Аполо 10 во Скопје (16.09.1970) – втор дел: што паметат сведоците

По објавата за изложбата на командниот модул на Аполо 10 во Скопје, добивме неочекувано голем број реакции, спомени и дополнителни информации од граѓани кои биле присутни на настанот во 1970 година. Дел од овие сведоштва не само што ја потврдуваат веродостојноста на изложбата, туку отвораат и пошироки прашања за архивирањето, колективната меморија и односот кон науката.

Пред да ги издвоиме реакциите, објавуваме и две фотографии од весникот Вечер, од броевите 2263 (09.09.1970) и 2268 (15.09.1970), кои претходно не беа вклучени.

Архивите како почетна точка

Прашањето за архивирањето се отвори преку коментарот на Валентин Нешковски, значаен новинар и писател, кој укажа на парадоксот: настан со глобално значење, а речиси невидлив во локалните институционални архиви.

„Благодарност што ја извадивте од прашината оваа информација. Јас работев во Нова Македонија и безброј пати сум ги прелистувал тие укоричени броеви, но не сум налетал на ова, ниту пак некој од колегите споменал. Го прашав ГПТ 5.2 и потврди – го цитираше вапиот текст и никој друг.“

Тој посочува и конкретен траг во архивите на Smithsonian / National Air and Space Museum, каде експлицитно се спомнува USIA 1970 European Tour – Skopje, но без јавно достапна визуелна документација.

Од архивите на Smithsonian / National Air and Space Museum

Нешковски заклучува:

Ете тоа е резултат на несистаматичноста ( да не речам јавашлукот) – најголемиот систем на знаења во светот – ВИ – останува ненахранет за нас и нашата историја. За укоречените броеви на архивата на Н. Македонија исто така имам приказни. Татко ми спаси еден број од бувљакот под Кале пред 20 години.

На ова се надоврза и Валдамар Свeјналдсон (архитект, уметник и активист од Охрид), кој го проблематизира губењето на дигиталните архиви на македонските медиуми и институции:

„Убава и корисна онлајн архива имаа и дневните весници и (делумно) списанија кои беа во рамките на МПМ. За жал, наместо да се задржат, или предадат на некоја од библиотеките или јавни институции кои би ја одржувале (по примерот на Internet Archive), тие архиви засекогаш се изгубија… И постоечките дигитални медиуми не ги одржуваат архивите, па многу често ако се бара некоја стара врска се појавува 404 Error. Во охридската библиотека не е започната дигитализацијата најавена пред неколку години…

Валдамар потсети и на примерот со охридскиот хроничар Владо Жура, кој пред години подарил обемна вкоричена архива од локални весници во кои бил уредник. Наместо таа збирка да биде дигитализирана и јавно достапна, таа останала неискористена, иако, според него, со еден јавен повик за волонтери процесот одамна ќе бил завршен.

Лични сеќавања од 1970 година

Покрај архивските прашања, голем дел од реакциите беа лични сведоштва за тој значаен датум, 1 семптември 1970 година. Драги Неделчевски, македонски фотограф (од I-ва класа!), се наврати на своето детство и првата средба со модулот:

„Тогаш имав 12 години. Се сеќавам дека татко ми не донесе сите од дома (Тетово), во Скопје да го видиме модулот кој беше поставен на Плоштад Слобода, во близина на студентскиот дом. Јас бев фасциниран од тоа што го видов. Ми се виде малку мал за вселенско летало, а најмногу ми остана во сеќавање дека надворешната површина на модулот беше со лузни (вдлабнатини) од судирите со вселенскиот материјал при враќањето на земјата. Прекрасно искуство.“

Овие спомени се совпаѓаат со описите од оригиналните новинарски текстови од 1970 година, особено во делот за трагите од повторното влегување во атмосферата.

Слични сеќавања сподели и Katerina Phibbs, која напиша дека со денови била возбудена пред и по посетата и дека токму тогаш започнала нејзината фасцинација со вселената. Љубе Алексовски, Жарко Бунтески, Златко Темелковски и Томислав Христовски кратко посведочија дека изложбата ја посетиле како деца, а дел од нив тогаш добиле и значка.

Материјални траги: фотографиите и значките

Особено значајно сведоштво дојде од Слободан Марјановик, кој откри дека фотографијата на командниот модул објавена во Вечер на 16.09.1970 година е направена терасата на неговата тетка во зградата каде што бил сместен Аеро клубот. Американскиот фото-репортер, како благодарност за таа дозвола, го внел малиот Слободан во капсулата.

Оваа информација претставува редок случај каде што архивска фотографија добива јасен личен и просторен контекст, што е од исклучително значење за документарната вредност на материјалот.

Повеќе коментари се однесуваа и на значките што биле делени за време на изложбата. Слободан Јованоски – Боби и Тоде Тоше Илиевски сведочат дека токму тие значки биле нивниот најсилен контакт со настанот – мали, но трајни сувенири кои денес функционираат како лични архиви.

Фотографија на значката од Тоде Тоше Илиевски
Кој бил, а кој не бил во Скопје

Во дискусијата се појави и прашањето дали Нил Армстронг и Баз Олдрин биле присутни во Скопје. Тоде Тоше Илиевски јасно го отфрла тоа:

Не, Нил и Баз не биле во Скопје на овој настан, беа во Белград на својата европска турнеја (во тоа време), каде на Тито му подарија камен од Месечината кој сеуште се наоѓа во музејот “25 МАЈ”

Ова е во согласност со познатите податоци за нивната европска турнеја, при што Белград бил една од клучните станици, но не и Скопје.

Споделувања на нашиот текст за Аполо 11 на други профили

Особено значајно споделување дојде од Мартина Димоска (со импресивно CV за млад истражувач!), која со своето професионално искуство поврзано со вселенски програми додаде поширок контекст на темата. На нашата објава таа коментираше:

„Браво! Навистина ми е драго што не сум единствена што истражува ‘вселенски’ случувања дома!“

Таа посочи дека во Музејот на современата уметност – Скопје постои фотографски портрет со авторски потпис од Валентина Терешкова, како и нејзин запис во книгата на впечатоци, што претставува уште еден, речиси заборавен траг од раните „вселенски“ контакти на Скопје. Ова сведоштво повторно ја отвори темата за недоволно документираните врски меѓу науката, културата и меѓународната солидарност во постземјотресно Скопје.

Фотографија од личната архива на Мартина Димоска

Во понатамошниот муабет со Мартина ја истакнавме потребата од градење Астрономска опсерваторија во Македонија, иницијатива која ја започнавме пред неколку години. Кој знае – можеби таа ќе биде нашата Пранвера Хисени!

Поради дарежливоста на Aldrin Family Foundation, Македонија денес ги има и International Space Alliance (ISA) и првата цивилна Македонска вселенска агенција – Граѓанско-научна космичка агенција на Македонија, во која Мартина Димоска е активно вклучена. Токму ваквите иницијативи, кои ја поврзуваат науката, образованието и меѓународната соработка, можат да се читаат како првите, реални чекори кон нешто што со години недостига – Национална астрономска опсерваторија во Македонија.

Досега необјавена фотографија од изложбата на Аполо 10 во Скопје

Дополнително, значаен придонес во мозаикот на колективните сеќавања даде и Јулијана Велевска, која сподели досега необјавена фотографија од Аполо 10 во Скопје. Според нејзиното сведоштво, капсулата била донесена преку Народна техника, а на фотографијата е нејзиниот татко Вељо Велевски – со наочарите за сонце, пред самиот модул – тогашен секретар на Градскиот совет на Народна техника од Скопје. Оваа фотографија, како автентичен визуелен доказ за настанот, за прв пат се објавува во македонските медиуми, токму во рамките на овој текст.

Фотографија од личната архива на Јулијана Велевска
Скептицизмот како константа

Интересно е што, исто како и во 1970 година, и денес постојат сомнежи околу мисиите Аполо. Александар Пачев отворено го искажа својот став:

Уште тогаш ми падна чудно како еден толку мал по димензии објект од ракетата која го носеше, да се одвоит, да стигнит до месечината и да се вратит безбедно со екипаш од черворица. И тогаш а и сега не вервам дека навистина космонутите стапнаја на месечината.“

Овој скептицизам потсетува дека изложбата уште тогаш не била едногласно прифатена, што дополнително ја прави важна како историски и социолошки феномен.

За крај, останува само констатацијата дека ваквите настани имаат потенцијал трајно да го обликуваат односот кон знаењето, науката и истражувањето. За многумина ширум светот, сведочењето на вакви моменти било пресвртница што ги насочила кон научни и технолошки дисциплини. Се надеваме дека и ова потсетување ќе отвори простор за нова љубопитност – и ќе поттикне барем некого повторно да погледне кон вселената со восхит и желба за разбирање.

Наместо заклучок

Реакциите на оваа објава покажаа дека изложбата на Аполо 10 во Скопје не била само изолиран културен настан, туку дел од поширок контекст во кој се преплетуваат науката, идеологијата, медиумите и личните животи. За некои таа била момент на чисто восхитување, за други почеток на интерес кон науката, а за трети повод за сомнеж.

Она што денес останува како заедничка нишка е јасната потреба овие настани да не останат само во лични спомени или расфрлани архиви, туку да бидат систематски документирани, јавно достапни и разбирливи. Само така ваквите приказни можат да продолжат да живеат – не како носталгија, туку како дел од живата историја на градот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *