114
Е, ЛЕЛЕ, СЕ ВЕСЕЛЕЛЕ...
13.06.2006.
“Е леле се веселеле” е палиндром, реченица која се чита исто и од
лево кон десно и од десно кон лево. Реченицата е наслов на една
песна на блогерот под име Спијач. Реченицата е еден од најубавите
палиндроми на македонски, рамна на најзбиените зенитистички поетски
мудрости на Блаже Конески, меѓу другото и зашто, баш како и Конески,
на мошне духовит начин зборува за важната црта на македонскиот
менталитет: тенката граница меѓу лелекавото и веселкавото. На некое
виртуелно знаме на некое иронично македонско движење на отпорот тој
палиндром би можел да се извезе (со црн и црвен конец, се разбира:)
како слоган, нешто што ги заменува бога, правдата, единството,
пирамидите, ѕвездите и петокраките: е, леле, се веселеле...
Јасно е зошто во насловот го ставив извонредниот палиндром: зашто по
изборите (чаламџискиот натпревар во раскажување приказни меѓу ловци
и рибари) вообичаено ќе ни следува плаќање на цехот, т.е. плачење на
цехот. Партиите ветуваат, на пример, дека по едно јаболко или круша
во детската ужина само за милион и пол евра ќе го оптоварат буџетот;
или дека бесплатниот интернет за цела Македонија чини еден милион
евра годишно (ако два дена чинат пет илјади евра, таква е сметката).
Браво за скромноста на ветувањата (иако делуваат сомнително); но, да
потрошите (сите тие партии) неколку десетици милиони евра за
дваесетдневна кампања, на фирми од типот на монструозниот монопол
“Македонски телекомуникации” да им овозможувате приходи кои за само
неколку години растат на милијарди евра, во провизии и наместени
судски процеси да фрчат милиони евра, а при сето тоа на сопственото
дете, на “иднината на Македонија”, да му ветите 150 до 200 јаболки
годишно - мизерна работа, ќе се согласите. Како што ќе бидат мизерни
евентуално неисполнетите ветувања спрема пензионерите. Мизерно е и
да нудите бесплатен интернет за цела Македонија, за еден милион евра
годишно. Мизерно е и како министер за финансии да купувате неколку
стана среде воен конфликт.
Целата лоша општествена клима, значи, јасно укажува дека се мизерни,
повеќе-помалку, повеќето партиски и лични предизборни стратегии и ја
покажува големата идејна и идеолошка безличност во која сите комплет,
и левите и десните, и Бучко и Грујо, се фатени во орото на
гротескниот Јанко Јадибурек (уште еден трагикомичен симбол на
раскантаната Македонија); од тоа развеселено оро, се разбира, ќе се
излегува со “оф леле”, ама кој да му мисли сега, сега треба да се
смееме, да пумпаме надеж, да градиме лажни единства, да создаваме
слика на “човек од народот”, комшија, домаќин, сите треба да
собираме сликици од фудбалери и сите дебилски треба да гледаме
фудбал, ама само ако Јадибурек коментира, со наклон и кон лево и кон
десно, “поздрављам те чаршијо на све четири стране” е работава...
Значи, и пред да почне кампањата повеќе-помалку една работа е јасна:
сериозни и осмислени политички алтернативи во моментов не постојат.
Факт е дека власта многу малку направи за четирите години владеење,
но факт е и дека опозицијата, слично на власта, тие четири години
главно ги преспа или ги помина во меѓусебни борби.
Во секоја варијанта, кој и да победи, единственото што народот ќе го
добие е она што веќе го има: својот Јанко национале, т.е. неговиот
суров (факирски) кауч за исповедање на “нишчите”; ако, патем,
јавувајќи се на исповед, на симболот на македонската травестија му
нагазите на “жуљ” бидете спремни да ве отера по ѓаволите! Ама и тоа
е пофер отколку некој цело време да ве мавта со славната спинерска
техника “лева рука, десен џеп”. И на Јанко му работи таксиметарот (штека
Телекомот, брои, а по некое ронче фрла и кон зинатите клунчиња), ама
барем пишува, макар и со ситни букви, минутата толку и толку... На
телевизијата на Велија, на пример, некогашната гордост на
македонското новинарство, а сега карикатура на самата себе, на уште
побесрамен начин им брцаат во џебовите на наивните Македонци: секоја
вечер некое девојче, на сметка на Велија, врши најмизерна тортура
врз граѓаните и им краде пари кобајаги низ некакви наградни квизови...
А ваму лидерот грми против нечесноста на владата... И притоа
шибицари ко на Камени мост... Во целата веселба неизбежно е и Гоца
Стошиќ (уште еден, велам, симбол на раскантаната Македонија) исто
така да се занимава со фудбал, т.е. со орвеловски закани дека секој
оној што нема да гледа фудбал на МТВ подлежи на судски прогон...
Некој спомна сериозност?! Одговорност?! Грижа?! Стил и став?! Разум,
вкус и имагинација?! Ма, ви се молам! Ова е време на Односи со
јавност! На лажни насмевки! На будалаштини! На травестија! На змиско
пресвлекување на кошулките! На урлање, лажење и ставање сопки!
Сериозноста е заточена во некоја зандана, стилот и вкусот пар
децении веќе спијат заедно со принцезата во кулата, принцовите што
некогаш имаа став и храброст сега имаат поважни рекетарски и
телохранителски обврски, а детето што можеби некогаш ќе треба да ја
понесе одговорноста (како во Матрикс или Терминатор:) пуштено е во
кошничка низ Вардар...
За некои луѓе сето ова е дури и утешно. Политичката имагинација на
Македонецот е ставена на шини, насоката е зацртана, а маневарскиот
простор на локомотивата, се разбира, е ограничен со шините. Нема
простор за мавтање со идеализмот, со националната романтика, со
големи идеи и големи геостратегиски престројувања... И победите и
поразите се краткотрајни, а подолгорочната перспектива е нејасна и
во многу пошироки рамки.
|