Пред неколку години го архивиравме сајтот на Точка и на Електролит (како дел од нашите архивски напори во полето на културата и уметноста, но и пошироко). Помладите веројатно не ни знаат што се овие нешта, па да појасниме.
Точка (2002-2010) беше Културен Центар и магично место за многу алтернативни културњаци кое изгради една цела генерација млади уметници. Речиси да нема уметник од Скопје од „помладата“ генерација на кој патот не му се вкрстил со Точка.
„Електролит“ (2006-2007) беше првиот македонски онлајн конкурс за литература. Сите автори од конкурсот беа објавени онлајн (бесплатно достапно), а подобрите беа објавени во списанието „Маргина“ и годишни книги. Интересно е дека помеѓу застапените автори, денес препознаваме веќе објавувани и наградувани имиња од помладата генерација македонски прозаисти.
Наследството на Точка е големо и затоа сакаме периодично да ве потсетуваме што се случувало во Точка пред 20 години. Ова ќе биде концепт кој планираме да го правиме годинава, како потсетување за тоа што беше Точка, каде бевме како држава и која беше состојбата во културата тогаш.
По повеќето групни изложби низ Македонија, младиот ликовен уметник Ѓорѓе Јовановиќ, прв пат се претставува со самостојна изложба лоцирајќи ги своите творби во две скопски галерии. Тоа не значи дека таквата одлука е резултат на хиперпродукција на уметничкиот материал, туку станува збор за концепт што овозможува обединување на два различни авторски пристапи во една целина.
Додека во галеријата “Точка” изложува серија колажи со кои дава придонес во таканаречената ангажирана уметност, во галеријата на МКЦ Ѓорѓе се претставува со триесетина компјутерски обработени фотографии кои тематски се поврзани за портретот. Она што ги поврзува делата поставени во двата различни простори, содржано е во идејата низ два посебни медиумски изрази да се претстави дихотомијата на неговиот ликовен свет.
Користејќи ги креативните особености на колажот, како што е постапката на одбирање на материјалот, издвојување на фрагменти од една целина и нивно внесување во нов концепт, уметникот е врзан за една процедурална постапка, при што времето претставува битна предодреденост во реализација на делото. Наспроти тоа, користејќи го медиумот на фотографијата која му припаѓа на жанрот наречен “фотографија на уметникот” или “фотографија како уметност”, авторот ја употребува како средство за визуелно истражување со кое ја регистрира моментната, во еден миг дадената глетка, во овој случај ликовите од кои е составена актуелната изложба на портрети. Овој серијал е создаден благодарение на бројните можности на дигиталниот апарат кој секогаш е при рака да го регистрира она што е инспиративно за уметникот.
Компјутерската обработка на снимениот материјал нема за цел постигнување естетски ефекти и визуелна допадливост, туку барање структури на сопствениот јазик на изразување кои се најблиски на неговото сликарско битие. Затоа овие фотографии немаат статус на доцумент, ниту претендираат кон рангот уметничка фотографија, туку имаат карактер на самостојно уметничко дело со кое авторот го изразува своето субјективно видување на светот што го опкружува.
Претставените портрети се слики на луѓе, пријатели и познаници кои веќе поминале низ одредена интимна опсервација на уметникот, а она што е видливо на нив постигнато е со помош на компјутерска обработка на реалистички снимениот модел. На тој начин тој ги создава своите претстави што ги поседуваат сите својства на веродостојноста што ги овозможува фотографијата, но во процесот на преквалификување на нејзиното значење, тие добиваат нова содржина која им дава карактер на сликарско дело. Со овие фотографии авторот ги покажува врските кои во голема мерка се блиски до неговото сликарско убедување.
Она што најмногу го интересира во фотографијата е светлината, односот на светлото и сенката, она моментално дејствие на светлината кое влијае врз формата на сликата, условувајќи го просторот, композицијата и атмосферата. Со внесување на тие чисто ликовни постапки во своите фотографии, Ѓорѓе во голема мера успева да ги “наслика” портретите на своите блиски онака како што ги чувствува, а не само перцепира.