„Домче“: Како Драчево ја изгуби својата спортска дневна соба

Во Драчево, дури и дрвјата имаат подобра меморија од институциите. Таа стара црница, за која маалците велат дека раѓала најубави дудинки, денес стои како единствен преживеан сведок пред објектот што полека го голта тревата. Ако го потргнеш обраснатиот „змијарник“ пред некогашниот клуб „Младинец“, можеби ќе најдеш избледено топче од пинг-понг или искинат тикет од томбола. Артефакти на една микро-цивилизација која исчезна пред наши очи. Ова писание произлезе од муабет во групата „Драчево – моја населба“, а е инициран од профилот „И Драчево е Скопје“.

Микро-архив Овој објект не бил само зграда од тули. Според усните преданија на драчевци – Кире, Зоран, Ален, Дено – ова било срцето на ССК „Младинец“. Фактите се следни:

  • Функција: Хибриден модел на самоодржливост. Објектот работел како кафана и сала за бинго/томбола.
  • Економија: Парите од коцката и пијалаците директно го финансирале спортот. Додека Баљо (Бог да го прости) ја вртел томболата, а Чомбе пржел во кујната, се купувале дресови за ССК и кимона за каратистите.
  • Топоними: Лоциран близу ОУ „Кузман Шапкарев“ и месната заедница „Бобан Трпков“. Познат едноставно како – „Домче“.
Контекст: социјална мрежа пред Фејсбук

Зошто е ова важно? Затоа што „Домче“ е совршен пример за маалската кохезија од 80-тите и 90-тите, која денес ја гледаме само на филм. Тоа беше време кога спортот и кафеаната живееја во симбиоза, а не во конфликт. Тука не се делеле луѓето на спортисти и кафанџии. На исто место, под ист кров, легендите на драчевскиот фудбал и шах правеле „салати и дружење“, додека децата во соседните простории (или во салата на училиштето) учеле карате и кошарка.

„Која мајка изгубила дете, тука ќе го најдеше“, вели Дено.

Тоа е дефиницијата за безбедно маало. Билијард, пикадо, флипери – тоа беше социјалната мрежа пред Фејсбук. Тука се растеше, тука се воспитуваше, тука се старееше.

Денес: распад на едно легендарно место

Денес, сликата е горчлива. Додека соседната месна заедница се руши за да никне нешто „ново и модерно“, „Младинец“ е оставен на забот на времето. Иако само еден жител на Драчево со кој стапивме во контакт преку социјални медиуми, вели дека сеуште има тренинзи внатре, надворешноста раскажува приказна за системска негрижа. Дворот е неисчистен, обраснат, претворен во руина.

Општината, која на хартија ја има ингеренцијата, како да заборавила дека овој објект постои штом ќе завршат изборите. Од „Домче“ стана „Дувло“. Нема веќе бинго, нема џагор, само тишина и прашањето на Ристо:

„Кој е одговорен за просторот?“, а одговорот веднаш стига во хумористична форма – „Глувците!“

Завршница

Не мора да градиме палати од стакло и челик за да го вратиме духот на Драчево. Како што вели Сеат, понекогаш е доволно само едно кречење, едно чистење. Да се зачува просторот „како што беше“, за да може некој татко, поминувајќи со децата, да покаже кон ѕидот и да рече:

„Тука научив да играм шах, а тука првпат облеков кимоно“.

Додека не се случи тоа, ни останува само сеќавањето на Баљо, на Чомбе и на мирисот на оние дудинки од црницата, кои веќе никој не ги бере.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *