Ви ја претставуваме нашата нова апликација „Проверувач на палиндроми“, која е дел од нашиот поширок проект „Јазични алатки: креативно истражување на македонскиот јазик“.

Овие јазични алатки се создадени со цел да го истражат, збогатат и прослават нашиот јазик. Без разлика дали сте писател, ученик, или едноставно љубител на јазикот, нашите алатки ќе ви помогнат да го доживеете македонскиот на нов и возбудлив начин.
Покрај „Проверувачот на палиндроми“, развиваме и други креативни алатки како: Панграм проверувач, МК Fortune Cookies, Генератор на македонски поговорки, игра со зборови Збороколаж, Хаику проверувач, Генератор на азбучен расказ, Генератор на благослови или клетви, и Букволовка.
Како и секогаш, за развивањето на овие апликации користевме вештачка интелигенција, а кодот на страницата е целосно Open-source достапен за понатамошен развој и надградба од ентузијасти или институции.
Во новата апликацијата за проверка на палиндроми вклучивме неколку едноставни зборови како почетна инспирација: потоп, капак, поп, око, довод, радар, топот, мадам, кајак, мелем, ама, Ана, сос, оро, доход, нежен, калабалак, невен, тегет, Сорос, репер, ротатор, аха, мажам, макам, Боб…
Со оваа алатка можете да ги истражите вашите креативни потенцијали и да создадете интересни палиндроми. На пример, можете да правите интересни трансформации:
- Таратор → „Оро таратор, о!”
- Ананас → „Сон с’ ананас, нос”
- Баба → „А, баба?”
- Арарат → „Икс-пет, Арарат епски!”
Палиндромите во македонската литература
Историјата на палиндромите во македонската литература не е толку богата, но е интересна. Еве неколку значајни извори и автори.
Маргина бр. 22

Во ова издание има целосен темат посветен на маниризмот од Густав Рене Хок. Особено е интересен делот „Маниризмот во литературата” и поднасловот „Книжевните четириаголници”. Тука се спомнува славниот „магичен квадрат” Sator Arepo, кој ги соединува анаграмите и палиндромите. Од овие неколку букви составени се 13 анаграмски латински реченици, а со коњички скок се обликуваат зборовите Pater noster.

Вештината на “поетското” творење најасно се гледа при создавањето на “лудопесните” (rrge-dicht), “коцките”, т.е. carmen labyrintheum, “која воведува во блудоградината и се чита одлево и оддесно, озгора и оздола, напречно, по ширина и должина.
Оваа тема е особено интересна и е една од нашите водилки при создавањето на овие апликации преку кои ги поттикнуваме читателите (писателите?) да експериментираат со јазикот на креативен начин.
Значајни македонски автори кои создавале или користеле палиндроми
- Тоде Илиевски – ренесансен автор кој создал над 9.000 енигматски творби (анаграми, палиндроми и ребуси) и околу 450 шаховски проблеми.
- Атанас Караџа – според кажувањето на Никола Гелевски – Коља е „некој постар човек кој праќал низ Југославија разни енигматски ствари“. Не се запознале лично, туку се слушнале по телефон и од тој разговор произлегло следново:
- Пандалф Вулкански со супер-откачениот маниристички расказ „Касапот на ТМОРО“ во кој еден лик (Касандра) зборува во палиндроми (кои се дело на енигматичниот енигматичар Караџа!). Пандалф нема негови палиндроми, но е (можеби, сигурно!?) најдобриот манирист во македонската книжевност! Палиндромите на Караџа кои се појавуваат во овој расказ се:
- Не е месечар, врач е семеен
- О, до бол сакав вака – слободо!
- Ај, и храна за анархија!
- И во мувите сетив умови!
- Ете, царе, рацете!
- Ма, зар мразам?!
- Вака си сакав!
- Жед! А надеж?
- А крив си свирка!”
- Таа каса! Ја сакаат!
- Зет и витез!
- На бараба – барабан!
- Ете лево, повелете!
- И, тато, лев е чевелот. А ти?

Покрај нив, Ѓоко Здравески – поет, писател и есеист, е автор на поетска книга „Палиндром со две н“ која на корицата содржи повеќе палиндроми на македонски јазик. Во самата книга нема палиндроми, но насловот на книгата е маниристички! Негов е палиндромот „Дуле е луд.”
Никола Гелевски исто така во колумна од (далечната!) 2006 година споменува и еден блогер наречен Спијач, како автор на палиндромот „Е леле се веселеле“
Сличен текст за палиндроми и магичниот квадрат (како тој од Маргина 22) се појавува на едно невообичаено место, во магазинот „Карпош урбан“, информатор на Општина Карпош (март-јули 2010). Таму се наведени овие палиндроми:
- Нели не си ти сенилен?
- Е, не чини, циничен е!
- Јадење и пиење дај!
- Му нема рамен ум!
- Е, неженет е! Ете нежен е!
- И Мајами има јами!
- Ама сон! Анита оди и до Атина. Но сама!
- Е, навечер тоне денот, рече Ване!
- Попаѓа раѓа поп?
- Ела рече, веќе вечерале!
Современи палиндроми
Од мало истражување на интернет (читај Фејсбук) најдовме повеќе палиндроми на македонски јазик. Повеќето се дел од предизвикот на читателите на Антолог да напишат коментар во вид на панграм за книгата „Ана“ (име/палиндром) на Николо Аманити, еве некои од нив:
- Дебел лимар врамил лебед
- Ами и Блаже жалби има
- А бре во ден недоверба
- Е навечер тоне денот, рече Ване
- Му нема рамен ум
- Е не чини, циничен е
- Кирил е лирик.
- Иди, види.
- Ели и Иле
- Е, сине, жени се.
- Бел леб.
- Ина набра пар банани.
- Јадење и пиење дај
- Деми Мур – рум и мед
- Рим и мир
- А тропа на порта
- Нема Ката камен
- Не се мажам, есен
- А мала сака салама
- Табор кани фин акробат
- Голот на Антолог
Сега е време и вие да создадете свој палиндром! Користете ја нашата апликација за да експериментирате со зборови и да создадете нешто ново и креативно. Споделете ги вашите креации со нас и станете дел од оваа богата јазична традиција.

ПС: Најдолгиот палиндром на македонски јазик (според нас) е „Ама сон! Анита оди и до Атина. Но сама!“ со 39 карактери – обидете се да напишете подолг!