, кларинет, флејта, тапан, а подоцна и чело и контрабас. Со свои сугестии учествувал и во звучното обликување на првите сценско-кореографски постановки на „Фолклорна фантазија“ и „Седенка“ од Кочо Петровски и Трајко Прокопиев.
Во 1952 година, за потребите на РТС, го снима „Лесното оро“ со Малиот радио оркестар, на кое тој настапува како солист на виолина, во придружба на хармоникашот Ангел Нанчевски и кларинетистот Димитар Крцовски.
Дали ваква личност треба да се заборави?
Што мислите вие – дали вакви луѓе треба да исчезнат од јавната меморија? Или би требало да се слават како дел од културниот код на една земја?
Ако веќе живееме во време кога културната вредност често се мери преку дигитално присуство, тогаш прашањето е легитимно: зошто Никола Галевски не би бил „македонскиот Реј Чарлс“ или „македонскиот Стиви Вондер“ – не по жанр, туку по тежина на личната приказна и по значењето за музиката? Некој ќе рече: „Добро, зошто мора споредби?“ Не мора. Но, понекогаш споредбата е единствениот јазик што го разбира современиот интернет.
Нашите споредби можеби звучат тривијално, но поентата не е во славата – туку во видливоста. Во тоа дали ја чуваме меморијата на луѓето кои поставиле темели, или дозволуваме нивните траги да се избришат – а потоа друг да ги испише наместо нас. Ние како портал се бориме за зачувување на овие спомени и записи во дигиталниот простор, иако сме мали, се надеваме дека ќе инспирираме едно поголемо (народно) движење, па и државна стратегија во врска со ова.
Тажната приказна на чичко Коле
Во продолжение пренесуваме текст објавен во Екран 1994 година (објавен повторно на Фејсбук од ВБУ Музички регистар) со наслов „ТАЖНАТА ПРИКАЗНА НА ЧИЧКО КОЛЕ“ – сведоштво што истовремено боли и објаснува многу: како талентот и трудот можат да се претворат во тивка неправда, како институциите умеат да заборават, и како историјата знае да заврши таму каде што животот почнува да се снаоѓа сам.

ТАЖНАТА ПРИКАЗНА НА ЧИЧКО КОЛЕ
Го паметите ли Никола Галевски, првиот човек на првиот македонски народен оркестар – Малиот радиооркестар? Ова е приказна за него и за тоа каде и како историјата завршува… а почнува животот. Неправеден.
Во Редакцијата влегува крепко старче со неверојатно мила насмевка. Нам, на помладите, „доцна родените“, сосема непознато. А треба да е, уште како треба да е познат. Иако било дамна, сепак…
Никола Галевски денес е повеќе – чичко Коле, првиот човек, основачот на првиот македонски народен состав. Далечната 1946 година. Кога од инструменталната група Галевски никнал Малиот радио оркестар. Непосредниот предок, прататкото на денешниот Голем народен оркестар на МРТВ. Значи, ова погоре кажаново, му доаѓа како историја. А историјата, нели, не треба тукутака да се заборава. Нели?!
Неисе: во Редакцијата влегува крепко старче (на 30. ноември, кажува, ќе наполни 73), во придружба на својата животна сопатничка (ова сопатничка сфатете го навистина, во буквалната смисла на зборот) Марија. Марија од Марибор и Никола од Берово ги составила музиката, многу одамна. И сѐ уште се заедно, сосе спомените, во кои „главната рола“ пак ја толкува – музиката на чичко Коле. И додека си прикажуваме со нив, касетофонот ја врти лентата со најновите снимки на чичко Коле. Реализирани пред овие две години, во 1991. Зашто, староста (и болеста) можеби малку ги забавиле говорот и одењето, ама прстите се уште молскавично пребираат по виолината, првата љубов на чичко Коле.
И една од многуте – зошто, свири тој на уште безброј инструменти, народни. Музиката му е, што вели народот, во крвта, малешевска. И вели:
● Кога ги снимавме овие последниве ора (вистински виртуозни ора, „Митрашинска игра“, „Брегалнички бисери“ – н.з.) колегите од Оркестарот ми велат: „Не може чичко Коле, многу е брзо.“ Ама, ако не ми е мене брзо, на овие години, како можело да им е ним?!
Ете, таков е чичко Коле, и цели триесет години по Земјотресот. И цели триесет години оттога, во скопската катастрофа, паднал од првиот кат и од повредите одвај жив останал. Толку години минале и оттога пензиониран поради тешките повреди, чичко Коле го напуштил Скопје. Па заминал, прво во родниот Марибор на својата Марија, а потоа во Белград. За таму да остане и до денес. Со својата Марија, во некои осумдесет квадрати. Со десетте марки пензија. И далеку од Скопје, од Македонија, во чија (музичка) историја бездруго треба да е запишан. Од годините кога се раѓал Малиот радиооркестар; од времето кога ги подучувал првите ученици во тајната наречена виолина (па оттога со гордост го споменува и својот прв ученик, Зоран Димитровски, потоа ученик и на знаменитот Ојстрах, а денес – професор на Скопската академија); од трагите оставени во друштвата „Кочо Рацин“, „Владо Тасевски“ и, бездруго, во националниот „Танец“ (што, како уметнички раководител, првпат го повел и во Америка, 1956.).
Ама, и животот и историјата понајчесто знаат да си поиграат со човека. Та, така и во тажната приказна на чичко Коле: уште од времето кога станарското право беше „оче наш“ и за сопственоста, приватна, траат безуспешните обиди на чичко Коле – да се врати дома. Таму, во тој негов (а туѓ, пак) стан, купен уште во далечните педесетти. Во него се „удавија“ и соништата за Студиото Галевски, за уметноста свирачка на чичко Коле да се пренесеше натаму, за до века. Ама, нели се нема каде, сѐ дури не заврши сиот тој судско-бирократски од по маките, и соништата полека стигнуваат.
Иако на заминување крепкиот седумдесеттригодишник ни вели:
● Само да има каде да си дојдам, па и старите снимки ќе треба пак да се преснимат, да се обноват, за да останат!
Толку нека е, ако е и за историјата.
Чичко Коле, денес
ПС: Снимките исчезнуваат побрзо од луѓето
За жал, освен снимката што ја има споделено ВБУ, ние не најдовме други снимки – ни за сегашноста, а за иднината да не зборуваме. Ова е уште еден симптом на ист проблем: ако не дигитализираме и не архивираме, културата ни останува само легенда – а легендите, знаеме, најлесно се крадат, се искривуваат или се забораваат.
Единствен напис од поскоро време што го најдовме е од 03.04.2024, под наслов: „БЕСПЛАТЕН КОНЦЕРТ СО МУЗИКА ОД АРХИВИТЕ НА МРТ ВО ЧЕСТ НА ЈУБИЛЕИТЕ НА „ТАНЕЦ“, НАРОДНИОТ ОРКЕСТАР НА МРТ И ТОДОР ТРАЈЧЕВСКИ“, каде што се споменува дека програмата ќе вклучи композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар – меѓу нив и Никола Галевски.
Во истиот текст се наведува и историски важна реченица: дека по Втората светска војна, во рамки на градењето на институциите, Живко Фирфов ја добил задачата да ја организира радио програмата на македонската народна музика, и дека во 1949 година, назначувајќи го Никола Галевски за одговорен раководител, го основал „Народниот оркестар“ на МРТ.
Монографии
Верувале или не, за Галевски има и посебна монографија наречена: „Никола Галевски, со виолината до светлината.“ од Михаил Белдедовски (2007). Но, за истата нема никакви податоци онлајн. Единствено место каде што беше цитирана и спомената во библиографија е во делото „Музички клуч“ од 2020 година, кој го пренесуваме во целост.
Во Домот за слепи во Земун, каде што во триесеттите години како наставник по музика работел македонскиот етномузиколог Живко Фирфов (1906–1984), во истиот период се школувал и народниот музичар и виолинист со оштетен вид Никола Галевски (1920, Берово – 1999, Земун). Според одредени извори, во оваа установа уште од 1920 година постоеле курсеви за штимери, што објаснува дел од неговата подоцнежна техничка вештина.
Захаринка Милосављевиќ, народен пејач и новинар во Редакцијата за народна музика при Македонското радио, во книгата на Михаил Белдедовски сведочи дека Никола Галевски поседувал апсолутен слух и професионално штимал клавири, нагласувајќи дека „ќе го наштимаше така што немаше да мрдне ни еден тон“. Дополнителни потврди укажуваат дека Галевски, покрај тоа што ги штимал и воедначувал инструментите на Народниот оркестар на Радио Скопје, покажувал и посебен интерес за штимување пијана.
За време на подготовката на документарното видео посветено на виолинистот и доајен на македонската народна музика Благоја Дескоски, и самиот Дескоски потврдил дека Галевски штимал пијана и поседувал целосен алат – клучеви, гуми и друга опрема, додавајќи дека станувало збор за човек со исклучително љубопитен дух, кој, како што рекол, „сакал сè живо да испроба“.
Зошто го објавуваме ова?
Затоа што дигиталниот простор денес е продолжение на меморијата. Ако таму нема трага – како да не постоело. А ние не сакаме да живееме во држава што ги заборава своите значајни луѓе, па потоа се чуди зошто „немаме традиција“, „немаме институции“, „немаме континуитет“.
Ние ќе продолжиме да ги враќаме овие имиња, записи и приказни во јавноста. Не затоа што сме големи, туку затоа што е срамно да бидеме мали во однос на сопствената култура. И ако ова инспирира едно поголемо движење – или, конечно, државна стратегија за дигитализација и архивирање – тогаш Ретро вести ќе ја имаат својата најважна улога.