Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


115

ПОЛИТИКА ИЛИ ФУДБАЛ?

27.06.2006.



Што да се гледа деновиве: арената на симулираното војување или арената на лажниот избор (и можеби на реалното војување)?! Да се следат изборите без реална политичка понуда или еден од последните племенски ритуали сосема впрегнат во капиталистичката машина?! Грижа ил забава?! Иднина ил судбина?!
Во крајна линија, можно е да зборуваме за лицето и наличјето на една иста работа: свитата е во ложата, гладијаторите се долу, а крволочната толпа стратешки распоредена по трибините.
Лично, му благодарам на фатумот што ми понуди барем некаква медиумска алтернатива во однос на очајот наречен македонски предизборни каравани (кои наликуваат на легендарните бродови на лудаци, шпартајќи ја земјава надолж и попреку, упорно барајќи пристаниште и прием меѓу некои главно чудни и главно тажни и пропаднати луѓе, збудалени од беспомошност, за разлика од гусариве во бродовиве што не бараат само копно туку и признание и верификација на сопствената важност).
И покрај тоа, значи, што ѕверам во глупиот фудбал, бегајќи од локалниве будалаштини, пак ме јаде јанѕа: аполитичноста (т.е. желбата за веки веков да спуштам ролетни пред овдешниве налети на политичките варвари) всушност може да биде само проклет опортунизам, кој, пак, во крајна инстанца, има најмрачни политички импликации...
Некои посебно перфидни политички махери дури знаеле да ја форсираат аполитичноста, демек како противтежа за валканоста и нискоста на политиката... Се сеќавам, на пример, дека во текот на осумдесеттите во источноевропскиот лагер (не и во СФРЈ, кога во тоа време, пред сè во Словенија, просто цветаа најразлични цивилни иницијативи) интелектуалната позиција на аполитичност или антиполитичност се сметаше за доблест, нешто наспроти “гнасноста”, “нејасноста”, “корумпираноста” и “техницизмот” на политиката. По воспоставувањето на независните држави одново бевме сведоци на еден аполитичен фатализам според кој промените во постсоцијалистичките земји ги донесоа исклучиво интернационалната и националната политичка елита, а дисиденството беше прогонето “однатре” во пределите на предполитичкото дејствување.
Сега одново ни се случува мистификација и “огадување” на улогата на политичарите, со што се промовира некаков нов елитизам кој всушност е во спрега (макар и несвесна, макар и случајна) со политичката моќ.
А всушност, политичноста (која подразбира не само политички ангажман туку и политичка едукација) треба да биде приоритет на демократијата која не значи ништо друго туку политика на постојано вклучување во државниот апарат на нови актери, нови струки, нови теми. Со еден збор, демократијата бара политика на инклузија.
За жал, нашето секојдневие вели нешто друго: преовладува чувството на исклученост. Исклучени сме не само од надежта, верата, иднината туку и од најобичните нешта кои на елементарно ниво ја создаваат заедницата.
Еден голем починат новинар, Ришард Капушчински, за луѓето од Латинска Америка велеше нешто што многу ме потсетува на нашите луѓе: овдешната нееднаквост и неправда не создаваат во толкава мера омраза туку повеќе фрустрација, а кај многумина дури и понизност. Моќта на нашиот табиет можеби повеќе лежи во одбраната отколку во нападот, се чини дека умееме да преживееме, но не умееме да се менуваме. “Тие се како џбун во пустина - доволно силен да живее, но преслаб да раѓа.”
Во Латинска Америка, според Капушчински, политиката е занимација за богатите. Ако сиромавиот го прашате за политичките погледи тој вели: “Немам никакви погледи. Јас сум сиромашен”. Но, важно е да се напомене: постојат барем два вида сиромаштија: материјалната сиромаштија и сиромаштијата на потребите. Обете ù користат на власта, обете го зацврстуваат постоечкиот поредок. Во Македонија во моментов многу повеќе ме плаши сиромаштијата на потребите, тесноградоста, глупоста и фрустрациите отколку материјалната сиромаштија.
И уште една важна работа вели славниот полски новинар и писател: “политичките настани во Латинска Америка главно се плитки, површни. Површината е подвижна, разбранета, а внатрешноста, длабочината - неподвижна, мртвило. Овдешните власти создале моќни механизми на самоодбрана коишто слабата опозиција (која најчесто е само етичко-вербална) не може да ги попречи.”
На крајот, кога сè ќе се додаде и одземе, ми се чини дека клучниот услов за созревање и на поединецот и на заедницата е вештината на саморефлексија: кој е способен да ги прифати, а потоа и да ги преобрази сопствените грешки, тој е способен да ги победи и неправдите на државната политика.
Значи, меѓу фудбалот и политиката човек треба да се реши да погледне во себе, без бегање. Уште Паскал велеше дека модерноста ја карактеризираат и grandeur и misere. Само погледот кој ги опфаќа и двете може да ни даде неискривен увид во нашето време. Тој увид можеби ќе созрее во вистински политички поглед и став на сиромавиот.