„Добрата филозофија, како и добрата научна фантастика, ретко ни ги дава одговорите што ги сакаме. Обично води до повеќе прашања.“
Во серијата книги „Популарна култура и филозофија“ книгата бр. 63 е насловена како „Филип К. Дик и филозофијата: Дали андроидите имаат сродни души?“ (2011).
Направивме и аудио запис од првото поглавје на англиски јазик, па преслушајте!
Во првото поглавје „Холивуд не го познава Дик“ (Hollywood Doesn’t Know Dick) авторот, Итан Милс, започнува со тоа дека некои од најголемите холивудски блокбастери од последните неколку децении се базирани на делата на Филип К. Дик — Blade Runner, Total Recall, Minority Report, The Adjustment Bureau и други.
Многу обожаватели, вклучувајќи го и Милс, прво се фасцинирани од овие филмови пред да се сретнат со оригиналните приказни и романи на Дик. Сепак, откако ги прочитал оригиналите, Милс забележал дека нешто суштински се изгубило во преводот од печатеното дело до филмот. Ова „нешто“ е израз на една подлабока тензија помеѓу двата филозофски погледи за човечката состојба.
Таа разлика Милс ја искажува преку споредба помеѓу т.н. Холивудска перспектива (Holly-worldview) и перспективата на Дик (Dickian worldview).
Холивудска перспектива | Перспектива на Дик |
---|---|
Универзум во кој доброто секогаш го победува злото | Универзумот е генерално непријателски настроен |
Универзумот е пријатно место (иако мора да се брани од повремени негативци) | Универзум на параноја, незнаење и недостаток на вистинска слобода |
Негативците мора да бидат казнети и хероите мора да ги научат битните лекции | Хероите мислат дека некој ги следи (и во право се). |
Слободната волја ја осигурува победата на човечкиот дух | Хероите се прашуваат дали донесуваат вистински слободни одлуки и прифаќаат дека не ги донесуваат. |
Хероите ја откриваат суштината на реалноста и доблеста | Хероите само повремено ја откриваат вистината |
Среќен крај (плус хероите ја наоѓаат вистинската љубов) | Хероите размислуваат за можноста дека сè што мислат дека знаат е погрешно |
Аворот споменува неколку позначајни филозофи кои го делат светогледот на Филип Дик (или тој со нив, ако гледаме историски). Спиноза смета дека детерминизмот не претставува закана за човечката слобода и моралната одговорност, како и Џон Стјуарт Мил – кај Дик ликовите имаат илузија на слободна волја и покрај контролата на надворешни сили.
Идеите на стоичките антички филозофи за прифаќање на судбината и наоѓање на мир во детерминистичкиот универзум се одразени во приказните на Филип Дик каде ликовите често се помируваат со својата реалност и своите ограничувања.
Скептицизмот кој се среќава во повеќе историски филозофски учења (од античките грчки и индиски до поновите како кај Хјум, Декарт или Бејкон) се среќава и кај Филип Дик. Ликовите на Дик често се сомневаат во она што го знаат и го доживуваат, што е клучен елемент на филозофскиот скептицизам.

Милс истакнува дека филмовите базирани на делата на Дик често ја менуваат неговата оригинална визија за да одговараат на холивудската перспектива, што доведува до загуба на суштинските филозофски елементи. Toj ја потенцира важноста на разбирањето на подлабоките филозофски теми во делата на Дик и како тие можат да ни помогнат да размислуваме за слободната волја, детерминизмот и природата на реалноста.