Александар Македонски стигнал побрзо до Индија, отколку Град Скопје од Пинтија до Драчево!

Дали патот накај Драчево, населба во која со околните села живеат околу 60.000 жители, со исто толку возила кои дневно поминуваат на истиот пат конечно ќе биде направен? Што вели Град Скопје, или нема време да се занимава со тоа кога го „накитува“ градот?


Возењето по овој пат е веќе опасно за возилата и возачите. Ноќе нема никаква сигнализација и се снаоѓа само оној кој го знае патот како џебот свој – а другите, како нашата екипа која ја испита состојбата на патот, нека им е со среќа!

40-годишната реконструкција на овој пат (ветена уште во Југославија), конечно се оствари кога пред две и пол години (јуни 2021 година) години почна реконструкцијата на патот долг 1450 метри.

Веќе навлегуваме во 2024 година и од тогаш е направено малку. Градежните активности и зафатите за проширување долж булеварот „Борис Трајковски“ продолжуваат да прават пустош во секојдневниот живот на скопјани.

Освен нивното трпение, со години веќе страдаат нивните возила. Честите посети на автомеханичари папагалски се повторуваат „промена на јабучици, замена на спони…“ Трошокот го снесуваат граѓаните, а град Скопје се занимава со елки!

Во меѓувреме се копа, па се паузира повеќе отколку што се работи и никако да се стигне до крајот. Работници ќе се појават, па ќе ги снема, а плановите на работа отидоа јабана – штом и зиме се раскопува.

Се поставува прашање кога ќе се заврши работата? Со последните активности се отворија толку дупки на патот што возењето може да трае и еден час, а по пат се чувствувате како да сте во Индија.

И навистина!

Александар Македонски побрзо стигнал до Индија (11.000 километри), отколку што Град Скопје стигна со реконструкција на патот од Пинтија до Драчево во должина од 1450 метри.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *