|
Биографија
Ѓорѓе Јовановиќ (1980) диломирал 2003 година на Факултетот за
Ликовни Уметности, Скопје на сликарскиот отсек кај професорот Рубенс
Корубин. Се занимава со сликарство, вајарство, сценографија, стрип,
дизајн.
Досега учествувал на следните групни
изложби :
Бианале на цртеж - Белград 2001
Балкански арт фестивал – Литохоро Р. Грција 2001
Отисоци од природа - КИЦ -Скопје 2002
Градот-шест приказни за Скопје - МКЦ - Скопје 2003
Сликарство –мал формат-КИЦ- Скопје 2003
Real presence-Белград 2004
Цртеж рт’еж… ск.мк нови тенденции - Неготино, Кавадарци, Гевгелија,
Струмица, Гостивар, Тетово, Скопје - 2004-2005,
Од рецензијата на Зорица Лопур Богдановски …
Додека во галеријата “Точка” изложува серија колажи со кои дава
придонес во таканаречената ангажирана уметност, во галеријата на МКЦ
Ѓорѓе се претставува со триесетина компјутерски обработени фотографии
кои тематски се поврзани за портретот. Она што ги поврзува делата
поставени во двата различни простори, содржано е во идејата низ два
посебни медиумски изрази да се претстави дихотомијата на неговиот
ликовен свет.
Користејќи ги
креативните особености на колажот, како што е постапката на одбирање
на материјалот, издвојување на фрагменти од една целина и нивно
внесување во нов концепт, уметникот е врзан за една процедурална
постапка, при што времето претставува битна предодреденост во
реализација на делото. Наспроти тоа, користејќи го медиумот на
фотографијата која му припаѓа на жанрот наречен “фотографија на
уметникот” или “фотографија како уметност”, авторот ја употребува како
средство за визуелно истражување со кое ја регистрира моментната, во
еден миг дадената глетка, во овој случај ликовите од кои е составена
актуелната изложба на портрети. Овој серијал е создаден благодарение
на бројните можности на дигиталниот апарат кој секогаш е при рака да
го регистрира она што е инспиративно за уметникот.
Компјутерската
обработка на снимениот материјал нема за цел постигнување естетски
ефекти и визуелна допадливост, туку барање структури на сопствениот
јазик на изразување кои се најблиски на неговото сликарско битие.
Затоа овие фотографии немаат статус на доцумент, ниту претендираат кон
рангот уметничка фотографија, туку имаат карактер на самостојно
уметничко дело со кое авторот го изразува своето субјективно видување
на светот што го опкружува. Претставените портрети се слики на луѓе,
пријатели и познаници кои веќе поминале низ одредена интимна
опсервација на уметникот, а она што е видливо на нив постигнато е со
помош на компјутерска обработка на реалистички снимениот модел. На тој
начин тој ги создава своите претстави што ги поседуваат сите својства
на веродостојноста
што ги овозможува фотографијата, но во процесот на преквалификување на
нејзиното значење,
тие
добиваат нова содржина која им дава карактер на сликарско дело. Со
овие фотографии авторот ги покажува врските кои во голема мерка се
блиски до неговото сликарско
убедување. Она што најмногу го интересира во фотографијата е
светлината, односот на светлото и сенката, она моментално дејствие на
светлината кое влијае врз формата
на сликата, условувајќи го просторот, композицијата и атмосферата. Со
внесување на тие чисто ликовни постапки во своите фотографии, Ѓорѓе во
голема мера успева да ги “наслика” портретите на своите блиски онака
како што ги чувствува, а не само перцепира. |