Ако не се сеќавате на филмот Џони Мнемоник, тогаш сигурно знаете за Матрикс, легендарниот научно-фантастичен филм (франшиза) од (до сега) 4 филмови од 1999 до 2021 година. Ако ви е позната играта Cyberpunk 2077, тогаш сте блиску до тајната врска помеѓу овие три киберпанк феномени.
„Џони Мнемоник“ е расказ од Вилијам Гибсон објавен во 1981 година во магазимот Омни. Македонскиот превод на расказот е објавен во Маргина бр. 19/20 од септември 1995 година, по повод излегувањето на истоимениот филм во мај истата година (и тоа не беше прв пат во Маргина да стане муабет за киберпанк и Вилијам Гибсон). Ете колку сме биле актуелни и информирани во Македонија во 1990-тите! За жал, ова издание не е регистрирано во базата на преводи на расказот, иако бил пред преводите на руски и романски јазик.
Но, да се навратиме наназад.

Што е киберпанк?
Она што (веројатно) не го знаевте е дека Матрикс е киберпанк филм. Но, што е киберпанк воопшто?
Киберпанк е поджанр на научната фантастика во дистопискиот жанр чија главна карактеристика е комбинација на „нискоморални личности со висока технологија“ (Брус Стерлинг, предговор на Burning Chrome од Вилијам Гибсон, 1986).
Терминот „киберпанк“ првпат бил употребен во наслов на истоимениот расказ на Брус Бетке, од 1980 година и објавен во „Amazing Stories“ во 1983 година.
Бетке кажал дека направил две листи со зборови, една за технологија, и една за проблематични луѓе и експериментирал со нивно комбинирање, свесно обидувајќи се да измисли термин кој ги опфаќа и панк ставовите и високата технологија. Така дошол до терминот „киберпанк“.

Киберпанк движењето преминува во мејнстрим
Името потоа било популаризирано од Гарднер Дозоис, СФ автор и уредник на списанието „Isaac Asimov’s Science Fiction Magazine“ (1985), како дефиниција на делата на Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг, а го користел и во сопствените дела.
Во 1984 година, бил објавен романот на Вилијам Гибсон „Невромансер“, дело кое стана синоним со киберпанк движењето во кое човечкиот ум се напојува со пејсажи преку компјутерски интерфејс, т.н. „виртуелната реалност“.
Стерлинг бил уште еден значаен писател на жанрот. Во 1986 година тој објавил збирка киберпанк приказни под наслов „Mirrorshades: The Cyberpunk Anthology“, обид да се утврди што е киберпанк. Во антологијата биле претставени автори како Том Медокс, Пет Кадиган, Руди Ракер, Луис Шајнер, Џон Ширли, Вилијам Гибсон и самиот Брус Стерлинг. Дел од овие автори играле улога во раниот киберпанк, а некои од нив подоцна го напуштиле жанрот.

Падот на киберпанкот
Во 1995 година самиот Бетке објавил новела наречена „Headcrash“, која била сатира на киберпанк движењето.
(Киберпанкот) е полн со млади типови без социјален живот, без сексуален живот и без надеж дека некогаш ќе се иселат од подрумите на нивните мајки… Тие се тотални губитници кои се препуштаат на месијанските фантазии дека еден ден ќе му вратат на светот преку нивните речиси магични компјутерски вештини, но чиешто вистинско користење на мрежата значи одење на форумот за скатофилија и даунлоадирање неколку одвратни слики. Знаете, киберпанкери.
Зошто човекот кој го сковал терминот киберпанк наеднаш се свртел против своето чедо? Одговорот е комплексен, но можеби и не толку. Филмовите кои го дефинираа жанрот, како Blade Runner (претходник на жанрот од 1982), кој иако е култен денес, кога излегол бил комерцијален неуспех.
Истото важи и за условно кажано киберпанк филмовите како The Running Man (1987) или Hardware (1990). Од друга страна, филмовите како Nemesis (1992) и Robot Wars (1993) биле објавени само на видео касета, а The Lawnmower Man (1992), Freejack (1992) и Johnny Mnemonic (1995), како најверни на жанрот киберпанк биле уништени од критичарите. (За комплетна листа на киберпанк филмови видете тука).
Сето тоа се смени во 1999 година… но, чекајте – што е со Џони Мнемоник и Киберпанк 2077? Одговорот е – Кијану Ривс – тој е избраниот! Но, зошто?

Киберпанк во Македонија?
Во Маргина 19/20 од септември 1995 година е преведен расказот „Џони Мнемоник“. Тоа не бил прв пат во списанието „Маргина“ да се споменат Гибсон и киберпанкот. Споменати се уште во воведот на Маргина бр. 1 (март 1994), а во Маргина бр. 3 (Мај 1994) има цел дел за киберпанкот и превод на расказот „Хотелот Нова Ружа” на Вилијам Гибсон.
Потоа, во бр. 22 (декември 1995) и 39 се споменува Гибсон и киберпанкот во контекст на киберсекс и киберфеминизам. Меѓу другото, од самиот почеток на издавањето на списанието една од главните теми е виртуелната реалност (VR) и вештачката интелигенција (AI), со теоретичари на технологијата како Жил Маршал, Авон Хуксор, Даглас Хофстатер, Матијас Гутнехт, М. А. Арбиб, П. Ј. Хајс, К. М. Форд, Џ. Р. Адамс-Вебер, Вилем Флусер, Петар Млакар и други.
Ете колку сме биле модерни и актуелни во Македонија во 1990-тите (на корицата на Маргина 19/20 се најде и видео-играта Doom)! Сите овие споменати и други броеви на Маргина се достапни за читање на Окно и штета е помладите генерации да ги пропуштат – можат многу да научат. Но, да се навратиме на темата.

Кијану Ривс во Киберпанк 2077
Познатата видеоигра „Киберпанк 2077“ потекнува од игра со карти дизајнирана како обид да се реплицира цврстиот реализам на киберпанк научната фантастика од 1980-тите. Инспирацијата бил романот „Hardwired“ и филмот „Blade Runner“. Иако многумина сметаат дека „Невромансер“ на Вилијам Гибсон имал влијание, сепак авторот на играта самиот изјавил дека го немал прочитано романот. Други извори го вклучуваат и филмот „Streets of Fire“ и анимето „Bubblegum Crisis“.
Оригиналната верзија на „Киберпанк“ излегла во 1988 година од R. Talsorian Games. Од тогаш се излезени многу верзии, книги со правила, па дури и романи. Но, најзначајното и најпопуларно издание е играта „Киберпанк 2077“ излезена во 2020 година.
Сместен во дистописки киберпанк универзум, играчот ја презема улогата на „Ви“ (V), платеник во измислениот калифорниски град познат како „Ноќен град“. По низа настани, експериментален кибернетски „био-чип“ завршува во главата на Ви. Чипот содржи енграм на легендарната рок-ѕвезда и терорист Џони Силверхенд (го игра Кијану Ривс) кој се заканува дека ќе го пресними умот на Ви. Тие двајцата мора да соработуваат за да преживеат.

Кијану Ривс во Џони Мнемоник
Џони е трговец со податоци со помош на кибернетски имплант во главата. Пренесува чувствителни податоци за различни клиенти, но во текот на процесот, тој запаѓа во транс и не е свесен за содржината. Склучува договор со Ралфи Фејс, но не знае дека пренесува податоци украдени од организацијата Јакуза. Моли (лик кој прв пат е воведен во овој расказ, а потоа во познатата трилогија на Гибсон), девојка со модификации на телото (сечила под ноктите) го спасува Џони и станува негов бодигард. Џони мора да ги извади податоците од главата што побрзо поради оптеретување со помош на кибернетски подобрен делфин.
Филмската верзија е горе-долу слична. Премисата е дека во 2021 година, општеството е управувано од виртуелен интернет кој создал „синдром на слабеење на нервите“ или NAS, додека мегакорпорациите го контролираат светот. Звучи како реалноста, нели? Во филмот се открива дека податоците кои ги носи Џони во неговиот имплант се лек за пандемијата која владее со светот – алелуја!
Режисерот го замислил филмот како уметнички црно-бел проект. Сепак, во продукцијата се замешале големи играчи, како главен актер бил избран Кијану Ривс (после „Брзина“) и работите излегле од контрола. Филмот е снимен во боја со многу сомнителни компјутерски ефекти. Се чини дека и улогата на Кијану не му соодветствува многу бидејќи имала премногу зборување. Не е тајна дека Кијану и не е толку добар актер и дека повеќе му одговара физичкиот тип на глума (пр. „Брзина“ и „Матрикс“). Се на се – филмот бил комерцијален и критички неуспех.

Џони Мнемоник како претходник на Матрикс
Има повеќе моменти, визуелни референци и концептуални сличности помеѓу Џони Мнемоник и Матрикс. Ова се сличностите кои ние ги имаме забележано.
Кијану Ривс. Наочигледната врска е самиот актер. Џони Мнемоник во филмот се вика м-р Смит, замислете!

Детето кое Џони го гледа на почетокот на филмот како се крие зад аквариумот за потоа да излезе дека се близнаци е референца на детето со лажицата во Матрикс и упатува на илузијата на реалноста.

Имплантот на Џони и влезот (џекот) за пристап до него се наоѓа на задниот дел од неговата глава… познато?

Во неколку моменти на филмот преовладува зеленикаво осветлување кое е сеприсутно во Матрикс.

Членовите на Јакуза кои го бркаат Џони се облечени во кожени мантили, како Нео и компанија во Матрикс.

Пред да го приклучат на трансфер на податоци, Џони става ВР очила и се грчи под напливот на податоци (слично како во Матрикс кога Tank му го полни мозокот со податоци за борбени вештини), а пред тоа вели „Удри ме!“ (како Morpheus кога го предизвикува Нео за време на тренинг).

Откако ќе го преоптеретат со податоци, Џони прави вежби за дишење со движења на рацете кои потсетуваат на движењата кои ги прави во Матрикс кога ќе стане Нео.

Садо-мазо костимографија и забави. Влијанието на СМ модата врз филмот Матрикс е очигледно. Тоа го имаат изјавувано и режисерите. Во Џони Мнемоник главниот лик оди на слична забава.

Моли се јавува како заштитничка на Џони, како Тринити на Нео, а дел од дејствието се случува во метро (ви текнува на Матрикс?)

Џони Мнемоник станува дел од движењето на отпорот кое многу потсетува на дружината на Морфеус! Разликата е што бродот Навуходонозор е Рај (Heaven), а Морфеус е Џеј Боун (Ice-T).


Џони влегува во виртуелен свет, како во Матрикс, но ефектите се премногу лоши за да биде сфатен сериозно. Таму му помага вештачка интелигенција со женски лик која се појавува во улога на пророчка (како Oracle во Матрикс).

Џони го носи лекот за пандемијата во својот имплант и така станува спасителот – Нео!

Една значајна разлика (освен лошата музика, глума и компјутерски ефекти) се сцените со Јакуза кои се како позајмени од крими филмовите од Хонг-Конг со боречки вештини (како Џони То или Џон Ву) со кои изобилува Џони Мнемоник, а Матрикс ги нема. Ако не ги сметаме многуте сцени со боречки вештини од Матрикс во таа категорија.
Сепак, режисерите на Матрикс нема да му дадат признание на Џони Мнемоник за влијанието на нивниот филм, туку едно друго дело на Вилијам Гибсон, Неуромансер од 1984 година, и неговата приказна „за компјутерски хакер кој се соочува со моќна вештачка интелигенција“ и која се одвива во виртуелна реалност.
Вилијам Гибсон е заслужен за популаризацијата на терминот „Матрикс“ во контекст на кибер просторот и виртуелната реалност во својот научно-фантастичен роман „Неуромансер“ од 1984 година. Во книгата, тој се осврна на „Матрикс“ како глобална компјутерска мрежа и виртуелен простор каде ликовите од приказната влегуваат во кибер-просторот за да пристапат до информации и да се вклучат во различни активности.
Интересно е дека Вилијам Гибсон не знаел ништо за компјутерите кога го напишал „Неуромансер“ на машина за чукање.
Кијану Ривс во Матрикс
Матрикс имал потешкотии во финансирањето, токму поради неуспехот на Џони Мнемоник. Сепак, тие успеале да направат еден интересен и влијателен филм кој до ден-денес влијае на филмската индустрија и уметност.
Матрикс во основа е кибер-панк филм и критиката на Бетке, авторот на терминот киберпанк, се чини пророчка за Нео. Тој е хакер кој сонува за уривање на системот, а нема социјален живот и има месијански фантазии!
Но, едно е сигурно – Кијану остави трајно влијание на жанрот киберпанк, од Џони Мнемоник, преку Матрикс до Киберпанк 2077 и се чини дека овој свет триаголник ќе остане запишан во историјата на научната фантастика засекогаш.
Црно-бела верзија на Џони Мнемоник
Црно-белата верзија на филмот (според оригиналната визија на режисерот) конечно излегла во 2022 година (иако била планирана за 20-годишнина на филмот) и навистина изгледа подобро! Потсетува на една подобра верзија на Sin City и го задржува оригиналното влијание кое Film Noir го имал на киберпанкот, да не зборуваме за нивелирањето на лошите компјутерски ефекти од верзијата на филмот од 90-тите.

Заклучок
Добрата научна фантастика секогаш служи како предупредување за иднината и идните светови кои можеме да ги изградиме, како и за нашето место во нив.
Оригиналното Киберпанк движење од 1980-тите ги поставило прашањата какви социјални или морални последици има неконтролираното развивање и споделување на висока технологија.
Киберпанкот вели – да, високата технологија е одлична, но размислете за сите начини на кои таа може да се злоупотреби.
Ова се предупредувањата кои, ако не ги послушаме, ќе доведат до дистописко општество на луѓе заробени под ѓонот на тоталитарните влади или на безмилосните мега-корпорации, лишени од слобода и постојано под надзор.
Ова звучи современо и треба да служи и како предупредување за денешниот свет, кога новата технологија на вештачка интелигенција (АИ) слободно се споделува и го менува животот на сите луѓе, за малкумина на подобро, а за повеќето на полошо.
ПС: Повеќе информации на темава на овие линкови: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7.