Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


116

МОРНИЧАВИОТ ЦИРКУС БАРНУМ

04.07.2006.



Зад нас е една од најглупавите и најпразните предизборни кампањи во историјата на самостојна Македонија. Речиси сè беше плитко и некреативно: од слоганите, преку печатениот материјал, до често идиотските радио џинглови и видео спотови. За настапите на политичарите да не зборуваме... Фрик шоу! Како циркусот Барнум од деветнаесеттиот век: човек-слон, фрлач на ножеви и брадата жена, еквибрилисти и вентрикулисти (зборувачи од стомак, да, да, и такви гледавме во предизбориево!), повлекувачи на локомотива со заби, фрлачи на камен од рамо, скокачи во далечина наназад и блујачи на оган, но и фетуси со две глави, сијамски близнаци, највлакнестиот маж на светот, змијата што голтнала теле и слични куриозитети дискретно (со телохранители и ограда) одвоени од занемената публика... Сето тоа го видовме, повеќе-помалку, изминатиов месец.
Но, вистинските согледби нè чекаат по изборите. Ќе треба да се потрудиме да одговориме на можеби најважното постизборно прашање: зошто после шеснаесет години повеќепартиски систем и декларативна демократија работите во земјава изгледаат толку идиотски. Наместо прогрес - регрес. Наместо вештини, знаење, креативност и фантазија - триумф на глупоста, на бучноста, на примитивизмот. Го заслуживме сево ова?! Веројатно да, но анализите допрва ќе следат.
Во волку големиот степен на соголена глупост (мешавина од алчност, бескрупулозност и примитивизам) има барем една позитивна работа: демистификација на политичките елити. Пред десетина години главната мета за отстрел заслужено беше Љубчо Георгиевски (некои новински уредници и ден денес пакосно му го менуваат името во Љупчо; и притоа, по обичај, гласно врескаат за Македонија, за името Македонија! Меѓу другото и заради тие проклети двојни стандарди велам дека главно го заслуживме ова дереџе); денес барем исто толку забегано и опасно (како што звучеше Љубчо пред десет години) звучат барем половината од најекспонираните политички актери. Пред пет-шест години мислевме дека со квазиполитичарите од типот на Љубе Бошковски и нему сличните нивото на јавниот говор во Македонија го достигна дното; денес дури и гротескниот Бошковски делува речиси пристојно во однос на креаторите на предизборните кампањи.
Од друга страна, дали ваквата критика има смисла?! Дали каква било критика има смисла во волку распашано општество?! Што ако предизборните каравани “жестоко” ги споредувам со бродови на лудаци или Барнум циркусот, кога навредите што тие меѓусебно си гу упатуваат се сто пати пожестоки и побрутални од кои било јавни прозивки, а патем се и сосема ослободени од хумор или креативност... Тие меѓусебно се обвинуваат за пљачки што се мерат со десетици, па дури и со стотици милиони евра, си префрлаат едните со другите најгнасни морални и политички престапи - и притоа, се разбира, очекуваат да им веруваме, зошто тие ги имаат веродостојните извори на информации. Ако бивши министри, премиери и пратеници не знаат кој крадел и лажел - кој ќе знае?! И, ете, им велиме - веруваме. И?! Мислите дека Грујо, Бучко, Љубчо, Ѕинго итн. стварно ќе ги гледаме од онаа страна на решетките?! Или дека барем ќе понесат некаква морална или политичка одговорност за свињариите? Дека некој стварно ќе поднесе материјални консеквенци по својот говор?! Не, се разбира. Но, како тогаш воопшто имаат образ да се расфрлаат со толку жестоки обвиненија, без да ги поднесат импликациите за своите збеснати тврдења?! И притоа да очекуваат дека ќе поверуваме во “позитивните” страни на нивните приказни?!
Во психологијата постои еден интересен термин: “емоционална зараза”. Нашите политичари, со вишокот емоции и страсти (придружен со кусокот разум и знаење) се опасен извор за ширење на емоционални зарази, особено во вакви напнати периоди кога власта “се тркала по улица”.
Затоа велам дека не загрижува само неспособноста на нашите политичари реално да разрешуваат конфликти, туку и фактот што тие самите се важен извор на општествените конфликти; затоа во ова напнато време потсетувам на старата мудрост (изречена од агентот на ЦИА, Едвард Хантер, во педесеттите години на 20 век): луѓето се најподложни на пропаганда тогаш кога веќе се наоѓаат во состојба на висока напнатост.
Ме загрижуваат, значи, напнатоста и напаленоста на нашиве примитивни политичари кои тајфата и партијата ја ставаат пред поединецот; ме загрижува што членството во група кај нас почнува да значи добар начин за колективно и неказнето злоставување на други групи и поединци. Ме загрижува што мали групи во себе концентрираат огромна општествена моќ и што можат незауздано да ја наметнуваат својата волја.
Загрижува и што политиката се претвора во неодговорна пропаганда. А кога партиите се претворени во фирми и агенции за односи за јавност тогаш се губи основната задача на политиката: да понуди правда, одговорност, учество и сеопфатна грижа за што повеќе луѓе во заедницата.